Д-р Катерина Николовска
Доктор по стоматологија
Ин Дент Фемили Дентал
|
Убавата насмевка е важна за целокупниот изглед и може многу да придонесе за вашата самодоверба. Во реалноста, речиси никој нема вродена совршена насмевка. На повеќето од нас ни е потребна корекција на одредени мани и дефекти кои ја прават насмевката помалку посакувана. Кога зборуваме за корекција на насмевката, композитните фасети на предните заби се една од најдостапните опции за повеќето луѓе.
Директните композитни фасети се направени од композитен материјал (мешавина на пластични и стаклени честички) кој се аплицира директно на вашите заби.
Композитните фасети се користат за да се коригира: просторот помеѓу предните заби (дијастема), заби кои изгледаат премали, дисколорации на забите, заби со нееднакви или поткршени рабови, заби со корозија на глеѓта.
За оваа интервенција е потребна само една посета кај вашиот стоматолог, а процесот на апликација на директни композитни фасети се смета за минимално инвазивен. По отстранувањето на можниот кариес или стари полнења и подготовката (препарацијата) на забот, композитниот материјал се нанесува на забот слој по слој и се изложува на специјален силен LED извор на светлина за да се зацврсти материјалот. Кога процесот е завршен, реставрацијата се обликува и се полира. Херметичкото затворање на забот е многу важно и се овозможува со внимателно одржување на препарираниот заб сув, и со употребата на специјални дентални атхезиви. Целата интервенција трае од еден час до неколку часа, во зависност од тоа колку заби се прекриваат со композитни фасети и колкави дефекти се коригираат.
Откако ќе се постават грижата за одржување на фасетите се изведува со регуларно четкање со неабразивна паста и чистење со конец за заби, и, се разбира, со рутински посети на стоматолошката ординација каде ви се поставени. Ова се прави за евентуални корекции и за да се осигурате дека вашите реставрации ќе останат во добра форма.
Бидејќи ваквите реставрации ја немаат истата цврстина како вашите природни заби, особено е значајно да избегнувате навики како што се отворање разни пакувања со вашите заби, гризење молив или пенкало или грицкање нокти или цврста храна со предните заби (овие навики, секако, се штетни и за вашите природни заби). Исто и како кај природните заби, одредени супстанции како што се кафе, чај или цигари може да направат дамки, и ако сакате што подолго да ја задржите посакуваната насмевка би требало да ги избегнувате или умерено да ги консумирате овие супстанции.
Сумирано, реставрацијата со фасети е одличен и економски прифатлив начин со кој може да дојдете поблиску до совршената насмевка. Сепак, бидејќи не секој недостиг може да се коригира со оваа интервенција, потребно е да закажете термин за консултација со вашиот стоматолог, кој ќе процени дали ова е вистинското решение за вас.
Бонус BETTY совет:
Како детето да стекне навика да четка заби?
Доколку четкањето заби стане дел од секојдневната забава на вашето дете, тоа полесно ќе се мотивира и оваа активност нема да ја чувствува како одговорност. Ова се неколку идеи со кои што може да го мотивирате вашето дете:
- Музикално четкање заби: секој пат кога ќе треба да ги четка забите, пуштете ја неговата омилена музика со која што ќе научи дека потребно е темелно да ги исчисти забите и истото не може да трае само неколку секунди.
- Купувајте заедно: дозволете му на вашето дете само да си ја одбере четката за заби. На тој начин четката ќе го асоцира на неговата омилена играчка со која што може да се забавува. Наместо една четка, може да купите две четки со тоа што едната ќе биде за утринско четкање, додека едната за вечерно четкање.
- Бидете добар пример: првите неколку четкања, правете ги заедно. Со цел да го научите како правилно да ги четка забите, покажете му како вие го правите тоа и потоа дозволете му тоа да ги исчетка вашите заби.
За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2021).