Д-р мед. сци. Маја Милованчева – Поповска
интернист – нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
|
Стареењето на населението и продолжувањето на животниот век придонесоа за промени во ставот за тоа што е здравје, а што е болест. Бројот на возрасни кои достигнуваат постара возраст брзо се зголемува и бројот на нови случаи на канцер, исто така, се зголемува. Канцерот може да се смета за болест поврзана со возраста, бидејќи појавата на повеќето канцери се зголемува со возраста, започнувајќи од средната возраст. Но, после 90 година од животот канцерот е невообичаена причина за смрт.
Очекуваниот животен век и процентот на население кое доживува постара возраст драматично е зголемен во текот на минатиот век. Во минатото луѓето живееле 47 години, сега живеат многу подолго.
Возраста е најголем ризик-фактор за развој на канцер. Стапката на канцер е највисока на возраст од 64 до 65год., 60 % од луѓето кои имаат канцер (бели дробови, дојка, колон, простата) се 65 години и постари. Ризикот од развој на канцер експоненцијално се зголемува со возраста. Затоа, канцерот
е болест на постарата возраст. Но, ова не значи дека дефинитивно ќе заболите од рак како што стареете.
Со тек на време,
клетките на телото се оштетуваат. Тоа може да настане случајно или да е предизвикано од нешто како пушење цигари или ултравиолетово зрачење од сонцето. Некогаш телото може да го поправи оштетувањето. Но, како старееме има повеќе време овие оштетувања да се натрупаат и да предизвикаат раст и размножување на клетките повеќе од вообичаено, предизвикувајќи канцер. Оштетувањата на клетките се „собираат“ и поголема е шансата некое од тие оштетувања да води до канцер.
Развојот на канцер е сложен процес кој се јавува во тек на повеќе години. Биолошките процеси на стареење се мистериозни и варијабилни. Некои од биолошките механизми кои го регулираат стареењето се вовлечени во настанување болести поврзани со стареење како што е канцерот.
Со возраста се зголемува времетраењето на изложеност и акумулацијата на ризиците за канцер. Стареењето и канцерот имаат некои заеднички одлики. Преминот од нормални во канцер клетки е мултифакторијален процес кој вклучува
акумулација на оштетувања и мутации кои настануваат со тек на времето заедно со
нарушување во системите за поправање и регулација на клеточниот раст.
Истражувањата покажуваат дека промените поврзани со стареењето во клеточната микросредина (зголемена инфламација, намалена имунолошка функција) водат до мутации кои поддржуваат размножување и дисеминација на променетите клетки. Различни ризик-фактори може да влијаат на различни точки во тој процес на трансформација и да го забрзаат оштетувањетоː чад од цигари, вирусни инфекции, ризик-фактори од околината или на работното место, изложеност на хемиски и физички агенси.
Стареењето е
генетски детерминиран процес и делови од тој процес не може да се менуваат. Процесот
може да се модифицира со избегнување на факторите кои влијаат на биолошките механизми кои го забрзуваат процесот на стареење и го зголемуваат ризикот за рак. Така се забавува стапката на стареење и се одложува почетокот на канцер.
Средните години, произволно возраста од 45 до 64 години, се период кога има многу ризици за канцер и честотата за многу видови на канцер почнува да се зголемува. Средната возраст е време на зголемена осетливост на канцер и време на превенција за канцер.
Пушењето тутун, цигара, пура или луле, сигнификантно го зголемува ризикот за развој на канцер на бели дробови, канцер на уста, грло, хранопровод. Во која било доба од животот пушачите треба да се окуражат да прекинат.
Екцесивна консумација на алкохол влијае на развој на канцер на уста, грло, гласни жици, хранопровод, црн дроб, панкреас, дојка. Се смета дека тоа е поради оштетување на ДНА, создавање реактивни кислородни специеси, хронична инфламација, дефицит на фолати и други хранливи материи, зголемено ниво на естрогени. Особено е лоша комбинацијата на прекумерна консумација на жестоки алкохолни пијалаци и пушење.
Дијабетес тип 2 е асоциран со зголемен ризик за развој на рак на дебело црево, дојка (постменопаузално) и панкреас. Дијабетесот го забрзува биолошкото стареење. Превенција и лекување на дијабетесот во средна возраст го намалува ризикот од некои канцери подоцна во животот.
Ексцесивна телесна тежина се поврзува со зголемен ризик за мноу типови на канцер преку мултипли биолошки меанизмиː езофагус, жолчно кесе, панкреас, колон и ректум, бубрег, тироидна жлезда, дојка и матка. Висцералното масно ткиво продуцира супстанции
цитокини кои создаваат хронична инфламација и промовираат раст на канцер.
Зголемената телесна тежина е поврзана и со
метаболистичкиот синдром кој е два пати почест во средната возраст отколку кај младите возрасни. Метаболистичкиот синдром се поврзува со зголемен ризик за канцер. Со превенирање на метаболистичкиот синдром (здрава исхрана, физичка активност) се намалува ризикот за канцер.
