Фармацевти
Контакт

<< Назад

Дијагноза, третман и превенција на кожните тумори

мај 6, 2022


Доц. д-р Силвија Дума


Специјалист Дерматовенеролог

Кожата претставува огледало на внатрешната состојба на организмот, истовремено таа е и надворешна експресија на убавината. Главно грижата за кожата почнува уште од раѓањето. Секој животен период има разни потреби во однос на негата. Она што е заедничко за негата во сите животни периоди е потребата за заштита од УВ-зраците. УВ-зраците сочинуваат мал дел, околу 10 % од сончевиот спектар, но играат голема улога во синтезата на витаминот Д, фотостареењето на кожата, изгорениците и во настанокот на кожните тумори.

Од суштинско значење за кожата се УВБ и УВА-зраците. УВБ-зраците се кратки зраци со бранова должина од 290 до 320 нм.Тие продираат во површинскиот слој епидерм и се одговорни за појавата на изгореници, оштетување на кожата преку мутација на ДНК и учествуваат во создавањето на кератиноцитните тумори и меланомот. УВБ-зраците учествуваат во синтезата на витаминот Д, кој му е неопходен на организмот.

УВА-зраците се со бранова должина од 320 до 400 нм, тие дејствуваат во подлабоките слоеви на кожата во дермот. Одговорни се за задоцнетото потемнување, а од несаканите ефекти на кожата водат до фотостареење, нерамномерни пигментации, брчки.

Заштитата од УВ-зраците се постигнува со користење заштитни кремови со СПФ (Sun protective factor), соодветна облека и капа. Употребата на средствата за заштита од сонце може да биде во вид на крем, гел, лосион, спреј. Во зависност од тоа каква е кожата и регијата, се употребува соодветно средство. Самото име означува (Sun protective factor) мерка за тоа колку соларна енергија е потребна да продуцира еритем (црвенило) на заштитената кожа.

Другиот дел се однесува на редовниот дерматолошки преглед. Превентивниот преглед треба да се направи кај дерматолог, а методата што се користи е дермоскопија. Дермоскопијата, всушност, претставува неинвазивна метода, која користи лупа и епилуминисцентна светлина, со чија помош може да се детектираат структури во лезиите на кожата што не се видливи со голо око.

Со дермоскопијата се дијагностицираат пигментни (меланоцитни и немеланоцитни), како и други форми на тумори.

На Универзитетската клиника за дерматологија во Скопје кабинетот за дерматоонокологија-дермоскопија работи речиси две децении. Со навремената дијагностика се овозможува навремен третман на кожните тумори, кои доколку се дијагностицираат навреме, имаат поволна прогноза. Во текот на последниот месец Клиниката за дерматологија го набави и најсовремениот апарат Foto finder за дијагностика, кој располага со висока технологија на софтверски систем и вештачка интелигенција за подобрена дијагностика. Всушност, со негова помош се изработува тотално мапирање на сите бенки (невуси), при што значително е зголемена ефикасноста при  диференцирањето и дијагностицирањето бенигни од малигни лезии. Во текот на мај на Клиниката се одржува и недела посветена на раната дијагностика на кожните тумoри. Таа е дел од светската кампања за борба против ракот на кожата, која вклучува бесплатни скрининг-прегледи на сите што имаат потреба од преглед. Покрај прегледот, пациентите добиваат и совети за правилна заштита на кожата, особено во летниот период.

За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Мај 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>