Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вистината за „органско“

септември 1, 2021

Тимот на Добра Земја

|

септември 2021

Контаминираноста на почвата, загадените подземнни води и неконтролираната употреба на пестициди се главните причини кои придонесуваат зеленчукот и овошјето на нашите трпези да создаваат повеќе штета отколку придобивки за нашето здравје. Премисата ЈАДЕТЕ ПОВЕЌЕ ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ ЗА ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ полека но сигурно го губи своето значење и  добива смисла доколку пред зеленчук и овошје ја додадеме придавката ОРГАНСКИ.

Што е, всушност, „органско“ производсто на храна и што ги прави овие производи подобри и поздрави од производите добиени на конвенционален начин?

Всушност, органското земјоделие е холистички пристап во управување со производството, кој го промовира и подобрува здравјето на агро-екосистемот, вклучувајќи го биодиверзитетот и природните циклуси, преку употреба на агрономски, биолошки и механички методи, во спротивност со употребата на синтетички материјали (хемикалии) во конвенционалното производство. Тоа е систем кој започнува да ги зема  предвид потенцијалните еколошки и социјални влијанија врз животната средина и општеството, а индиректно има позитивно влијание на нашето здравје.

Кои се директните придобивки за вашето здравје при исхрана со органски производи?

Преку консумирање  локална органска храна индиректно влијаете за подобрување на јавното здравје. Се намалува загадувањето на почвите и подземните води преку исклучување на употребата на хемиски ѓубрива и пестициди, додека со применувањето на одржливи земјоделски пракси се зголемува органската материја во почвата, а со тоа се намалува испуштањето на CO2 во атмосферата, кој директно е одговорен за климатските промени.

Колку е пократко времето поминато од берба до пласман, толку повеќе производот има можност во потполност да ги зачува своите хранливи продукти. Производот кој поминал илјадници километри пат не може да е здрав, напротив тој треба да е повеќе пати хемиски третиран за да издржи до својата крајна дестинација. Таквиот систем на прехрана не е одржлив – троши неповратни ресурси (вода, богатство на почва, човечки труд) и загадува со транспорт. Затоа, консумирањето локални и сезонски органски производи позитивно влијае на животната средина и го штити локалниот биодиверзитет.

Придобивките од овој начин на производство очигледно се големи, затоа и голем број на земји од светот градат стратегии за зголемување на органското производство. Секако, предничат западните земји. На пример, во мај 2020 Европската комисија го става органското како главен сегмент во реализирањето на Европскиот зелен договор. Во нивната стратегија е нагласено дека „пазарот за органски производи треба да продолжи да се развива, додека органското земјоделие мора да добие дополнителна поддршка и промовирање“. Како дел од оваа стратегија, Комисијата го објави „Акциониот план за органско производство 2021-2027“, чија цел е да го зголеми производството, но и побарувачката на овие производи. До 2030  година органското земјоделие да претставува 25 % од целото обработливо земјиште на ЕУ (во моментот е околу 9 %).

И во Македонија овој тип на производство е во постојан пораст, но со динамика типична за нас и за нашето општество. Со помалку од еден насто обработливи површини под органско производство сè уште ги правиме првите чекори. Интерес за овој начин на исхрана секако дека постои кај нашите граѓани, но и покрај важноста и придобивките, сè уште се сведува на мала група граѓани, свесна за своето здравје.

За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>