Фармацевти
Контакт

<< Назад

Витамини во педијатријата

декември 1, 2021

д-р Јасна Јермилова
педијатар
ПЗУ Медика МИМ

|



Витамините претставуваат сложени органски соединенија кои се од голема важност за нормално функционирање на човековиот организам. Според растворливоста се делат на  растворливи во вода (хидросолубилни) и растворливи во масти, односно липосолубилни.

Во групата на хидросолубилни витамини спаѓаат витаминот Ц и витамините од Б-комплексот,  додека липосолубилни се витамините А, Д, Е и К. Основен извор на витамини се прехранбените продукти, освен витаминот Д кој се создава во кожата под дејство на УВ-зраци, и витаминот К, Б2 и биотинот кои ги создаваат бактериите во дебелото црево. Витамините немаат својство да се депонираат во човековиот организам ,освен витаминот Б12 кој се депонира во црниот дроб, па оттука и потребата за нивно секојдневно внесување со исхраната. Со оглед на специфичностите на детското тело кое е постојано во фаза на раст и развој се наметнува заклучокот дека недостигот  на витамини, но и нивниот вишок може значително да влијае на здравјето на детето. Сепак, доколку исхраната е редовна и правилна ретко доаѓа до нарушување на детското здравје. Пореметувањата се главном ретки и се сретнуваат само во склоп на различни заболувања кои го компромитираат внесот на витамините  и распоред во организмот.

Карактеристично за детската популација е различниот начин на исхрана за одредена возраст. Во првата година од животот, поточно во првите 5 до 6 месеци, исхраната на доенчето е во основа  млечна. Деца хранети со мајчино млеко добиваат оптимални дози од сите витамини, освен од  витаминот Д, додека деца кои консумираат млечна адаптирана формула најчесто немаат потреба од дополнителна супституција со витамини, затоа што таа обезбедува оптимален внес.

По 6 месец кога се воведува немлечна исхрана потребите од витамини детето ги задоволува од храната. Доколку детето се храни со кравјо млеко кое нема доволна количина на витамин А и Ц, потребно е нивно надополнување. Нагласувам дека потребите за витамини се поголеми кај недонесените деца и деца родени со мала родилна тежина, и овде супституцијата е задолжителна.

Посебно внимание му посветувам на витаминот Д, кој е важен фактор во метаболизмот на калциумот и фосфорот, функцијата на основната клетка, имунитетот и хормоналната функција. Недостигот на витамин Д придонесува за сериозни заболувања на коскениот систем,

рахитисот и остеопенијата во детската возраст, односно остеопорозата и остеомалацијата кај возрасната популација. Освен на коскениот систем недостиг  на витамин Д неретко е причина и за манифестирање на одредени автоимуни заболувања, алергии и болести на срцето.

Гледано од биолошки аспект, основен извор на витамин Д се сончевите зраци. Под нивно дејство доаѓа до создавање на витаминот Д во кожата   познат како витамин Д3. Но ,оправданиот страв  од сончање како причина за појава на малигнитети на кожата го намали основниот извор на витамин Д. Ова ја наметна потребата за негово дополнително суплементирање. Според современите ставови, препорачаниот внес на витамин Д е во контекст со возраста, па така за возраст од 0 до 18 г. се потребни  400 IE дневно, а кај оние над 18 г. од 600 до 800 IE. Потребата од супституција на витамин Д е задолжителна во првата година од животот, без разлика со какво млеко се храни детето, и изнесува 400 IE на ден. По првата година, а со оглед на нашето географско поднебје и навиките, супституција се препорачува само во ладните месеци  периодично сè до третата година.

За детално читање на овој текст, погледнете на 14 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>