Фармацевти
Контакт

<< Назад

Воспаление на синусите

јануари 1, 2020

Автор-Прим Спец Др Кирјас Маја
Хирург-оториноларинголог
ЈЗУ Клиника за оториноларингологија
Клинички и Универзитетски Центар - Скопје

|

Синусит подразбира акутно или хронично воспаление на синусите каде причинителот е од бактериска, габична, вирусна инфекција или алергија на одредени алергени.

Постојат четири групи на синуси - максиларни, фронтални, етмоидални , сфеноидални. Сите се препокриени со слузница која лачи секрет со што се одржува влажноста во ноздрите и се задржуваат надворешните честички .



Воспалениението  на синусите настанува поради едематозна/отечена слузница со затварење на изводните канали од синусите кон носот. Тоа  би значело, попречена  дренажа или аерација/вентилација на синусите. Евидентно е при преглед/снимка  да воочите задебелување или оток  на нивната слузница. Попречен е патот за излачување на секретот кој постои во нив, воедно течноста/секрецијата се задржува во синусите и предизвикува главоболка, локална болка во предел на синусот со што се воочува  акутно воспаление или акутен синуситис .

Акутниот синузит има карактеристична болка или притисок околу очите, главоболка, исцрпеност. Карактеристично покрај болката е и покачена телесна температура, зголемена носна секреција која ја чувствува пациентот и се слева кон грлото, намалено чувство за мирис и вкус, неретко-оток во предел на лицето, чувство на отежнато дишење низ нос.

Хроничниот синузит е состојба која трае пролонгирано, каде најчест причинител е алергијата. Пациентите се праќаат на алерголошки тестови, имунолошки иследувања и изолирање на ИгЕ од носната слузница.

Статистички 35% од светската популација боледува од некој тип/облик на алергија, независно дали е сезонска или целогодишна. Дел од вината е и во стресниот начин на живот. Најраспоространет е алерискиот ринит, но не помалку се распоространети и другите алергиски реакции кои предизвикуваат проблеми во останатите горни и долни респираторни /дишни патишта, кожни реакции, алериски ларингит, алергиски дерматит, астма, предизвикани најчесто од пречувствителните супстанци во околината како поленот, тревата, коровот, цветни стебла (како најчести алергени), алергија предизвикана од храна, домашна прашина и се друго со што сме опкружени.

Како и лекувањето на другите болести, честопати се користи каузална  или симптоматска терапија. За добра евалуација на заболувањето неопходно е да се направи првенствено фибер-ендоскопско испитување кое се врши во амбулантски услови, безболно, неризично (се врши од најмала детска возраст) и се евидентира состојбата на носната слузница, состојбата на синусниот отвор кон носот, јачината на воспалението, обилноста на секрецијата. Ренген дијагностиката ,компјутерската терапија е неретко потребна за комплетна дијагностика и поставување на точна дијагноза.

Лекувањето зависи од причинителот на синусното заболување. Правилно е пациентот да направи микробиолошко иследување. Во случај на бактериска инфекција детерминирањето на бактеријата и антибиограмот му помага на лекарот за правилното дејствување, ординирање на антибиотската терапија.

Во случај на вирусна инфекција  се ординира антивиротик и симптоматска терапија за ублажување на симптомите. Поаѓајки од фактот дека јака вирусна инфекција прави поголемо влошување на инфекцијата се ординира и антибиотска терапија.

Деконгестивите, назалните спееви се ординираат и кај бактериските и вирусните инфекции. Доколку станува збор за хроничен синузит неопходно е користење на антихистаминска терапија, леукотриени (во комбинација со антихистаминици), локални кортико назални спееви. Кај синузит со јака симптоматологија неретко се ординираат и системски кортико апчиња  или инјекции (венски или мускулно ординирани). Битно е да се нагласи дека антихистаминската терапија како и леукотриените имаат најдобро дејство доколку се користат барем три недели. Кај алерискиот синузит може и нивно пролонгирано - неколку месечно користење. Алергијата никогаш во потполност не можете даја излечите, но може да ја ставите под контрола.

Имунолошкиот систем има значително влијание, не само на синузитот туку на сите заболувања. За таа цел потребно е пациентите да имаат правилна и здрава исхрана, може да се користат  суплементи доколку имаат брзо темпо на живот. Имуностумулатори се користат за подигање на имунолошкиот систем на организмот, но сепак за нивното користење консултирајте лекар.

Инхалациите се исклучително добри и може да се прават и во домашни услови, бидејќи инхалатори може да се набават во нашите аптеки. Речиси секогаш кога вршите инхалација во домашни услови е потребно да користите  покрај лекот  и  физиолошки раствор 2 мл . Сепак за правилно користење на пишаново е потребна консултација со вашиот лекар.

Просторот во кој живее индивидуата е битно да е со одрена влажност. Во зимскиот период суви и прегреани простории честопати ја влошуваат состојбата.

Хируршките интервенции на синусите мора да имаат свои посебни индикации. Најчеста индикација е анатомска опструкција /оневозможеност на дишењето и дренажа на секретот во синусите. Оперативните интервенции се корегирање на носната преграда (септална девијација), хипертрофија на носните школки/конхи, назални полипи и полипи во синусните шуплини. Пред оперативната интервенција неопходна е ендоскопска опсервација на пациентот , компјутерска томографија, магнетна резонанца .

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2020).

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>