Ивана Димишкова
д-р по дентална медицина
|
Најубавиот дел од денот е утрото. Природата се буди со утрото и го започнува животот, затоа утрото треба да се почне со нешто убаво, мирисливо, нешто што ќе ве разбуди и ќе ве наполни со енергија потребна за целиот ден. Затоа секое утро немојте да бидете во дилема дали да се напиете чај или кафе за да се расоните, секако, посегнете по чај и уживајте во неговите благодети.
Чајот не само што помага побрзо да се справиме со некоја болест или настинка, туку помага да го зачуваме и нашето ментално здравје. Понудата на чаеви е голема, но постојат многу причини зошто е добро да пиете чај секој ден.
Зелен чај – овој чај е еден од најмалку преработуваните чаеви, кој содржи големо количество антиоксиданти, кои ја штитат нашата кожа, имунитетот и дејствува позитивно на поттикнување на метаболизмот, намалување на холестеролот и намалување на килограмите.
Чај од ѓумбир – овој чај е одличен за варењето, метаболизмот и намалување на прекумерната тежина. Пијте го пред оброците за да го подобрите варењето на храната и да го намалите апетитот. Тој, исто така, ги релаксира и уморните мускули и му помага на телото да ги прими хранливите состојки.
Чај од нане – овој чај има терапевтски ефект, а има и антиинфламаторни состојки кои придонесуваат за смирување на болките во стомакот, ПМС симптомите и намалување на апетитот.
Чај од маточина – е совршен за пред спиење за намалување на стресот. Тој има смирувачки ефект, а, исто така, може да помогне и кај респираторните проблеми и настинките. Добар е и за намалување на болката во забите и главата и за подобрување на функцијата на дигестивниот систем.
Чај од камилица – користен уште од нашите баби, тој помага кај проблемите со спиење и болки во стомакот. Ја поддржува дигестијата и се препорачува да се пие пред оброк. Доколку детето има вознемирено стомаче поради јадење благи работи, чајот од камилица е прв избор за ослободување од непријатноста. Дополнително, камилицата помага за смирување на нервниот систем и дејствува антиинфламаторно, особини поради кои се препорачува кај деца кога им растат запчиња и кај деца што се хиперактивни или под стрес.
Чај од бозел – е прв избор при состојби на грип и настинка. Помага при кашлица и предизвикува потење, со што ја намалува покачената температура. Дополнително, преку потењето помага да се исфрлат и токсините.
Чај од кантарион – е познат по антивиралните и антибактериските особини. Се дава кај деца кои имаат проблем со ноќно мокрење.
Чај од жалфија – е значаен поради своите антибактериски својства. Жалфијата е диуретик, па овој чај е од особена важност кај уринарните инфекции. Жалфијата има и смирувачко дејство, особено врз системот за варење.
Чај од коприва – содржи значително количество на железо поради што е корисен во борба против анемија. Помага, исто така, и при респираторни заболувања, особено при кашлица, така што го намалува секретот во белите дробови. Го подобрува изгледот на кожата и го поттикнува растот на косата.
Во иднина немојте да чекате да настинете или да се разболите за да посегнете по чајот, туку чајот нека биде дел од вашите здрави навики.
За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2022).