Фармацевти
Контакт

<< Назад

Дали има разлика меѓу хипотиреоза и Морбус Хашимото? Што треба да знаеме

ноември 30, 2025

Во секојдневната пракса често се среќаваме со пациенти кои имаат неспецифични симптоми како замор, покачена телесна тежина, студени екстремитети, промени во расположението, намалена меморија, отоци, несоница, констипација, нарушен менструален циклус, сува и рапава кожа, мускулна слабост, нарушена моторика, покачени маснотии во крвта, анемија и др. Доколку постојат некои од овие симптоми треба да се посомневаме дека станува збор за намалена функција на тиреоидната жлезда (хипотиреоза).

Кај секој пациент не се присутни сите симптоми. Може да има само некои од наведените симптоми или хипотиреозата да се открие случајно при лекување на некои други болести или состојби, како на пример кај пациентки кои имаат проблем со зачнување. Овие симптоми се поврзани со функцијата на тироидната жлезда. Понекогаш пациентите не обрнуваат внимание на овие симптоми препишувајќи ги на стресен живот или неправилна исхрана.
Тиреоидеата е мала, но исклучително важна жлезда лоцирана во предната страна на вратот, која има задача да лачи хормон тироксин. Меѓу најчестите состојби поврзани со неа се хипотиреоза (намалена функција на тироидата) и зголемена функција (хипертироидизам).
Хипотиреоидизмот може да биде траен и минлив. Трајниот е најчест и тука припаѓа Морбус Хашимото.
Минливиот хипотиреоидизам се должи на употреба на некои лекови (амиодароне, литиум, некои цитостатици) или на постпородилен тиреоидит.

Што е Хашимото тиреоидитис?
Морбус Хашимото е автоимуно заболување, при кое имунолошкиот систем ги напаѓа клетките на тироидната жлезда, што постепено доведува до нејзино оштетување и намалена продукција на тироидни хормони. Ова е најчеста причина за хипотиреоза во светот.

Пациентите со Хашимото често имаат:
Зголемена тироидна жлезда (струма)
Позитивни антитела: TPOAb (антитироид пероксидаза) и TGAb
Постепено влошување на функцијата на жлездата

А што е хипотиреоза?
Хипотиреозата претставува состојба на намалена продукција на тироидни хормони. Може да настане како последица на Хашимото, но и поради други причини: хируршко отстранување на жлездата, терапија со јод.

Главни разлики:

Карактеристика Хашимото тиреоидитис Хипотиреоза
Причина Автоимуна Може да е последица на Хашимото или друго (хирурушко отстранување)
Антитела Присутни (TPOAb, TGAb) Не мора да се присутни
Прогресија Постепено оштетување Може да биде акутна или хронична
Лекување Левотироксин Левотироксин

 

Заклучок
Лекувањето на хипотиреоидизмот е доживотно со Т. Левотироксин.
Постојат студии кои покажуваат дека за функцијата на тиреоидеата значителна улога има присуството на селен во исхраната. Испитувањето на селенот во крвта не е рутинска анализа, па затоа кај пациентите со хипотиреоза може да се додаде во форма на таблети.
Ние семејните лекари многу често комуницираме со нашите пациенти и нашата улога е да ги препознаеме симптомите навреме, да иницираме испитувања на хормоните TSH, FT4 и антителата и да ги упатаме доколку е потребно кај ендокринолог. Навремената дијагноза и соодветната терапија овозможуваат пациентите со Хашимото или хипотиреоза да имаат нормален и квалитетен живот.

Пишува
Д-р Јасминка Заревска-Поповска, специјалист по семејна медицина

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>