д-р Билјана Калчовска
специјалист по физикална медицина и
рехабилитација при ЈЗУ Универзитетска
клиника за физикална медицина и рехабилитација
„Пресвета Богородица“, Скопје
|
Болката претставува непријатно сензорно и емоционално искуство поврзано со постоечка или потенцијална повреда на дел од телото. Болката е најчест симптом кај болест или повреда. Taa настанува поради оштетување на ткивата и во основа претставува заштитна реакција на организмот од понатамошно оштетување. Интензитетот на болката не е секогаш поврзан со степенот на ткивното оштетување, бидејќи болката не е само физички туку претставува и ментален процес со широки реперкусии и последици врз луѓето.
Болката е биохемиска, физичка и психичка реакција на механичка, хемиска или топлотна дразба над прагот на осетливост на рецепторите за болка. Таа е субјективна и влијае на пациентот, но исто така влијае и на неговото потесно и пошироко опкружување и секако влијае на извршувањето на неговите секојдневни професионални и социјални активности.
Претставува најчеста причина за земање лекови и барање помош од здравствените работници. Акутната болка е најчеста причина за посета и барање помош од лекар, додека хроничната болка е најчеста причина за долготрајна функционална онеспособеност. Успешен третман на акутната болка превенира премин во хронична болка.
Многу е значајно пациентот правилно да ја опише својата болка. Тоа води и кон одредување на соодветниот третман за специфичен тип на болка. Болката може да се опише на различни начини како жарење, печење, боцкање, пулсирање, стегање... Кажувањето на пациентот дека „има болка“ не е доволно за лекарот да добие информација за каков тип на болка станува збор. Затоа секогаш е потребно пациентот правилно и детално да го опише постоењето на болката: колку долго ја има, дали се интензивира при извршување некаква активност, дали се намалува при примена на некаков аналгетик, кои положби на телото доведуваат до намалување на нејзиниот интензитет итн. Сето ова ќе овозможи да се олесни патот кон соодветниот третман.
Болката се дели според патофизиологијата на невропатска и ноцицептивна болка, како и комбинација на невропатска и ноцицептивна болка. Невропатската болка е вид на болка предизвикана од проблем со еден или повеќе нерви. Функцијата на нервот е (исто така) да испраќа пораки за болка до мозокот, и поради оваа причина, невропатската болка често пати ја опишуваат пациентите како чувство на печење, чувство на убод, трнење, мравивање... Постојат различни причини за појава на овој тип на болка - херпес зостер (постхерпетична невралгија), дијабетична невропатија, фантомска болка во екстремитетот по хируршко отстранување (ампутација) на екстремитетот, мултиплекс склероза, болка после хемотерапија, алкохолизам, рак како и разни други невообичаени нервни нарушувања. Ноцицептивната болка е термин за болка што е откриен од специјализирани сензорни нерви наречени ноцицептори. Овие нерви се наоѓаат во меките ткива и во внатрешните органи. Ноцицептивната болка се разликува од невропатската болка, која е предизвикана од оштетување на нервите. Оттука ноцицептивната болка се дели на висцерална болка која потекнува од внатрешните органи и соматска болка која потекнува од зглобовите, коските, мускулите и другите меки ткива. Психогената болка е поврзана со повеќе делови на централниот нервен систем. Таа предизвикува непријатно чувство, кое не е последица на видливо ткивно оштетување и не претставува манифестација на надворешна дразба. Овој тип на болка во најголем број на случаи е отпорна на конвенционалната аналгетска терапија, па затоа за нејзин третман е неопходна психијатриска проценка и третман. Според времетраењето болката се дели на акутна, субакутна и хронична болка. Акутната болка настанува во краток временски интервал најчесто од неколку часа и трае до еден месец. Таа е симптом на некоја состојба или болест. Нејзиниот интензитет е во корелација со состојбата или болеста и може да се дијагностицира и да се третира. Субакутната болка трае од 6 до 12 недели. Најчесто е вовед во хронична болка и бара подетална анализа за причината за нејзиното настанување. Хроничната болка трае подолго од 3 месеци. Претставува болест сама по себе и нејзиниот интензитет е индивидуален и не е во корелација со состојбата или болеста. Хроничната болка претставува предизвик за соодветен третман. Според интензитетот болката се дели на слаба, умерена и силна. Одредувањето на интензитетот на болка е субјективна метода и за тоа се применува т.н. Визуелна аналогна скала (ВАС-скала) која се состои од права линија од 0 до 100 милиметри, со што почетната точка на линијата значи отсуство на болка, крајната претставува многу силна или неподнослива болка. На овој вид скала на болка, мерењата се вршат со помош на цртеж на линија долг 100 мм. На секој крај од редот има безболно пишување како почетна точка на линијата и најсилна болка како крајна точка на линијата. Од пациентот се бара да означи на линијата, за да ја опише позицијата на болката. Потоа лекарот го мери растојанието помеѓу почетната точка на линијата до знакот даден од пациентот. Колку е пократко растојанието, толку е полесна болката. Од друга страна, ако растојанието е поголемо, тогаш чувствуваната болка е доста силна. Покрај Визуелната аналогна скала многу често се користи и Нумеричката скала за болка која се состои од линија со бројки од 0 до 10. Лекарот бара од пациентот да избере број според сопствениот праг на болка што би значело: бројот 0 не значи болка, броевите 1 - 3 лесна болка, броевите 4 - 6 умерена болка и броевите 7 - 10 означуваат силна болка. Изразувањето на интензитетот на болка е индивидуално односно субјективно што значи дека доколку за еден пациент болката е слаба до умерена за некој друг би значела умерена до силна. Затоа секогаш е потребно да се има индивидуализиран пристап во согледувањето, одредувањето и третманот на болката кај секој пациент поединечно.
