Фармацевти
Контакт

<< Назад

Доверба во буквална смисла на зборот

мај 1, 2021

д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев
доктор на науки по организациски развој,
експерт за личен и организациски развој,
професионален коуч, кариерен советник,
организациски директор на Клиниката за
инфективни болести и фебрилни состојби

|

мај 2021 Совети за здравје

Од денес почнувам со нов режим на исхрана, имам потполна доверба во мојот тренер дека ќе ослабам!

Зборував со пријателката, имам потполна доверба дека ја зборува вистината!

Моето дете никогаш не ме лаже, имам потполна доверба во него!

Забарот вели дека треба да ги избелам забите, му верувам дека има  право!

Ова е нашето секојдневие, свесни или несвесни постојано некому даваме прилика во споделувањето на нашите најинтимни моменти, да биде дел од нашиот свет во кој креираме иднина, лекција или потврда на сопствените одлуки.

Овие денови често размислувам за довербата. Секако дека сум размислувала и пред пандемијата, но сега ми се наметнува прашањето околу искреноста во намерите на луѓето,  односно повеќе во делот на вистината во она што го кажуваат. Денес ситуацијата е аларамантна веројатно според нивото на лажни вести кои се пласираат насекаде во време на глобална пандемија. Од друга страна, довербата веројатно е на многу високо ниво и посебно значајно кон оние кои се стручњаци од областа која го загрозува нашето постоење, медицината, на пример. Во ситуации кога одлучуваме дека другите треба  да донесат одлука за нашето здравје сигурно е дека не станува збор само за доверба во комуникација и доверба во кредибилитет, туку и на очекуваното човечко однесување кое e базирaно на претпоставки со оглед на моралните стандарди.

Секојдневно комуницираме и укажувaме доверба кон многу луѓе, можеби несвесно ѝ даваме можност на довербата кога го слушаме различното мислење од нашето, а уште повеќе ако поверуваме дека постои искрена намера во кажаното. Значи, и вистината и довербата се во нераскинлива врска, но зошто тогаш е нејасно кому да му веруваме, а кому не? Најчесто довербата ја поврзуваме со нашето искуство или евентуалните убедувања кои ги носиме со себе. Но, дали постои нешто во што веруваме безусловно?

Довербата и меѓусебното почитување клуч за општествен и деловен развој, колку овие вредности се денес загрозени?

Со сите големи промени кои ни се случија во последно време, вклучително и оваа најголемата пандемиската, конфликтите во општеството сѐ повеќе се зголемуваат и се загрозува културата на доверба и меѓусебно почитување.

Сите болести како здравствени, општествени, економски, па дури и расипаниот автомобил потекнуваат од една причина, а тоа е дезинтеграција. Можеби ретко размислуваме дека интеграцијата е решение на сите проблеми, но интеграција кај луѓето  е невозможна доколку нема доверба и почитување.

Од друга страна, невозможно е сите да имаме исто мислење, дури и ист интерес. И за оној мал напор кој ќе го вложиме за да се приспособиме едни на други , да бидеме подготвени  да учиме од некого кој мисли поинаку од нас или во најмала рака да признаеме дека постои и друго вистинско мислење, сепак, и за тоа е потребна доверба.

Деновиве помислувам дека со можеби најбитната алка во справување со целата агонија околу нас, токму со довербата би можеле да си го олесниме постоењето и функционирањето во овие поприлично напорни денови. Се соочуваме со тотална блокада на сите наши базични инстинкти меѓу кои е да си веруваме едни на други, престанавме да бидеме колектив, а себичноста и индивидуализмот го надминаа и највисокото ниво до сега.

Дали им веруваме на луѓето околу нас и дали тие нам ни веруваат?!

Ако ме прашате дали им верувам на луѓето, веројатно прво би се запрашала – што значи довербата за мене? Во кого ќе имаме доверба зависи од тоа и како ја доживуваме довербата. Како ние ја поимуваме, замислуваме, како ja очекуваме довербата?

