проф. д-р Слаѓана Ангелкоска
психолог
|
Препознавање и изразување на чувствата кај надарените деца
Емоционалниот развој е еден од најважните процеси во развојот на личноста кој се одвива под влијание на созревањето и социјалното учење. Емоционалните реакции ги следат сите наши доживувања, нашите емоционални реакции, тие претставуваат психички процес со кој му даваме вредност на она што го доживуваме и субјективно приоѓаме кон случувањата, лицата и сопствените постапки. Покрај субјективните доживувања, овој процес побудува и органски и бихевиорални промени. Овие промени се поврзани едни со други – како се чувствуваме, така и се однесуваме. Но, ние се чувствуваме онака како што размислуваме за едно случување.
Како настануваат емоциите?
Запазувањето на одредена појава директно предизвикува телесни реакции, а емоцијата е нашиот одговор на тие телесни реакции. Стимулусот патува од рецепторите до таламусот каде сигналот се преведува во јазикот на мозокот. Поголем дел од сигналите се проследени до делот на кортексот каде што се анализира и се толкува нивното значење и се подготвува одреден одговор. Ако одговорот е емоционален сигнал се праќа во амигдалата, која е еден психички и емотивен стражар и може да покрене емоционални одговори пред рационалниот мозок да процени што навистина се случува. Емоционалните испади пред да се вклучи рационалниот мозок повеќе му одмагаат отколку што му помагаат на човекот, а тоа зависи од содејството на префронталниот кортекс и лимбалниот систем, овој дел на неокортексот е одговорен за самоконтрола и смирување на емоционалните реакции.
Развој на емоциите кај децата
Од самото раѓање децата реагираат на надворешните влијанија и на случувањата во нивниот организам, само што бебињата поинаку реагираат кога се гладни, кога имаат грчеви, кога им е ладно. После раѓањето кај детето може да се јави само една општо неиздиференцирана емоционална состојба која се нарекува
општо возбудување, кое се јавува без разлика дали детето реагира позитивно или негативно на стимулусот. После три
месеци се издвојуваат две основни емоционални реакции:
пријатност (задоволство) и непријатност (вознемиреност).
До
шестиот месец од непријатност се диференцираат три емоции:
гнев, гадење и страв, нешто подоцна до
деветтиот месец од пријатноста се издвојува
одушевување и наклонетост кон возрасните – која наклонетост околу
тринаесеттиот месец преоѓа кон
наклонетост кон децата. Во половината на
втората година детето може да реагира
љубоморно, а во
дваесет и првиот месец во состојба е да изрази
радост.
Карактеристики на детските емоции
Емоциите кај децата значајно се разликуваат од емоциите кај возрасните. Тие разлики се уочливи во начинот на јавувањето на емоциите, изразувањето, интензитетот, зачестеноста и должината на траење. Децата реагираат непосредно на сите промени, а емоциите кај нив се уочливи преку нивното надворешно манифестирање: експресија и движење на целото тело. Детските емоции се интензивни и кратко траат. Како што се менува стимулацијата така се менува и позитивното/негативното емоционално реагирање. Сите начини на емоционално реагирање без емоционална контрола прават децата да ги изразуваат емоциите на поразличен начин од возрасните.
Имаме две групи на емоции: основни или примарни и сложени емоции.
Примарни емоции
Првите емоции кои се диференцираат се основните или примарните емоции: гнев, страв, радост и тага. Првите три ја зголемуваат тензијата и поттикнуваат на активност, додека тагата е емоција со пониска тензија и активација. Гневот и радоста тежнеат кон целта, додека стравот е емоција која тежнее кон избегнување, бегање од опасност.
Лутина – се јавува кога некоја препрека ја попречува активноста или постигнувањето на целта што доведува до фрустрација. Лутината може да биде проследена со директна или померена агресија. Како што растат децата физички агресивните реакции опаѓаат, а растат вербалните, но поради неповолните последици децата учат како да ја контролираат оваа емоција.
Страв – се јавува во ситуација која му се заканува на интегритетот на личноста. Стравот е предизвикан од неочекувани промени, бидејќи ја намалуваат контролата над ситуацијата, а ја зголемуваат неизвесноста дека опасноста може да се избегне. Стравот е проследен со интензивни промени во организмот и во однесувањето. Стравот може да се јави во различен распон – од мал страв до афект на ужас.
Радост – се јавува откако ќе се постигне посакуваната цел. Интензитетот на радоста зависи од вредноста на постигнатата цел, нивото на насобраната тензија во текот на мотивирачката активност и моментот во кој се постигнува целта со што тензијата се намалува.
Тага -– се јавува после губење на нешто кон што сме тежнееле или објектот кој сме го сакале и сме сонувале за него. Кај децата тагата се развива подоцна од останатите примарни емоции поради сложеноста на ситуациониот склоп во кој се јавуваат овие емоции. Тагата бара разбирање на загубата и последиците до кои таа води. Интензитетот може да биде од умерен до најголемо очајување поради загубата.
Гадење – примарна емоција која е предизвикана од различни објекти кога ќе ги видиме, помирисаме, вкусиме или допреме. Окарактеризирана е со непријатни сетилни и моторни состојби, телесни сензации кои настануваат од мачнина, тенденција на повраќање и други реакции. Гадењето е поврзано со голема тенденција на избегнување.
Сложени емоции
Со возраста доаѓа до стабилно поврзување на емоциите со други психички процеси: когнитивни и конативни. Нивниот развој е поврзан со процесите на социјализација и стандардите на вреднување.
Во оваа група влегуваат емоциите кои се однесуваат на самопроцена: чувство на успех и неуспех, гордост, срам, вина и каење.
Чувството на успех ја следи субјективната самопроценка дека резултатот е постигнат, додека, пак, неповолниот резултат доведува до
чувство на неуспех. Двете емоции се поврзани со сопственото ниво на аспирација и мотив за постигнување.
Чувство на гордост – се јавува со доживување на релативно високи вредности на својата личност или својата улога, додека обратно
чувство на срам се јавува со свеста за сопствените недостатоци или недолични постапки. Оваа емоција кај детето се јавува откако ќе се формира своето Јас ( третата година). Во развој на ова чувство се користат надворешни социјални стандарди за вреднување на однесувањето.
Чувство на вина – се јавува кај личност која има чувство дека се огрешила во моралните норми и однесување, проследен е со грижа на совест. Каење е непријатна емоција која се јавува кога се сеќаваме на нашето однесување поради кое имаме немирна совест. Интензитетот на ова чувство е поврзано со претходното искуство.
Емоции кои се однесуваат на другите луѓе
Во оваа група на емоции влегуваат: љубов, љубомора, омраза, презир, завист, сожалување, восхитување, стравопочитување.
Љубов – е сентимент кој содржи чувство на наклонетост, нежност и приврзаност кон личноста која нè привлекува. Кај децата наклонетоста кон мајката се јавува во првата година, а кон другите деца во почетокот на втората година.
Омраза – е сентимент во чија структура се чувствата на ненаклонетост, аверзија и одвратност.
Љубомора – е сентимент кој се јавува како реакција на реална или замислена опасност дека саканиот објект ќе го изгубиме. Кај децата оваа емоција се јавува во втората половина на втората година. Детето на љубомората може да реагира отворено со физичка или вербална агресија или прикриено со регресија, стравови, пелтечење.
Завист – е негативна емоција која се јавува кај личноста во ситуација кога ќе забележи дека личноста која ѝ е блиска поседува или го постигнува тоа што и самата го сака.
За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2021).