Фармацевти
Контакт

<< Назад

Визуелен концепт на Професор Стефан Јакимовски

април 24, 2023



Ако многумина мислат дека миризбата е првата дразба што нè враќа во детството, тогаш онаа на моторните масла и на дихтунзите несомнено доминира во првата фаза на моето творештво. Созревајќи и спознавајќи ја идеалноста на кругот, се наметнаа „Мостовите“, кои мe поврзуваа не само со желбата да влијаам нa суровата реалност туку и со желбата да создавам со графичкиот израз „Мостови“, кои емпатично мизантропите ќе ги претвораат во филантропи.

Несомнено во последно време доломитни темели на моето творештво стануваат делата создадени во играта помеѓу едно мое таканаречено свето тројство. Тркалото на боите со својата комплементарност, враќањето кон рачната изработка, како во делата на Вилијам Морис, и компјутерскиот магичен допир, кој како катализатор само ја забрзува хемијата на создавање, а потоа се трудам да исчезне како да не постои.
Оттаму е и мојата посебна љубов, пасија и инспирација за постерот/плакатот.
Зборот плакат потекнува од новолатинскиот збор placare и placatum, односно означува голема објава истакната на јавна површина. На почетокот тоа биле столбовите и ѕидовите. Од англиското говорно подрачје зборот poster означува запишан текст, кој се лепи на површина.

Во своите историски мугри од страна на властите и црквата бил сметан за буре барут поради информациите што ѝ ги пренесувал на јавноста.
До појавата на аудиовизуел- ната уметност е едно од најмоќните јавни гласила за широките народни маси.

Театарскиот плакат уште од времето на Анри Тулуз де Лотерк бил и ќе биде најголем предизвик за уметниците и дизајнерите бидејќи со својот концепт истовремено имал ролја да го поттикне потенцијалниот гледач од партерот, но и да го доближи најкратко што може сижето на делото.

Периодот на Belle Epoque кон крајот на 19 век е неговиот кулминациски врв, кој и денес, и покрај сите нови медиуми и мултиме- дијални можности, не почнува да се приближува кон х-оската на Декартовиот координатен систем.

Токму затоа ве прашувам сите вас... зошто?
Кој и да е вашиот ценет одговор и размислување, доволно е што кога почнавте да го барате, ѕирнавте во мислите во сите области на современото општество.
Да, нема област во која плакатот во своите рамки не крие бесконечност од информации на навидум големиот мал простор. Едноставно, и подвижните слики на филмот зависат од овој голем „фрејм“, кој ги најавува.

Тој може да го привлече вниманието на гледачот и накратко да го задржи, но со импакт што остава долготрајно ехо во потсвеста. Ваквиот краток момент е првиот визуелен контакт со содржината на плакатот, кој треба да го мотивира, инспирира, да го натера гледачот да му го земе здивот, да го насмее, да го замисли, да се запраша, да се согласи и можеби да се револтира, да протестира или, пак, да разбуди некаква друга интуитивна сензација. Како и самиот живот.

Само добро визуелно конципиран постер може да ја пренесе пораката, да продава, да промовира, да охрабри или, пак, да нè убеди во нешто. Токму поради овие емотивни иницијации, тој, плакатот, може да биде искористен и како динамична сила за промена.

Иако неговата наједноставна дефиниција би го опишала како оглас напишан или втиснат на лист хартија и обесен или залепен на јавно место во форматот што најчесто е таков што овозможува употреба на букви доволно големи за да може да се прочитаат од поголема далечина. За неговиот развој, несомнено голема улога имаат авторите како Грасе, Стеинлен, Пиви д`Шаван, Бонар, Бердслеј, Харди, Пенфилд, Бредли, Рид, Унгер, Хејне, Штук, Холвејн, Арпке, Пецолд... но, најмногу секој од нас што длабоко верува дека традицијата е неизбришлива трага на постоењето на социјалниот живот на едно човеково битие.

Токму затоа плакатите се истовремено и непобитни историски артефакти за настаните што ги опишувал или најавувал. Особено значајна била неговата прогресивна улога во Русија за време на Октомвриската револуција. Познати се плакатите на Мајаковски, Мур, Иванов, како и на групата „Кукриникси“.
Технолошкиот развој го заменува литографскиот камен со плоча од алуминиум или цинк.

Потоа следува офсетниот печат како локомоти- ва на вагонот, наречен сито-печат. Големо значење за плакатот има и фотографијата, особено онаа во боја. Исто така, важни биле обновата на типографијата кон крајот на 19 век под влијание на Морис и движењето Art and crafts во Англија.

Плакатот несомнено е сведок на нашето време, без оглед на нашата возраст или епоха во која неговите сведоци твореле, творат или ќе творат. Едноставно, постерот е прапредок на мрежните медиуми, недостигала само кохезијата на интеракцијата со целните групи... замислете, кој е сè уште жив...

Не знам каде ќе ме однесе иднината, впрочем така е и во животот, а јас кон уметноста и дизајнот приоѓам токму како кон животот. Сè уште не можам докрај да се соголам иако многумина тоа го очекуваат од мене, но, најверојатно, тоа време доаѓа ако погледнам назад и околу себе.

Несомнено влијание на моето творештво има семејното ателје на татко ми, во кое и денес се гледам себеси преку првите делата на мојот син Јан.

Можеби за мене графичкиот дизајн е едно романтично бегство од суровата реалност во која само семејството е катчето во кое се чувствувам безбедно.

Впрочем, не заборавајте, јас секоја година имам повторно 18 години, учам од моите студенти можеби повеќе отколку што тие учат од мене, а кое се однесува на актуелната креативност. Каде ќе ме однесат новите правци - не знам, но тоа времето ќе го покаже.

За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Февруари 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>