Фармацевти
Контакт

<< Назад

Добро познато модно име за Македонската публика – Ексклузивно интервју со Ивана Кнез

септември 1, 2023



Betty: Како ја започнавте дизајнерската кариера, што беше ваша инспирација и поттик за модата?
Ивана: Од кога дишам знам дека не можам да бидам едноставна и очекувана. Кога првпат стапнав во комплексот на факултети „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје имав 13 години.

Во тој прв половина час знаев дека нема да издржам да бидам дел од таа машинерија без душа и без енергија. Тогаш, пред 25 години, одлучив дека нема да подлегнам на општествените очекувања и дека иднината ќе ми биде волшебна, поинаква, слободна. Знаев дека сакам да завршам факултет, тој дел го сакав, не ми беше наметнат ниту од родителите ниту од околината.

Исто како што знам дека сакав средно уметничко за кое мојот покоен татко гласно се побуни и забрани со едноставно објаснување дека сака да создадам основа на знаење кое понатаму може да го развијам во кој правец сакам.
Го натерав да ми потпише документ со изјава дека ако завршам средно образование по негов избор, а тоа беше општо образование, ќе ми дозволи да одберам факултет кој јас го сакам. На денот кога требаше да се донесе одлука каде ќе продолжам високо образование ја извадив потпишаната изјава, си најдов академија за костимографија во Белград, се спакував и си отидов.

И ми се случи животот, цела една магија на животна слобода, цел еден нов универзум на убавини, болки, загуба, страст, несоници, уметност, едноставно ми се случи мојот живот, оној за кој отсекогаш мечтаев.

Се барав, се губев, се изразував, живеев со полни гради, во потполна слобода со вистинското јас. Завршив академија во рок, со десетка и со еден огромен сон спакуван во црна вреќа за ѓубре се вратив во Македонија со цел да продолжам надвор како костимограф. Ме примија на државната академија во Сан Диего, двајца од цел свет, јас бев втората.
И кога дојде ред да ја земам дипломата од Министерството за образование сфатија дека таа е изгубена во процесот на нострификација. Извесна Славица во моментот кога сум ја предала дипломата, истата ја ставила кај нескафето (ја најдоа месец дена по рокот).

Betty: Како од депресија до кретивност на накит кој сега го носи секоја втора жена?
Ивана: Нивото на депресија беше незамисливо, не сакав да излезам од дома три месеци, единствено што правев е дремев дома во пижами, одев по леб и цигари до пред зграда и назад и уште повеќе ја мразев оваа земја која пет века наназад се губи во превод. За да не полудам започнав со изработка на накит, рециклирав стари парчиња, редизајнирав нови. Една моја пријателка дојде да ме посети и на нејзино инсистирање отидов заедно со парчињата во тогашен ПЕТЕК, првиот официјален концепт-шоп во Скопје.

Кога го видоа накитот девојките одушевено побараа од мене да основам фирма и бренд за да може да почнат со продажба на 8 март. Дента беше 1 март. Накратко, бидејќи немаме толку страници на располагање, од ликот на мојот веќе покоен мачор Радован го направив моето лого маска LOVECATS, а ДРАМА беше единственото нешто кое го познавав и логично за моето постоење како бренд. На 8 март пред 14 години, првата колекција накит од 36 парчиња се продаде во еден ден.

Betty: Дали бевте свесни за нагорната линија и развивањето на вашиот успех?
Ивана: Не знаев дека сè што се случува во животот има некоја позадина. Го немав тоа ниво на свест кога ја започнав мојава работа. Знаев само да работам, да создавам и да бидам тоа во што сум најдобра, ДРАМА. Најчесто драмата се поврзува со негативности, но тоа е само од неукост, драма е секој даден момент од животот, секое дејствие кое ти ја менува сржта.

Мојата драма беше тоа што ме одржа жива во следните 10 години, ја живеев мојата работа за да не ја живеам мојата скршена реалност (немаме доволно страници за целата приказна, ветив книга еден ден, ќе исполнам ветување). И не знаев што правам, и не знаев каде сум и каде одам, само знам дека работев, од утро до вечер, без паузи, без одмори и без план. Додека јас работев, попатно моето име само се формирало, мојата работа зборувала за мене без да сум свесна. Новинари сами ме бараа за интервју, насловните сами се случуваа без да побарам, луѓе влегуваа и излегуваа од мојот живот секој со своја приказна и секој со свој печат. Знаеш, кога си Ивана Кнез не знаеш која е причината поради која луѓето сакаат да бидат покрај тебе. Нема простор да глумам селебрити, не постои таа категорија на луѓе овде кај нас, вистинските јавни личности се само политичарите и мафијашите, сè друго е инстаграм-приказна.

