д-р Наташа Недеска Минова
специјалист интернист
ЈЗУ Општа болница „8 Септември“,
Скопје, Оддел ендокринологија
|
Дебелината е проблем со кој сè почесто се среќаваме во денешно време на брза и обилна исхрана и многу време поминато во седење и лежење пред телевизор, компјутер, смартфон. Тоа е брзорастечки проблем во речиси сите земји во развој и сè уште голем проблем во развиените земји. Светската здравствена организација ja детектира дебелината како проблем на кој треба да му се посвети посебно внимание, базирано на следниве факти:
- Од 1975 година до сега дебелината во светски рамки е речиси тројно зголемена.
- Во 2016 година повеќе од 1,9 милијарди возрасни луѓе, на возраст од 18 години или повеќе имале прекумерна телесна тежина, а од нив околу 650 милиони биле дебели.
- 39 % oд возрасните на возраст од 18 години или повеќе биле со прекумерна телесна тежина, а 13 % биле дебели (Според едно наше локално истражување овие бројки во нашата земја се уште позастрашувачки, односно 62,7 % од мажите и 48,4 % од жените се со зголемена телесна тежина, а 19,6 % од мажите и 17,2 % од жените се дебели).
- Поголемиот дел од луѓето во светот живеат во земји каде што прекумерната телесна тежина и дебелината убиваат повеќе луѓе отколку потхранетоста.
- Во 2019 година 38 милиони деца на возраст под 5 години биле со прекумерна телесна тежина или дебели.
- Во 2016 година над 340 милиони деца и адолесценти на возраст помеѓу 5 и 19 години биле со прекумерна телесна тежина или дебели.
- Дебелината може да се превенира.
Под прекумерна телесна тежина се подразбира состојба со Индекс на телесна маса (BMI – Body Mass Index) поголем од 25, додека за дебелина се смета кога овој индекс е поголем од 30. Доколку овој индекс е над 35 се смета за тешка дебелина, а над 40 за морбидна дебелина. Нормална телесна тежина се смета доколку овој индекс е меѓу 18,5 и 25. Индексот на телесна маса се пресметува како телесна тежина во килограми се дели со телесната висина на квадрат изразена во метри. При медицинска проценка на типот на дебелина дополнително на индексот на телесна маса се зема предвид и обемот на половина, при што доколку е над 80 сантиметри кај жени и над 94 сантиметри кај мажи се смета за централна дебелина.
Прекумерната телесна тежина и дебелината може а не и мора да претставуваат естетски проблем за поединецот во зависност од неговата лична перцепција и од перцепцијата на околината. Постојат средини каде што дебелината се смета за знак на убавина и здравје. Но, додека за вкусовите за убавина не се дискутира, за ефектите на дебелината врз здравјето постојат научни сознанија. Штетните ефекти од дебелината врз здравјето се бројни. Дебелината може да предизвика различни видови нарушувања во организмот, како што се: појава на дијабетес (шеќерна болест), преддијабетес (состојба на зголемени вредности на крвниот шеќер кои сè уште не се класифицираат како дијабетес, односно крвен шеќер на гладно помеѓу 5,6 и 6,9 милимоли на литар или крвен шеќер по јадење помеѓу 7,8 и 11 милимоли на литар), болести на срцето и крвните садови, тромбоза, камења во жолчка, проблеми со плодноста, гихт, астма, замастување на црниот дроб, а се смета дека претставува и зголемен ризик за одредени видови карциноми (на хранопроводник, желудник, дебело црево, црн дроб, панкреас, дојка, матка, јајчници и др.). Кај некои видови на карциноми овој ризик е многукратно повисок споредено со лицата со нормална телесна тежина (на пример, 7 пати повисок ризик за карцином на хранопроводник). Освен тоа, дебелината претставува и механичко оптоварување за телото, го отежнува движењето, предизвикува проблеми со зглобовите, хронична болка во грбот, потешкотии за задржување на урината и може да предизвика и таканаречена слип апнеја, односно краткотраен престанок на дишење за време на спиење. Дополнително на сите овие проблеми неретко се јавуваат и психички проблеми, како депресија и анксиозност (напнатост, нервоза). Како резултат на овие компликации од дебелината животниот век на лицата со дебелина може да биде скратен и да се наруши нивниот квалитет на живот.
Поради сето ова од страна на повеќе стручни медицински асоцијации дебелината денес се смета за болест која треба да се третира. Познато е дека дебелината не е само проблем кој настанува како резултат на погрешен животен стил. Дебелината долго беше погрешно разбрана како проблем поради погрешен животен стил, кој единствено може да се реши по принципот „јади помалку – движи се повеќе“. Ваквото гледање на дебелината не го зема предвид фактот дека оваа состојба е резултат на комплексни врски на повеќе социолошки, психолошки и биолошки фактори. Уште поважен е фактот дека кога еднаш ќе се појави дебелината моќни невро-хормонални фактори силно му се спротивставуваат на телото да изгуби тежина, што го прави овој проблем доживотен, каде што повторното враќање на изгубената тежина повеќе може да се смета за правило отколку за исклучок.
Од таа причина пристапот во третманот на дебелината не е воопшто едноставен. Се препорачува постепена загуба на тежината. За лицата со дебелина е потребно да се направи индивидуализиран план за исхрана, бидејќи не секоја диета е соодветна за секого. Овие лица може да имаат и други придружни заболувања, како што неретко се зголемени маснотии во крвта, зголемен притисок или зголемен крвен шеќер. Исто така, и физичката активност треба да биде приспособена на можностите на лицето со дебелина и да не биде преинтензивна во почетокот, со што би се избегнало преголемо оптоварување на организмот. Пружање соодветна психолошка поддршка е од големо значење. Во последниве години постојат и лекови кои се одобрени од страна на регулаторните агенции за третман на дебелина, а дел од нив се достапни и кај нас. Според медицинските упатства, употреба на лекови за третман на дебелина се препорачува кај лица со индекс на телесна маса над 25 доколку имаат придружни заболувања, над 30 доколку имаат придружни заболувања или централна дебелина и кај сите со индекс над 40. Се смета дека лицата кои користат лекови за третман на дебелина имаат поголеми шанси да ја одржат тежината после загубата, што е еден од најголемите предизвици во третманот на ова заболување. Исто така, постои можност и за хируршки третман на дебелината со таканаречена баријатрична хирургија, која опфаќа сет на процедури што би оневозможиле внес на големо количество храна. Овој третман се препорачува за лица со индекс на телесна маса над 35 со придружни заболувања и за оние со индекс над 40. Во секој случај, за која интеревенција за справување со телесната тежина да се работи е потребна консултација со стручно медицинско лице.
Ефектите од загубата на телесна тежина се многукратни. И при умерена загуба на тежина од само 5-10 % се увидени поволни ефекти во превенција на дијабетес, намалување на зголемениот крвен шеќер, маснотиите и крвниот притисок. Загубата на тежина влијае позитивно и на обезмастување на замастен црн дроб, на проблемите со зглобовите, на слип апнејата, полицистичните јајчници и др.
Би заклучиле дека дебелината, пред сè, е медицински проблем и тоа значаен или би било посоодветно ако кажеме дека дебелината е болест. Од таа причина не смее никако да се занемари, потребно е навремено да се третира со цел да се избегнат непоправливите штети кои може да настанат како компликација од дебелината и да се овозможи подолг и поквалитетен живот.
За детално читање на овој текст, погледнете на 6 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАЈ 2021).