д-р Марија Перовска
невролог
|
Болката како непријатна сензација може да биде епизодна или хронична и доколку трае со месеци или години го намалува квалитетот на секојдневното живеење. Главоболката е една од 10 најчести причини поради кои пациентите го посетуваат својот матичен лекар. Се проценува дека повеќе од 90% од пациентите се соочуваат со главоболка во текот на својот живот.
Видови главоболка
Постојат неколку поделби, но погрубата категоризација ги дели на мигренозна и тензиска главоболка. Тензиската главоболка се јавува во обете половини на темето и тилот во вид на обрач со среден тип на јачина, со времетраење од неколку часа, а може да го зафати и вратот. Мигрената, сепак, како најчеста примарна главоболка е причина за посета на невролог со честота повеќе од 90% и втора причина за онеспособеност во секојдневната рутина на живеење, особено кај жени во млада и средна возраст.
Како да направите разлика помеѓу мигрена и тензиска главоболка?
- Мигренозната болка вообичаено се јавува на едната страна и може да трае од 4 до 72 часа.
- Може да биде придружена со гадење и повраќање и се влошува при движење.
- Може да биде придружена со аура.
Кои се симптомите на мигрена?
Во моментот околу 1 милијарда луѓе страдаат од мигрена. За нејзиното јавување се заслужни генетските фактори здружени со влијанието на околината. Надворешни фактори се: стресот, промена во секојдневната рутина (недоволно сон, избегнување оброци), женските хормони, силни мириси (парфем, бензин, бои), потоа временските промени, зголемена консумација на кафе (3-4 шолји) и алкохол, како и одредена храна (одредени видови вино, сирење). Вообичаено, на почетокот се јавуваат продромални симптоми, како промена на апетитот, чувство на истоштеност, задршка на течности, раздразливост, а кај некои пациенти и состојба на аура која се јавува најчесто во вид на промени во видното поле како трепкачки светла или слепи точки, а потоа следува главоболката која е прободувачка, раскинувачка, обично во една половина на главата, придружена со гадење, повраќање, зголемена чувствителност на звук, бучава, светло, мириси. По смирување на главоболките за 4-72 часа се јавува потреба за сон, изнемоштеност. Јасно е дека мигрената има силно влијание врз секојдневните активности, фамилијарните, социјалните односи и работниот процес.
Дали мигрената може да се лекува?
Се препорачува лесна физичка активност како: јога, пилатес, пешачење, избегнување тригери во исхраната кои може да ја потенцираат главоболката и упорност во модификација на животниот стил. Она што треба да се нагласи е дека со правилен избор на лекови мигрената може добро да се менаџира. Потребно е лекот да биде ефикасен, да има брзо, но и долготрајно дејство. Методи кои се применуваат во светот се и ботулинум токсин, моноклонални антитела, транскранијална магнетна стимулација, акупунктура.
Зошто напроксен е еден од најпрепорачуваните лекови во третман на мигрена?
Напроксен (во форма на натриумова сол) брзо се раствора и
брзо ја намалува болката.
Клиничките испитувања ја докажуваат ефикасноста на напроксенот во намалување на болката и поради тоа е дел од меѓународните упатства за третман на мигрена.
Напроксенот има долг полуживот и како резултат на тоа долготрајно дејство
до 12 часа. Ова го прави особено корисен при намалување на мигренозен напад, кој може да трае до 72 часа.
За превенција на мигренозни главоболки, напроксен натриум се препорачува во доза од 550 mg два пати на ден. Ако честотата, интензитетот и времетраењето на мигренозните главоболки не се намалат во рок од 4 до 6 недели, терапијата треба да се прекине. За терапија на мигренозни главоболки, при првите знаци на евентуалниот напад треба да земете доза од 825 mg, а потоа уште една доза од 275 mg до 550 mg по 30 минути, доколку е потребно.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2020).