|
Пролетта е идеално време кога временските услови ви дозволуваат физички активности на отворено, со што можете да стекнете добра кондиција и да добиете поубава линија на вашето тело. Возењето велосипед не само што е едноставен начин за зацврстување на вашето тело, туку е одлично превозно средство кое носи премногу придобивки. Возењето велосипед може да се смета и за социјална активност со која ем ќе трошите калории, ем ќе се дружите и забавувате.
Ќе ви помогне да се ослободите од вишокот килограми
Доколку сакате да ја намалите вашата телесна тежина, возењето велосипед е идеалниот начин за согорување калории, особено во овој период од годината. Покрај тоа што ќе се ослободите од вишокот килограми, оваа активност ќе ви помогне да ја оформите линијата на вашето тело. Истражувањата покажале дека оваа кардиовежба ги топи мастите не само за време на возењето, туку извесно време по завршувањето.
Го подобрува здравјето на срцето
Поради фактот што возењето велосипед е квалитетна аеробна и кардиоваскуларна вежба, претставува одлична активност која го подобрува здравјето на срцето. Овозможува поголема размена на кислород, го зголемува протокот на крв и го поттикнува срцето да работи побрзо.
Ги зајакнува мускулите
Возењето велосипед ги активира скоро сите мускули во телото; ги раздвижува мускулите на нозете, стомачните мускули, мускулите на рамената и рацете, како и мускулите на грбот. Ја враќа флексибилноста на целото тело, со што дејствува позитивно особено во долниот дел од грбот, каде голем дел од популацијата се соочува со болки.
Ја намалува болката во зглобовите
Можеби сте од оние кои мислат дека возењето велосипед е заморна активност и дека нема логика да ги намали болките во зглобовите. Всушност, тоа е вистина. Оваа кардиовежба ја намалува болката во зглобовите и особено болката во колената. Со почестото возење велосипед, вие го подобрувате движењето во мускулите. Пренесувајќи ја целата тежина на силните коски и карлицата, вие, всушност, ги заштитувате зглобовите од преголем товар.
Го подобрува држењето на телото
Додека возите велосипед, вие, всушност, одржувате рамнотежа во вашето тело – што ви помага во балансот и правилното држење на телото. Координирајќи го движењето на целото тело, дејствува на правилното одење и правилното стоење.
Го намалува ризикот од карцином
Точно е. Како и повеќето физички активности, и возењето велосипед придонесува во намалување на ризикот од карцином. Неактивниот начин на живот е причината поради која вашето тело ги собира токсините и тие со тек на време се таложат во организмот. Повеќето студии покажале дека луѓето кои возат барем 30 минути велосипед дневно, се помалку изложени на рак на дојка или рак на дебело црево.
Го намалува стресот
Стресот е штетен многу повеќе од што можете да замислите. Секој вртеж на педалите дејствува терапевтски. Возењето велосипед ве релаксира, со што го намалувате нивото на стрес. Со само 30-минутно возење, ќе ве исполни чувството на задоволство ослободувајќи ги хормоните на среќа како серотонин и допамин – што ќе придонесе да бидете мотивирани и среќни.
Бонус BETTY совет
Доколку имате хронични заболувања, проблеми со срцето, артритисот или слаби коски, пред да започнете со интензивно возење велосипед, консултирајте се со вашиот лекар. Исто така, внимавајте на висината на седиштето од велосипедот кое треба да биде добро наместено.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2020).