Довербата најчесто ги вклучува нашите чувства, нашата перцепција и ставови. Имаме различни искуства врзани за довербата. Има  такви луѓе кои многу брзо им даваат шанса на другите  и безрезервно им ја нудат својата доверба, има и луѓе  кои без разлика што имаат доверба, сепак, повеќе пати ги проверуваат информациите. Често пати се прашував дали тоа е, всушност, вистинска доверба. Сум среќавала и такви кои постојано кажуваат дека имаат доверба во луѓето, но со нивниот однос и реакција не го покажуваат тоа. Нѐ има и такви кога се нудиме да помогнеме со верба дека тоа е исправно дури и кога тоа не е побарано од нас, за на крај да бидеме погрешно разбрани.

Воопшто не е едноставно да ја градиш довербата. Не им е лесно ни на лидерите кои постојано мора да ја заслужуваат довербата од своите следбеници. Довербата се гради со години, а само една секунда е потребна да се урне, изрека со која нè воспитуваа од мали, а најчесто луѓето ја доживуваат на своја кожа преку лични и интимни искуства. Меѓутоа, ми се чини дека во овој момент тоа се опишува преку оваа заедничка состојба со која преку различни теории на заговор или уште поапсурдни податоци го проверуваме нашиот одбранбен механизам за свесно да ја избегнеме реалната слика која нѐ опкружува.

И спротивно од довербата, постојаното сомневање во другите луѓе, неможноста да се предадеме на довербата во целост, претставува за нас тешка агонија. Постојана тензија, вклучена  црвена светилка, постојано скенирање  ситуациии, изискува многу енергија која нè води кон робување од стравот да не бидеме предадени.

Ги учиме ли нашите деца да не им веруваат на луѓето?

И да не ги учиме тие тоа го гледаат од нас, секој ден со секоја наша постапка, со сите наши искуства кои намерно или случајно им ги пренесуваме ним и им креираме убедувања врзани за нашето секојдневие. Исто како што и нашите родители го сториле тоа за нас, со најдобра намера да нè заштитат од нивните стравови, лоши искуства, иако да бидеме искрени, тоа секојдневие видно се разликува од она што ние денес го живееме.

И токму таа доверба која ја применуваме постојано, кога бараме помош од најблиските пријатели, кога им позајмуваме пари, кога му се обраќаме на лекарот за совет, кога ги оставаме децата во градинка, кога ја симнуваме маската на сред пандемија затоа што му веруваме на соговорникот дека е безбеден. Без тоа соединение наречено доверба е невозможно  да функционираме како семејство, заедница, компанија...

Си веруваме ли себеси?

Оптоварени со информациите со кои сме опкружени, верувајќи им на луѓето кои ни се во секојдневието, верувајќи им на кажанато на експертите, си веруваме ли себеси на сопствените избори и одлуки? Можеби ретко размислуваме за довербата која ја имаме кон самите себе, но тоа е „вредноста“ која си ја одредуваме сами за себе. Колку ќе тежи нашиот збор, колку ќе биде битен нашиот потег, зависи од тоа колку ние самите себе си веруваме. Нашата реалност е само огледало на нашите мисли и емоции додека секојдневно размислуваме, замислуваме, искусуваме.

Додека бевме деца сите имавме иста мисла за нашиот потенцијал кој беше неограничен, но како растевме луѓето околу нас полека но сигурно нѐ убедија дека  нашиот потенцијал е органичен, па ние престанавме да  веруваме во сопствените способности.

Ако ние сами не веруваме во себе, како тогаш другите треба да веруваат во нас? Кога нѐ гледаат дека не бараме изговори туку упорно работиме на себе, порано или подоцна ќе ги заразиме со нашиот оптимизам.

И тогаш не треба да се изненадиме дека сѐ ни оди од рака. Што и не е некое чудо туку само поттргнување на нашите ментални бариери кои нè спречувале да ги забележиме и да ги искористиме сите прилики пред нас, прилики за ново учење, за напредок и постојано растење.

И трагајќи по довербата кон другите и постојано барајќи одобрување на сопствените избори и одлуки, не ни помислуваме дека најважен е моментот кога ќе си поверуваме самите на себе.

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАЈ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>