|
Сè повеќе и повеќе експерти ја препознаваат дебелината како болест. За некого ова претставува изненадување, а за други олеснување, особено за оние што живеат со дебелина. Но, зoшто дебелината е болест, а не едноставно само недостиг на волја или начин на живот? Дел од одговорот лежи во фактот дека дебелината е повеќе отколку што се чини. Многу повеќе.
Лондон, 2018 година. Бил одржан состанок на кој присуствувале група научници, од Кралскиот колеџ на лекари (Royal College of Physicians - RCP) каде што се дискутирало дали дебелинатa треба да биде признаена како болест или не. Д-р Ендрју Годард внимателно слушал. И би требало тоа да го прави. Пред само неколку месеци тој бил избран за 121. претседател на RCP – најмлад во последните 400 години.
За него овој состанок не бил игра на зборови, туку сериозна тема што ќе го промени начинот на кој луѓето ја гледаат и ја третираат дебелината. На крајот на состанокот гласовите биле обединети – дебелината претставува болест. Хронична, но, сепак, болест што може да се третира и зависи не само од нашите гени, туку и од модерната средина во која живееме.
„За здравјето на населението важно е да ја отстраниме стигмата поврзана со дебелината. Не станува збор за индивидуален избор на начинот на живот, туку болест предизвикана од здравствени нееднаквости, генетски влијанија и социјални фактори“, вели д-р Ендрју Годард.
Науката за дебелината
Тимот лекари на д-р Ендрју Годард не бил првиот кој се состанал за да дискутира во врска со дебелината. Ширум светот, слични експертски работни групи дошле до истиот заклучок што често предизвикува жестоки дебати во јавноста. Дебелината сè уште се смета за прашање на животен стил – колку јадете и колку малку се движите. Колку енергија внесувате и колку енергија трошите. Едноставно, нели? Но, според науката ова не е точно.
Со цел да сфатите зошто, да започнеме со краток експеримент за размислување.
Замислете болест која:
- Ги доведува луѓето во висок ризик од развој или влошување на други сериозни здравствени состојби како што се: кардиоваскуларните болести, дијабетес тип 2, зголемен крвен притисок, висок холестерол, опструктивна апнеа во текот на спиењето, одредени типови на рак, анксиозност и депресија,
- Го менува начинот на кој телото реагира на терапијата. Тоа што порано функционирало повеќе не функционира,
- Нашето секојдневно опкружување постојано ја засилува,
- Влијае на луѓето во текот на целиот живот.
Но, луѓето што живеат со оваа болест ретко бараат професионална лекарска помош, бидејќи веруваат дека сами може да се носат со тоа.
Зарем не би сметале дека оваа болест е сериозен медицински проблем?
Нова надеж за подобро здравје
Оваа болест не е измислена ниту невидлива. Таа постои и се нарекува дебелина. Луѓето што живеат со дебелина се потсетуваат на тоа секој ден – во јавниот превоз, во продавниците за облека, парковите, дури и кога вечераат со луѓето што ги сакаат. Но, големината е најмалку важен аспект на дебелината. Важни аспекти се оние што не можете да ги видите.
Добрата вест е тоа што дебелината е болест која може да се третира, а луѓето што живеат со неа сè уште може да го подобрат своето здравје и благосостојба. Всушност, намалување на телесната тежина од само 5 % е доволно за да се намали ризикот од некои здравствени компликации поврзани со телесната тежина, како што е висок крвен притисок.
Но, справувањето со телесната тежина нема брзи решенија. За да ослабнат и за да ја одржат телесната тежина на луѓето со дебелина им се потребни соодветен тековен третман и грижа. Поради тоа е важно да се препознае дебелината како болест и да се третира користејќи ги најновите научни достигнувања.
Еден начин на третман не е ист за сите
Иако многу луѓе имаат дебелина како заедничка карактеристика, на секој од нив му е потребен индивидуален план за третман. Сите ние имаме различни гени, здравје, животна историја, карактери и опкружување и не сме мотивирани од исти цели. Персонализираниот план за третман веројатно ќе бара комбинација од различни терапевтски опции за да се задоволат потребите на поединецот.
Сè поголем број здравствени работници разбираат што е потребно за да помогнат
Сè повеќе и повеќе здравствени работници ја препознаваат комплексноста на дебелината и учат како да помогнат. Нивниот сет алатки кои нудат различни терапевтски опции се зголемува и постојано се надградува. Денес во него се вклучени терапии за однесувањето (бихејвиорални терапии), замена на оброците и нискоенергетски диети, лекови против дебелина и баријатрична хирургија. Тие, исто така, гледаат подалеку од само што јадете и колку се движите. Современото справување со дебелината подразбира разбирање на индивидуалните шеми на исхрана (како, кога и зошто јадете), како и шемите на расположение, сон, стрес и физичка активност.
За детално читање на овој текст, погледнете на 8 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2022).