Витилиго е стекнато нарушување на пигментацијата, кое е резултат на отсуство на меланоцити во епидермисот (површниот дел на кожата) и појава на бели дамки на кожата. Се смета дека од витлиго страдаат 0,5-2% од светската популација, што го сместува витилигото во најчестото нарушување на пигментацијата. Иако може да се појави секоја возраст, има тенденција да се јавува почесто помеѓу 10тата до 30тата година од животот, без значителни варијации во преваленцата врз основа на полот, етничките групи или типот на кожа. Постојат различни теории за појава на кожна болест, точната сеуште не е позната, но најприфатена теорија за појава на витилиго е автоимуната.
Имено, витилигото обично е поврзано со други конкомитантни автоимуни нарушувања, а најчести се абнормалностите на тироидната жлезда. Клинички се презентира со добро ограничени бели дамки по кожата на телото, кои уште ги нарекуваме депигментирани макули, а кои може да имаат различен распоред и аранжман. Почетните лезии се јавуваат најчесто на рацете, подлактиците, стапалата и лицето, фаворизирајќи периокуларна или периорална дистрибуција. Постојат различни клинички форми на витилиго, а основната поделба е на сегментално и несегментално витилиго. Дијагнозата најлесто се поставува со “голо око” при клиничкиот преглед.
Сепак, имаме дијагностички алатки кои ни помагаат во дијагнозата, како што e Wood-овата светлина, со чија помош витилигото се отцртува од здравата кожа и се презентира како јасно ограничена светло бело дамка. Во минатото витилигото беше препознавано како естетски проблем кај пациентите кои се заболени, но во денешно време истото се отфрла како естетски проблем бидејќи предизвикува сериозни ментални и социјални последици во секојдневниот живот на пациентите. Во овој контекст, се прават големи напори за изнаоѓање на нови таргетирани терапии за витилиго, кои ќе дадат задоволителни резултати.
Пишува: доктор специјалист дерматовенеролог Маја Димова
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци