„Вилина во простор“ е најновото претставување кое следи, што означува и зошто ги одбравте вилинските коњчиња?
„Вилина во простор“ е темата на најновата изложба која е во процес на организација. Поставката ќе биде претставена пред прилепската публика во галерискиот простор на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп во јуни. Целта на ова трето вилинско галериско претставување е да ги заокружам темата и истражувањето на вилинското коњче како еден од најмоќните инсекти. Оваа изложба е спој на тридимензионалната форма и скулптурното дејствување во инсталацијата.
Спојот на сите претставени дела, како што може да заклучите од насловот, е вилинското коњче... токму тоа како форма и моќ на адаптација, фактот дека постојат на планетата над 320 милиони години, тие се едни од најмоќните ловци предатори и фактот дека нивниот мозок е адаптиран на 80% визуелно анализирање се дел од фасцинантните информации кои ја доловуваат можноста за неисцрпна инспирација.
Скулптурата како форма на претставување?
Скулптурата ја има моќта на трансформирање и зграбување на просторот, ентериер и екстериерно влијание и надополнување. Моментот дека се обработува со трајни материјали и останува уште многу, многу години по нас со истата сила и експресија е една од најсилните страни во применетата уметност.
Ги споменавте материјалите за создавање на едно дело, кои материјали ги има Вашето портфолио и зашто точно се задржавте на овој?
Материјалот со кој во моментов ги создавам делата е челично јаже, материјал што се користи во тешката индустрија или, народски пренесено, како сајла, материјал што се корист за кранови, лифтови, жичницата на Водно. Конкретно јас ја користам понежната, чистата варијанта од материјалот, односно иноксното јаже.
Материјалот не ја менува својата боја, не дозволува заварување и нема промена од надворешни влијанија, има огромна цврстина, отпорност, трајност и сигурност. Изборот и одлуката да истражувам и да останам во овој материјал се во неговата уникатност, можностите и спојот на креативните идеи и форми што ги создавам. Добивам целосно уникатно луксузно дело. Во однос на другите материјали, имам работено со сите традиционални... камен, дрво, бронза.
Во Софија, во националната академија поставена е скулптура од камен од 3 метри работена во периодот на моето академско образование. Бронзата ја заокружив со неколку самостојни изложби на тема и обработка на формата на цветот кала, а најдраго дело ми е бронзениот портрет на Гане Тодоровски поставен во Струга.
Каква е Вашата уметност во затворен простор, единственоста и како е прифатена?
Со етикетата современа скулптура - современа уметност во моментов го пронаоѓаат патот до вистинските љубители кај нас луѓе кои се со истенчен вкус и кои обожаваат да ја довршуваат приказната заедно со мене, авторот.
Низ искуството ни се покажа дека ѕидните инсталации со третата димензија совршено влегуваат и во помали простори/домови. Доминантноста им е голема, но исто и богатството на формата и линијата, на секоја светлина се добива различна игра и различно доживување, оттука е и моќноста на делата. Во секој момент и сите различни агли на набљудување имаат своја засебна приказна.
Каква е поставеноста во ентериер?
Богата. Уникатна. Лесна. Поетична. Светкава.
Монументални или галериски формат дела, што претпочитате да создавате?
И двете. Можам да ви споделам дека комплесноста на создавање минијатура или голем формат ја доживувам исто кога сум во потрага по композициско решение.
За крај, што е следно?
Експериментирање со нови материјали, надополнување со бетон и епоксидна смола, премин на истражување и проучување нови форми.
За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јули 2023).