Фармацевти
Контакт

<< Назад

Дерматофиброми

јули 2, 2020

д-р Коста Цветковиќ
спец. по дерматовенерологија



|

Дерматофибромите се бенигни творби над површината на кожата кои може да настанат како резултат на влијанија од надвор или од внатре на телото. Повреди, воспалителни процеси и слично се најлесните причинители за појавата на овие кожни творби. Тие варираат по големина, но, исто така, варираат и по локација. Нема некое предилекционо место на настанување, бидејќи нивната појава е условена од некој претходен процес кој може да се јави на  кој било дел од нашата кожа. Не претставуваат сериозен здравствен проблем, бидејќи над 95% од нив се асимптоматски, а останатите 5% се проследени со чешање или пецкање (во зависнот од тоа дали регијата е изложена на траума или не). По состав, тие претставуваат густи, збиени формации на сврзно ткиво кое настанало по некаков воспалителен процес. Имунитетот на човечкото тело е таков што мора некаква повреда на ткиво да ја замени со лузна. Дерматофибромите се внатрешни лузни на еден начин и затоа на  допир се чувствуваат тврди, топчести.

Дијагностиката на овој тип кожни промени се врши клинички и дермоскопски. Се разбира, постои и шанса за хистолошко верифицирање, но овие кожни лезии имаат многу карактеристичен изглед,  при што најчесто пациентите не се ни решаваат за биопсија и ХП верификација. Во најголемиот број случаи дерматофибромите не бараат посебен тип на дијагностика, бидејќи се многу чести и доста типични по својата форма. Сите „траги“ што му недостасуваат на дијагностичарот за да ја утврди дијагнозата клинички, пациентот му ги доставува преку лична историја за промената, нејзиното времетрање и можеби најбитно, што претходело на тоа место каде се појавил дерматофибромот. Рендгенграфија, магнетна резонанца или, пак, компјутерска томографија за ваков тип на промени би биле апсурд и вашиот дијагностичар би требало многу лесно да стигне до оваа дијагноза.

Третманот на овие лезии е разновиден. Во кој било случај кон овие промени се пристапува со директно отстранување на промената (дерматофибромот) во целост од кожата. Едниот е поконзервативен начин каде лезијата се третира локално со течен азот со што плоштината и евелираноста на промената би се намалиле значително. Освен течниот азот како најконзервативна опција, каква било друга аблативна техника (ласер, радиобранова терапија) одлично ја врши функцијата на намалување или на отстранување на дерматофибромот. Вториот начин е хируршка ексцизија со хистопатолошка верификација каде промената се отстранува во целост и се испитува под микроскоп со цел конечна дијагноза. Како последна опција, постојат и инјекции кои се боцкаат во самата промена (кортикостероидни инјекции) со што доаѓа до внатрешно намалување на „јадрото“ на промената а со тоа и на генералните симптоми/морфологија. Преференцата е секогаш на пациентите, а на нас како лекари останува да им ги покажеме двете можности, па тие сами да одберат. Не постојат локални препарати кои пациентите можат лично да ги набават кои би помогнале во ефективното отстранување на овие промени, па затоа препорачуваме да се консултира лекар пред што било да се презема на своја рака.



Од лично искуство, се нема случено компликација кога станувало збор за повреди кај дерматофиброми, освен очекуваното локално крвавење и/или еритем (црвенило). Опасност по здравјето нема и овој проблем е од естетски тип, а не медицински. Бидејќи станува збор за мала промена, сепак, би рекол дека cryo терапија (течен азот) на неколку наврати е најдобра опција и  можеме да ја санираме лезијата многу посуптилно и безболно отколку да се подлегне пациентот на некаква хируршка интервенција. Тимот на дијагностичари на ординацијата ДермаПлус ви стои на располагање за секаков тип  прашања поврзани со дерматофибромите, како и со каков било друг тип промени на површината на кожата.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>