Катерина Златановска Попова
сертифициран советник за развој на кариера
|
Кога последен пат сте му рекле некому: „Ви благодарам, многу сте љубезен/а“!?
На службеникот на шалтер во банка?
На касиерката во маркет?
На месарот?
На колешката?
Кога последен пат сте му рекле „ти благодарам“ на своето дете?
На учителката на вашето дете?
Колку секојдневно ја негувате љубезноста како вредност? Колку љубезноста кон другите ви е навика?
Каде децата учат за личните вредности како што се љубезност и емпатија, почит и благодарност?
Како да ги вратиме вистинските вредности во нашиот живот и воедно да им покажеме на младите дека изреката „добар збор железни врати отвора“ навистина прави позитивна разлика во животот?
Еве неколку мои препораки со кои ќе внесете дополнителна доза на ведрина, љубов, добро расположение, убава енергија и радост во вашиот живот.
- Започнете секојдневно да воведувате мали промени во вашето однесување, свесно и упорно, постојано и посветено искажувајќи ја својата благодарност и покажувајќи љубезност кон своите блиски, но и кон оние со кои ви се испреплетува секојдневието. Искористете ја првата прилика и кажете му некому: „Ти благодарам, баш си љубезен/а“. Нема да ви се верува колкава промена можете да направите, колку многу можете да му го разубавите денот некому.
- Отворете си мал споменар за благодарности. Да, споменар, како оној кој го имавме сите девојчиња која бевме мали и во кој секој наш пријател запишуваше нешто за спомен, некој убав збор за нас и нашето пријателство. Изберете мал нотес во кој потрудете се секојдневно или барем еднаш во неколку дена да запишете нешто на кое или за што сте благодарни. Напишете: Благодарам за... На овој начин сѐ повеќе ќе станувате свесни за моќта на благодарноста. А верувајте ми, секој ден сигурно има нешто што ќе може да го издвоите и за кое можете да искажете благодарност.
Само на овој начин ќе му помогнете на вашиот ум да биде фокусиран кон она што го има, кон позитивните мисли, кон убавата енергија која исполнува и носи нова убава енергија.
- Покажете почит кон другите преку своите дела и однесување и ќе бидете почитувани. Младите учат преку она што го гледаат, нашите лични постапки и примери, а не од она што им го кажуваме. Затоа не заборавајте, вие, јас, секој од нас е личен пример во нечии млади бистри очи.
- Отпочнете нова, своја традиција избирајќи си ден во неделата кога некому ќе му го разубавите денот со мало внимание, убава порака, честитка, шолја кафе, чоколатце, парче овошје, книга, испечете и подарете ги вашите омилени колачиња... Кога еднаш ќе започнете, ќе се изненадите колку далеку може да оди вашата креативност. Не ви се потребни пари, можете да направите многу и со скромните ресурси кои ви се при рака, околу вас.
- Обидете се што почесто да се вклучувате во донаторски акции (не е неопходно тоа да биде поврзано со донација на пари, подеднакво вредно е и вашето време, вашето знаење, вашиот труд или некоја ваша вештина) и донирајте сѐ што не ви е потребно, чевли, облека, апарати за домаќинство, мебел, играчки, храна, свежо подготвен оброк... Давајќи, универзумот ќе најде свој начин да ви возврати.
Дозволете ми да ви раскажам една приказна, извадок од книгата „Љубов и кабина“ од Арт Бухвалд, која оди вака:
Пред некој ден бев во Њујорк и се возев во такси со еден пријател. Кога излеговме, пријателот му рече на возачот: „Ви благодарам за возењето. Извонредно ја работите Вашата работа.“ Таксистот беше зачуден на момент. „ Што беше тоа?“ – прашав. „ Се обидувам да ја вратам повторно љубовта во Њујорк“ – (мојот пријател) одговори. „Верувам дека тоа е единствената работа што може да го спаси градот.“ „Како еден човек може да го спаси Њујорк?“ – прашав јас. „Не е еден човек. Верувам дека му го разубавев денот на таксистот. Замисли да има 20 тури. Тој ќе биде љубезен на сите 20 тури бидејќи некој бил фин со него. Тие, пак, кои се возеле со него ќе бидат пољубезни со своите вработени или со продавачите или келнерите или дури и со нивните семејства. Конечно, добрината може да се рашири на најмалку 1000 луѓе. Тоа не е лоша бројка, нели?“ – запраша тој.
„Но, ти се потпираш на таксист да ја пренесе твојата добрина на другите“ – му одговорив. „Не се потпирам на тоа“ – рече тој. „Свесен сум дека системот има пропусти и затоа јас веројатно ќе го применам со 10 различни луѓе денес. Ако од овие 10, можам да усреќам 3, тогаш веројатно ќе успеам индиректно да влијаам на однесувањето на уште 3000.“
„Ти си некаква сорта на чудак“ – реков јас. „Тоа покажува колку циничен си станал“– извика тој. „Тукушто ѝ намигна на една обична жена“ – реков јас. „Да, знам“ – одговори тој. „И ако таа е учителка, нејзиниот клас ќе има фантастичен ден.“
Како сега гледате на својата љубезност? Можете ли да почувствувате, всушност, колку многу животи ќе бидат допрени со едно ваше искрено благодарам? Можете ли да замислите колку би било сѐ поинаку кога ова би влегло во мода?
Живејте го својот живот исполнувајќи го со вредности и секој ден ќе имате исполнет живот!
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2021).