Фармацевти
Контакт

<< Назад

Да го негуваме здравјето! – Ексклузивно интервју со Д-р Татјана Бајрактарова Прошева!

април 1, 2024



Супспецијалист ендокринолог Д-Р ТАТЈАНА БАЈРАКТАРОВА ПРОШЕВА

Betty: Како ја засакавте медицината? Зошто се одлучивте да специјализирате ендокринологија?
Татјана: Дека ја сакам медицината како моја идна професија знаев уште во основно училиште, затоа најпрво завршив средно медицинско училиште и потоа по редот на нештата образованието го продолжив на Медицинскиот факултет во Скопје. Можноста да се помага во лекување на луѓето, а со тоа и да се овозможи квалитетен начин на живот беше голем предизвик за мене и беше пресудно за мојата професионал- на определба. Заболувањата на внатрешните органи се една од најчестите патологии со кои еден лекар се сретнува во животот, всушност станува збор за мултисистемски заболувања и состојби, затоа и менаџирањето на истите не е едноставно. Како специјалист по интерна медицина имав можност да се сретнам со различни профили на пациенти, да дијагностицирам и третирам и акутни и хронични заболувања.

Но знаете дека во медицината едукацијата е долготрајна, секогаш има нешто ново, како во дијагностиката така и во лекувањето на болестите, затоа како моја потесна супспецијалност ја одбрав областа ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот.

Бројот на пациенти со дијабет е сè поголем, компликациите од него се сериозни и затоа голем предизвик за мене како ендокринолог е спроведување индивидуална едукација на пациентите како за превенција така и за третман на истиот.
Во последно време сè поактуелен проблем стануваат дебелината, животниот стил, лошите навики на исхрана и секако физичката неактивност.
Со отворањето на центарот за менаџирање на дебелина, во склоп на Клиниката за ендокринологија, се направи еден чекор напред во свесноста на луѓето дека дебелината не е само конституционален, естетски проблем, туку е класифицирана како болест.

Сè повеќе млади луѓе бараат помош за контрола на телесната тежина, што мене како лекар ми дава надеж дека со навремено преземање соодветни мерки може да се подобри квалитетот на живот кај угоените пациенти, може да се спречи ризикот од кардиоваскуларни компликации, како и значително подобрување на психофизичката благосостојба и самодоверба кај тие пациенти.

Betty: Како правите баланс меѓу работата и смејството, со оглед на тоа дека имате многу дежурства?
Татјана: Професионалниот ангажман и семејството се два најважни аспекта во животот. Секако дека воопшто не е едноставно да се воспостави рамнотежа меѓу обврските на работа и приватниот живот.
Работата како лекар бара голема жртва, често отсуство од дома поради дежурства, стручни предавања, чести службени патувања и затоа балансирањето помеѓу нив претставува голем предизвик за мене.

Важно е да се најде доволно време и за двете обврски без да се создаде преголем стрес. Квалитетните семејни односи, комуникацијата и поддршката имаат позитивно влијание во развојот на мојата кариера за што сум навистина многу благодарна на моето семејство.

Родителството и кариера во медицината од една страна е голем предизвик, од друга страна се надополнуваат.

Одговорноста како родител е уште поголема кога имаш професија која бара голем временски, психички и физички ангажман, посебно во време кога сите сме во некаква трка за успех и статус.

Потребна е голема поддршка и комуникација со децата за да може да се откријат и стимулираат нивните афинитети и интереси, како и да им се создадат услови за изградба на позитивна личност.

Посебен предизвик е ако имате дете кое е со високи интелектуални потреби, кое се пронаоѓа во повеќе различни области. Конкретно мојот син Теодор Прошев, покрај секојдневните обврски во училиште, свири клавир и учествува на голем број натпревари, што бара време за подготовка и носење на истите.
Покрај тоа, несекојдневно хоби му е одгледување цвеќиња и растенија, неговата љубов и посветеност кон растенијата ја пренесува и на мене така што голем дел од слободното време уживаме заедно во нивното одржување.

Betty: Влијание на родителството врз професијата?
Татјана: Да се биде родител е благослов од Бога, претставува извор на задоволство и мотивација за поквалитетен личен и професионален живот.

Воспитувањето дете во време на современа технологија не е едноставно, тоа е комплексен процес кој вклучува повеќе аспекти, на прво место љубов и поддршка во нивните одлуки од страна на родителите, од друга страна да се научат на правила и социјални граници кои овозможуваат да се развијат како одговорни членови на заедницата.

Родителите како модел на однесување и професионалци во одредена област се клучот за развој на здрав однос со децата, а со тоа и развивање на една здрава личност.

Работните обврски кај секој од нас си носат одреден степен на стрес, затоа се трудам негативните влијанија од работното место да не ги пренесувам на семејството и обратно, додека позитивното влијание на балансираниот семеен живот секако дека се одразува врз секојдневната работа, комуникацијата со колегите и пристапот кон пациентите и нивните потреби.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Април 2024).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>