Meѓународното здружение за проучување на болката ја прогласи 2020 година за година за превенција на болката. Она што може да се сублимира како препорака од ова здружение е: одржување здрав начин на живот што е силен импакт за спречување на хроничната болка, одржување на нормалната телесна тежина и примена на здрава исхрана, редовна физичка активност, елиминирање на нездравите навики како што се прекумерна употреба на алкохол и пушење, работа и одмор во соодветна позиција на телото, контрола на стресот и на тој начин намалување на изворите на непотребен стрес секогаш кога е возможно. Секогаш кога има потреба потребно е да се побара совет или психолошка / бихејвиорална терапија.
Во третманот на болка сепак примарното место го заземаат лекарите, секако примарно матичните, а потоа и соодветните специјалисти од различни специјалности кои треба да заземат индивидуализиран пристап насочен кон пациентот и фокусирање во мултимодален третман, сè со цел да се спречи преминот на акутна во хронична болка. Третманот може да биде фармаколошки кој сè уште го зазема првото, неприкосновено место во третманот на болката. Покрај фармаколошкиот постои и т.н. нефармаколошки пристап кој се состои од примена на физикални и рехабилитациони постапки, физичка активност и психолошка поддршка. Значајно е навремено дијагностицирање и навремен почеток со третман на акутната болка. Ненавремениот почеток како и несоодветниот третман на акутната болка води кон постепен развој на хроничната болка.
Една од најчестите форми на хронична болка претставува болката во долниот дел на грбот. Лумбален болен синдром претставува збир на симптоми од различна етиологија кои се манифестираат во вид на болка во лумбален или лумбосакрален дел на ’рбетот, со или без ширење во долните екстремитети. Најчеста причина се дегенеративните промени на интервертебралните зглобови во лумбосакралниот дел на ’рбетниот столб. Направени се проценки дека 9,2 % од светската популација страдаат од долногрбна болка, а во просек 70 % од популацијата во развиените земји имале лумбална болка. Утврдено е дека кај 10 % од болните кои имале акутна лумбална болка, истата преминала во хронична, а овие пациенти трошат 80 % од парите од фондовите и од осигурителните компании кои се наменети за заболувања на лумбалниот ден на ’рбетот. Овој вид на болка претставува најчеста причина за отсуство од работа. Лумбалната болка најчесто се јавува во најрепродуктивниот период од човековиот живот, на возраст помеѓу 25 - 64 години, но најчесто по 40-тата година од животот, подеднакво често кај двата пола. Хроничната лумбална болка најчесто е дифузна и тапа. Таа сe јавува при долго стоење, седење, одење, лежење и се повлекува по лесна физичка активност, но тегобите се засилуваат при потешка физичка активност. Целта на третманот на хронична лумбална болка се состои од: намалување или елиминирање на болката, забавување понатамошни патолошки процеси, одржување оптимална подвижност во зглобовите и ’рбетниот столб, враќање на највисоко-функционално ниво на болниот, спречување развој на контрактури и деформитети, превенција и спречување развој на хронична болка и онеспособеност и секако подобрување на квалитетот на животот на пациентите. За третман на хронична болка имаме широка палета на лекови, каде приоритетно место им припаѓа на нестероидните антиинфламаторни лекови (НСАИЛ). За постигнување оптимален резултат во бирање на лекот, дозата и начинот на примена мора да се почитува: индивидуалниот пристап, да се направи проценка на ризикот од примена на поедини НСАИЛ како и да се процени ризикот од примената на НСАИЛ кај пациенти со други хронични заболувања. Кај постоењето на хронична долногрбна болка значајна е примената на прав нестероиден антиинфламаторен лек кој има брз почеток на делување, добра ефикасност и толерабилност, кој може да се применува подолг временски период и има минимални можности за појава на несакани ефекти. Секако најзначајно е секогаш да успееме во превенцијата на настанувањето на хроничната болка со правилен начин на исхрана, редовна физичка активност, примена на вежби за јакнење на паравертебралната, абдоминалната и глутеалната мускулатура, правилни положби на телото, намалување на нивото на стрес и секако примена на најсоодветен аналгетик.
За детално читање на овој текст, погледнете на 14-16 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2021).