Изложеноста на
зрачење е особено асоцирана со зголемени ризици за канцер за луѓе во средна возраст. За повеќето возрасни, најголема експозиција на
јонизирачко зрачење е при медицински иследувања.
Изложување на
ултравиолетово зрачење во средна возраст ја зголемува осетливоста за канцер. Изгорениците од сонце го зголемуваат ризикот за кожен меланом.
Хепатитис Ц хронична инфекција е асоцирана со зголемен ризик за карцином на црниот дроб.
ХИВ инфекцијата поради имунолошката дисфункција е асоцирана со зголемен ризик за анален канцер, Хочкин лимфом, канцер на црн дроб.
Онкоген ХПВ е асоциран со рак на грлото на матката, вулвален, вагинален, пенилен, анален, орофарингеален рак.
Карциногени од животната срединаː азбест, бензени, формалдехид, радон, ултравиолетово зрачење се многу распоространети и се наоѓаат во животната средина, во производи за широка потрошувачка или на работното место.
Сите заедно, личните фактори, факторите на животната средина и условите на работното место комуницираат и се надополнуваат во зголемување на ризикот за канцер.
Ракот кај постарите покажува
побавен раст, затоа што телото има побавна стапка на клеточен раст отколку кај младите. Но, постарите со рак имаат полоша прогноза поради
одложената дијагноза. Дијагозата на рак е обвиткана со страв и прикривање, а крајните стадиуми се болни и полни со страдања, лични и фамилијарни. Нови информации потешко допираат до постарите кои имаат тенденција промените што ги забележуваат да ги препишуваат на годините. Често пати ваков став имаат и роднините, пријателите, дури и медицинските работници.
Канцерот не е само физичка болест; асоциран е со верувања за смртта, со болка и страдање. Постарите имаат различни мислења за причините и лекувањето на канцер. Некои веруваат дека канцерот е заразна болест, други, пак, мислат дека е казна за луѓето кои направиле нешто лошо. Постарите може да имаат пониска здравствена писменост и само некои од нив се свесни за поголемиот ризик од рак. Сметаат дека на нивна возраст повеќе ништо не вреди, ниту рана дијагноза ниту лекување и потешко е да се убедат да се јават на доктор кога ќе почувствуваат некои тешкотии и непријатности.
Реакцијата на рак е во врска со многу лични аспекти, културата, образованието, со семејството и општеството. Во постара возраст, во тој животен циклус има различни аспекти кои се врзани со специфични моменти и состојби од животот, не е само бројот на години. Возраста е асоцирана со различни начини на справување со болеста. Ракот е
сложена болест која треба да се разгледува од повеќе гледишта.
Канцерот се поврзува со крај на животот и најчести психолошки реакции се
вознемиреност и депресија. Дијагнозата канцер со себе носи чувство на осаменост, немоќ, слабост, физички дискомфорт; иднината не постои. Постарите ја прифаќаат дијагнозата за канцер како нешто во согласност со возраста и крајот на животот. Справувањето преку религијата е важна психолошка предност за повозрасните кои веруваат во Бог.
Постарите имаат физички состојби кои ги прават поосетливи и
терапија за канцер може да не е потребна. Одредени терапии може да се катастрофални и сериозно да влијаат на квалитетот на живот. Тие сметаат дека терапијата е, исто така, лоша како и самата болест и дека не би ја преживеале. Овој страв од несаканите ефекти на терапијата ги одвраќаа постарите од рана дијагноза.
Како што се старее важно е да се биде свесен за сопственото тело и да се знае што е нормално за нас, затоа што дијагнозата рак во порани стадиуми влијае на преживувањето.
Досегашните докази, сепак, сугерираат дека ракот
не мора да биде неизбежна последица на стареењето. Одржување здрава околина, здраво однесување и поуспешно справување со хроничните болести помагаат за поздрав премин од средна во постара возраст.
Повозрасните најмногу знаат за штетното влијание на пушењето цигари и прекумерното сончање, за внесот на алкохол и нездравата исхрана како ризик-фактори. Дел од нив знаат и веруваат дека ракот
може да се превенира со поздраво живеење кое помага да се намалат шансите за развој на рак.
Никогаш не е доцна да се направи промена и превенција. Растечко е разбирањето за различни фактори кои се асоцирани со ризик од канцер. Иако одредени обрасци на стареење не може да се менуваат, факторите кои придонесуваат за развој на хронични болести, вклучувајќи и рак, може да се променат за да се има поздраво стареење. Тоа се престанок на пушење, пиење помалку алкохол, одржување здрава тежина, повеќе квалитетно спиење, здрава исхрана богата со зеленчук и овошје и помалку црвено месо, безбедно сончање, повеќе физичка активност.
За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2021).