Фармацевти
Контакт

<< Назад

ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ И ТЕОРИИТЕ НА ЗАГОВОР

ноември 1, 2022



Ширењето дезинформации е најефикасно кога тие се придружени со други информации кои се вистинити и уверливи, а во во кои не се сомневаме. Заедно со нив многу е полесно да ги прифатиме и дезинформациите, бидејќи нашата критичка способност е ослабена кога сме во можност да препознаеме некој познат и веќе утврден факт.

Денешниот човек во текот на само еден ден прима над 70 гигабајти информации во форма на текст, слика и звук, нешто за што на нашите претци од пред 100 година им требало неколку години од нивните животи. Исто така, внимателноста во примањето на информации и критичкото преиспитување на сè она што го читаме и гледаме навистина е напорно. На тој начин манипулаторите многу често ги злоупотребуваат токму овие механизми на нашата перцепција и свест. Обезбедувањето одреден контекст за дезинформаците е еден од клучните чекори за нивна „рационализација“ и успешно ширење.

Овој контекст често може да го креира средината во која живееме, културата на која припаѓаме или пак политичките субјекти кон кои сме приклонети и на кои им веруваме.

Ако во овие општествени групи постапно се користат одредени стереотипи, предубедувања или теории на заговор, тогаш врз таква платформа дезинформациите полесно се шират.

Токму затоа, градењето контекст, или обезбедување на своевидна платформа за дезинформациските кампањи, е клучен чекор во процесот на пропагандното дејствување.

Целта на тој процес е слабеење на критичката свест и рационалноста во размислувањето на денешниот човек. Исплашен и несигурен поединец, кој стравува дека е загрозен од од својата средина е многу повеќе подложен на дејствување на пропагандата.

За него светот е несигурно место исполнето со опасности и сили кои нè следат на секој чекор. Таков поединец постојано бара група во која ќе се вклучи и која ќе го заштити.

Историјата нè учи како ваквите стратегии на дезинформирање постојано се повторуваат, користејќи слични постапки на манипулација и сеење страв.

Во 1475 година во градот Трентo во Северна Италија локалниот свештеник Бернардин одржал неколку служби на кои изнел обвинувања дека локалната еврејска заедница е одговорна за наводно убиство на дете од нивното гратче кое исчезнало. Како што тврдел во своите говори, ова било направено во текот на прославите на Велигден (рasqua) при кои според него било жртвувано детето.

Оваа грозоморна гласина била бргу проширена помеѓу жителите, a локалниот прво- свештеник во Тренто, Јоханес Хиндербах, видел погодна шанса да го зацврсти својот авторитет на бранител на верниците и да ја засили својата моќ кај нив.

Тој одлучил ова исчезнато дете да биде прогласено за светец, Свети Симон од Тренто, придавајќи му чудотворни моќи, обвинувајќи ја еврејската заедница за неговата смрт. Ви прогоните против локалните Евреи кои уследиле, десеттина од нив биле живи изгорени, а овие инциденти поттикнале слични прогони и во останатите делови на Италија. Папата Сикстус IV ја препознал заднината на овие трагични настани и се обидел да интервенира кај Хиндербах, но бил одбиен. Прогоните против еврејската заедница продолжиле дури и со засилено темпо.

Ширењето на антисемитизмот се распламнало во целиот регион, а било потпомогнато од постоечките предубедувања кон еврејската заедница во Европа.

Овој случај е еден од првите примери за злоупотреба на дезинформациите во комбинација со теорија на заговор. Политичката моќ на Хиндербах пораснала до степен што тој често не само што му опонирал на Папата, туку работел целосно независно од него.

На предизвиците во борбата со конспиративните дезинформации не останале имуни ниту земји со долга демократска традиција. Познатиот истражувач, иноватор и амбасадор, Бенјамин Франклин, додека се занимавал со новинарство во Бостон, Масачусетс, во весникот „Independent Chronicle“ фабрикувал вест од околијата на Њујорк.

Весникот објавил дека американските војници откриле вреќи со над 700 скалпови на локални жители, белци, меѓу кои жени и деца.

Тие, наводно, биле масакрирани од домородното население, а според весникот тие оставиле и порака со поздрави до британскиот крал Џорџ за кого, наводно, овие вреќи со скалпови биле наменети како подарок. Оваа дезинформација силно влијаела на подоцнежните настани од американската борба за независност од Британија, но и за големиот прогон на домородното население од источниот брег на Северна Америка. Теориите на заговор за политички и воени цели продолжиле и во XIX и XX век. Антисемитските прогони во Украина и во Русија од крајот на XIX и почетокот на XX век биле поттикнати од масовното ширење на списите познати како „Протоколи на сионските мудреци“ во кои било пишувано за планот за еврејско завладување со светот.

Особено познати се и пропагандните стории во британскиот печат во текот на Првата светска војна за т.н. „фабрики за преработка на човечки трупови“, односно воени фабрики во кои наводно Германците од труповите на загинатите војници на своите непријатели произведувале хемиски средства за своите машини. Според подоцнежните сведоштва на шефот на британското разузнување од тоа време, Џон Чартерс, токму тој ја подметнал оваа дезинформација во весниците со цел да ја вовлече и Кина во војната против Германија.

За жал, трагичното влијание на оваа сторија продолжило долго по војната. Нацистичките водачи во своите говори често го користеле овој случај да ја потпалат омразата кон Британците и да ги оправдаат плановите за окупација на Британија во Втората светска војна. Од овој историски преглед јасно е дека злоупотребата на дезинформациите и на разни теории на заговор многу влијалела на текот на историските настани и врз избувнувањетона голем број конфликти во светот.

Опасноста од нив денес е уште поголема, особено во ерата на поврзаниот дигитален свет каде секоја информација може да стигне во рок од неколку секунди до повеќе милиони или милијарди корисници поврзани на интернет.
Дезинформациите, за жал, денес имаат разорен, речиси нуклеарен потенцијал, слично како и воените експлозивни оружја.

Дали навлегуваме во ера кога и за дезинформациите човештвото ќе мора да договара и усвојува разни светски конвенции за заштита од нив, останува да видиме.

За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Ноември 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>