Фармацевти
Контакт

<< Назад

Д-маноза за третман и превенција на уринарни инфекции во детска возраст

декември 1, 2020

М-р сци. Д-р Габриела Тавчиоска
Специјалист предијатар
ОПШТА БОЛНИЦА БОРКА ТАЛЕСКИ - ПРИЛЕП

|



Инфекциите на уринарните патишта или уринарните инфекции се чест проблем во детска возраст, при што може да имаат бениген тек со добар одговор на антибиотска терапија, но може и да бидат асоцирани со значително нарушување на анатомијата и функцијата на уринарниот систем. Уринарните патишта се поделени на горни (бубрези и уретери) и долни (мочен меур или бешика и уретра). Уринарната инфекција најчесто е локализирана на мочниот меур (циститис), но може да се јави и на бубрезите (пиелонефритис) што претставува посериозна состојба.

Генерално во детска возраст уринарните инфекции се предизвикани од бактерии. Најчести бактериски предизвикувачи детектирани во урогениталниот тракт се Escherichia coli (53 %), Enterobacteriaceae (35 %), Proteus (15 %), Klebisella (14 %) и Provientia (4 %). Вирусни инфекции на бешиката поретко се јавуваат. Габичните инфекци се јавуват кај имунокомпромитирани деца.

Повторувачки инфекции може да бидат показател за аномалии на уринарните патишта. Најчести симптоми карактеристични за уринарна инфекција се болка и печење при мокрење, често мокрење, итност при мокрење (чувство на огромна потреба за мокрење), губење на претходно утврдена контрола на мокрење (на пр., мокрење во кревет), крв во урината. Неспецифични, но вообичаени симптоми се покачена температура особено над 39 0С и стомачна болка. Доенчињата и помалите деца ретко развиваат типични симптоми на уринарна инфекција. Може да имаат температура и треска без други симптоми. Може да будат нервозни, да имаат проблеми со хранењето, да повраќаат или да имаат почести дефекации. За деца помали од 2 години тие симптоми може да бидат единствен индикатор за уринарна инфекција. Поради неспецифичноста на симптомите кај доенчиња уринарните инфекции потешко се дијагностицираат. Како придружен симптом може да се јави и болка во половината. Присуство на крв во урината како и фамилијарна историја за постоење  уринарни инфекции, особено кај браќа и сестри, се, исто така, црвени знамиња кои треба да го зголемат нивото на загриженост. Мирисот и бојата на урината (не крв) може да бидат променети, но не се сигурен предиктор за уринарна инфекција.

Покрај анамнестичките податоци и наодот од физикалниот преглед, за дијагноза на уринарна инфекција потребно е да се направи испитување на урина и инфламаторни маркери. Уринокултурата е задолжителна при потврдување на дијагнозата. Културата обезбедува и точна бактериска причина, како и профил на чувствителност на антибиотици за успешно лекување на инфекцијата. Потребно е да се обезбеди сигурен примерок на урина кој навреме ќе биде испитан со цел да се избегнат лажно позитивни или лажно негативни резултати. Дијагностичка процедура треба да се спроведе кај деца помали од 2 години, кај машки деца, кај секое дете со пиелонефритис и секое дете со повеќе од една уринарна инфекција.

Фактори на ризик кои одредени деца ги прават предиспонирани или склони кон уринарни инфекции се:  машки пол (особено доенчиња без направена циркумцизија или обрежување), лоши навики во тоалет (децата треба да се охрабруваат да мократ на 2‒3 часа), како и лоша хигиена во тоалетот (девојчињата треба да се бришат од напред кон назад за да не внесуваат бактерии од изметот во отворот на уретрата).

Третманот на уринарната инфекција зависи од местото на инфекцијaта, од предизвикувачот и од општата состојба на детето. Антибиотската терапија се заснова на профилот на чувствителност добиен од резултатите од уринокултурата. Циститисот најчесто добро реагира на орални антибиотици. При пиелонефритисот може да има потреба од хоспитализација за интравенска администрација на антибиотици, заедно со соодветна хидратација ако постои придружно повраќање и дехидратација.  Деца со повторувачки уринарни инфекции или со анатомски и/или функционални фактори кои предиспонираат уринарна инфекција се поставуваат на профилактичка терапија. Во случај на опстипација или дисфункционална бешика е потребен соодветен дијагностички и тераписки пристап. Како терапија и профилакса, покрај антибиотици, достапни се и пробиотици и диететски додатоци на исхраната како Д-манозата. Антибиотската терапија, особено долготрајната антибиотска профилакса, е асоцирана со ризик за бактериска резистенција, високи трошоци и чести посети на лекар.

Д-манозата е едноставен, прост шеќер кој по хемискиот состав е сличен на гликозата. Претставува Ц2 епимер на гликозата и има важна улога во метаболизмот, особено при гликолизацијата на одредени протеини. Д-манозата во човечкиот организам се создава во многу мали количини. Присутна е во овошјето како брусница, праска, боровинка, портокал и јаболко. Храната богата со маноза дејствува антивирусно, антибактериско и антиинфламаторно. По внесот на Д-манозата преку дигестивниот тракт и дигестијата, брзо се апсорбира, не се претвора лесно во гликоген како другите шеќери и преминува во крвотокот. Крвта богата со Д-маноза поминува низ бубрезите, по што создадената урина кога поминува низ уринарните патишта остава зад себе слој од Д-маноза. Кога уропатогената E. coli е присутна во уринарниот тракт се прилепува на слојот со Д-маноза. При мокрењето Д-манозата заедно со прикачените бактерии се отстранува од уринарниот тракт. Д-манозата не ги убива бактериите, туку ги исфрла од организмот преку урината. Нејзиниот полуживот е околу 4 часа и не постојат сигурни податоци за интерреакции со други третмани. Особено е корисна употребата на Д-маноза по антибиотска терапија, затоа што дополнително ги заштитува уринарните патишта.

Поставувањето на точна дијагноза покрај детекција на бактеријата предизвикувач на инфекцијата и нејзиниот профил на чувствителност на антибиотици, вклучува и откривање анатомски или функционални фактори на ризик што може да го предиспонираат детето за уринарна инфекција. Таквите информации се од клучно значење за да се утврди ризикот за повторливи инфекции на уринарниот тракт што може да доведат до лузни на бубрезите и евентуално ренална инсуфициенција (болест на бубрезите во завршна фаза која бара или дијализа или трансплантација на бубрег).

Повеќето од децата со уринарна инфекција може соодветно да бидат третирани од  нивниот педијатар. Во случај да е засегната функцијата на бубрезите, треба да се консултира педијатриски нефролог. Ако се откријат анатомски проблеми, односно аномалии на уринарните патишта, детето треба да се упати на педијатриски уролог.

За детално читање на овој текст, погледнете на 25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>