Ама знам дека тежината на моето име често знаеше да ми залепи непотребни ситуации и искуства кои секој пат ме правеа посилни. Нема да ги набројувам моите успеси, можете сè да најдете на интернет, доцна сфатив дека мојата работа зборува сама за себе, не е потребен никој и ништо да ја емфазира, јас најмалку.
Тоа што никако не можев да сфатам дека тежината и вредноста на човекот како битие не е во неговата работа и финансискиот успех, реализацијата на жената не е во тоа дека родила и се омажила, туку личната вредност се мери во тоа колку животи ќе подобриш со твоето постоење, колку млади луѓе ќе мотивираш да бидат подобра верзија од себе со твоите дејствија.

Дали се твоите деца, или твои следбеници на интернет, или пак децата од комшии или внуци, твојата тежина се мери во примерот кој ќе им го дадеш. Јас го направив тоа несвесно со мојата работа, со мојата ДРАМА. Годините и мене ми влијаеја па така ДРАМА се претвори во LOVECATS, од ателје во центарот на Скопје, се фокусирав на интернет-продажба каде работам за жени.

И го нагласувам тоа во секоја пригода, општеството и животните тежини сè повеќе ми ги дефеминизираат жените. Од нас се очекува да сме супер херои во идеална агрегатна состојба, а попатно никој нема храброст да нè праша како сме. Акцентот е на брза заработка, брза мажачка и изгубен идентитет, се губиме во море на патики и тренерки, безбедна комфор-зона каде единствена причина за фустан е свадба. Активно работам тоа да го променам, сакам да ја вратам жената во полн сјај и со цела наша енергија за создавање и повторно раѓање. Знаете, не е лесно денес, сè е достапно, информациите ни се на дланка и многу е тешко од милион да одбереш едно а притоа тоа да е исправно.

Затоа ја чувствувам потребата да ја вратам Драма, една во милион, со единствен печат и уникатна убавина препознатлива сама по себе, со сопствен отпечаток. Како секоја волшебна жена на светот. И работам на тоа, работата е нешто што најдобро го познавам.

Betty: Раскажи ни повеќе за твоето мото кое го пропагираш - Љубов си ти?
Ивана: Интимниот момент на еден уметник е оној кога неговата емоција во каква и да е форма ја споделува со целиот свет. За таа интима потребна е храброст, потребни се „кохонес“, ја ставаш душата на тацна пред гладни и сурови дегустатори кои најчесто од лична фрустрација те гризат тебе.

Тоа е големината на секој уметник, неговиот успех се мери во храброста да ја даде голата вистина. Мојата лична грешка беше таа што стивнав, станав моето опкружување, ме проголта реалноста во која живеам, затоа што престанав да се бранам со работа.

Но тоа е само дел од целиот процес на себељубов и себеостварување. Вистински созреваш тогаш кога пушташ, тогаш се случува вистински животот со неговата магија.
Тогаш ти се случува вистинската љубов кон самата себе, и тогаш и само тогаш имаш капацитет вистински да сакаш. Да го сакаш тоа што го работиш, да го сакаш твојот партнер и да ја сакаш твојата иднина без да имаш очекувања од неа.

Негата која си ја даваш сама на себе и ментално и физички е силата која ќе те однесе на местата за кои си сонувала без свест, полека и сигурно кон вистинска среќа.

Здравјето доаѓа од внатре, сите го знаеме тоа, никој не го практикува. Љубовта која го движи светот си ти, твоите дела и дејствија, твојата насмевка, твојата позитивна енергија се убавините кои ја вртат земјата и ја враќаат во точка на бесконечен почеток.

Мојата работа е пример дека сама една жена може сè, дека со образование, со глад за знаење, со љубопитност не постои пречка која една жена не може да ја помине.
Вредностите се запишани генерациски, наша обврска е да си ги собереме личните емоции на едно место, да се износиме со тешкотиите на секојдневниот живот и да им оставиме една чиста иднина на младите генерации, исполнета со соништа, копнежи, високи стандарди и слобода.

Ние сме љубовта што го движи светот, нашата лична драма е онаа која ја дефинира целата едната. На високи потпетици, со магичен фустан и насмевка, една жена може да го промени целиот свет, само ако сака.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Септември 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>