Фармацевти
Контакт

<< Назад

Д-р Александар Митов: „Дијареата е дефинитивно еден од најчестите здравствени проблеми во глобални рамки.“

август 1, 2023



Најчесто се јавува во поблаги облици, но во некои случаи таа има потешки симптоми, па знае да биде дури и животозагрозувачка состојба. Се проценува дека во светски рамки годишно се дијагностицираат над 2 милијарди случаи на дијареа.

Дијареата се дефинира како состојба во која се нарушени метаболитичките процеси во дигестивниот систем, што резултира со најмалку 3 течни столици во текот на еден ден.
Но, дијареите најчесто се проследени и со повеќе типични симптоми, како непријатна стомачна болка, грчеви, гадење и повраќање, температура итн. Сите овие симптоми водат кон значително губење на течностите во организмот.

Постојат два типа дијареа: акутна и хронична.
Акутната минува во период од еден до два дена, додека симптомите на хроничната можат да траат со недели, па и месеци. Најчесто, хроничниот тип на ова заболување е резултат на некои други многу потешки дигестивни нарушувања, како што се Кроновата болест, синдромот на нервозни црева, целијакијата, некои малигни заболувања, антибиотски терапии, ендокрини нарушувања итн.

Важно е да се каже дека честото вршење нужда не може само по себе да се дефинира како дијареа, ако структурата на столицата не е нарушена, односно не е течна. Исто така, потечната столица кај бебињата доенчиња е нормална состојба.

Во продолжение, дознајте повеќе околу причините, симптомите и можните компликации од дијареата, но и околу природниот третманот и превенцијата од дијареа.

Најчести причини за дијареата
Најчестите причини за дијареата се инфекциите на гастроинтестиналниот тракт предизвикани од некакви патогени микроби – бактерии (или само бактериски токсини кои се наоѓаат во некаков вид храна), вируси или некакви паразитски организми.

Ваквите инфекции го нарушуваат нормалното функционирање на дигестивниот систем и ги предизвикуваат типичните симптоми.

За најчести предизвикувачи на дијареата се сметаат бактериите од родовите Salmonella, Campylobater, Shigella и Escherichia coli или само нивните токсини.
Најчестите причинители на вирусните инфекции кои за симптом ја имаат дијареата, особено кај децата, се инфекциите од различните ротавируси.

Покрај патогените микроорганизми, причинители на дијареата можат да бидат и:
• лактозна интолеранција
• некаква алергија на храна
• несакан ефект од некаква терапија со медикаменти
• некакво друго потешко дигестивно заболување
• некаков вид на дигестивни хируршки интервенции

Топлото време го зголемува ризикот од појава на дијареата
Летото и топлото време го зголемуваат ризикот од појава на дијареа.

Имено, ваквиот ефект се случува главно поради две причини поврзани со потоплото време (кои неретко и се надополнуваат):

дехидратацијата на организмот и зголемениот ризик од ,,расипување” на храната.
Како што претходно рековме, најчест поттикнувач на дијареата се патогените микроби. Со растот на температурите, храната што не се чува во фрижидер има значително намален век на траење. Секако, зависно од потеклото и составот, но храната во летниот период знае многу лесно и брзо да се расипе. Консумирајќи ваква храна, секако најчесто несвесни за степенот на нејзината расипаност, го зголемуваме ризикот од појава на инфекции и дијареа.

Дополнително проблемот го влошува зголемениот ризик од дехидрираност или губење вода за време на летниот период. Кога сме дихидрирани, нашето тело нема доволно вода. Водата е неопходна за целокупно нормално функционирање на телото, вклучително и за баланс на течностите во нашата дигестија. Дехидратацијата може да води кон дијареа поради неколку причини. Накратко кажано, при недостиг на вода во организмот, имаме дисбаланс на течностите во цревната средина и зголемено движење на цревата, што води и кон забрзано движење на изметот низ цревата. Сето ова резултира со поводенеста столица и дијареа.

Симптоми
Симптомите на дијареа се лесно препознатливи и вклучуваат: болки и/или грчеви во стомакот, многу честа и итна потреба за празнење, повраќање, гадење, треска, течна, некогаш и крвава столица и дехидратација. Ова се симптомите на акутната дијареа, но тие исто така важат и за хроничната, дополнително кај неа(или кај нетретираната акутна дијареа) се јавуваат и: хроничен замор, сува уста и други мукозни површини, крвава или жолта столица, главоболки, силно чувство на жед и намалена фреквенција на уринирање.

Дијареата не треба да се сфаќа сосема несериозно
Од акутните дијареи, посериозните компликации се можни само во одредени случаи кога не се зема потребната терапија, па најчестите компликации се од хорничните дијареи и се движат во две насоки – потешки облици на дехидратација и малапсорпција, односно нарушување на можностите на телото да дојде до неопходните хранливи состојки, што може да води до различни компликации.
Хроничната дијареа треба да се сфати сериозно, бидејќи може да биде и еден вид симптом за некое посериозно заболување. Во оваа статија нема да зборуваме околу дијагностицирањето и конвенционалната терапија за дијареата, постојат доста прецизни начини за утврдување на точниот причинител на дијареата и точно утврдени терапии во зависност од причинителот (најчесто пробиотски терапии). Ќе ја нагласиме важноста на превенцијата и природните третмани за дијареа.

Природни третмани за дијареа, прва линија на терапија
Умерените облици на дијареа можат да се решат и без лекови. Сепак, за хроничната дијареа, потребно е редовно да се обраќате на вашиот лекар кој соодветно ќе ја менаџира вашата состојба, односно вистинските причинители на дијареата.

Во продолжение 3 начини како самите да си помогнете при дијареа:

1. Рехидратација
И без дијареата, често луѓето не се хидрираат доволно, но тоа станува особено важно при сите типови дијареа.
Самата природа на оваа состојба води кон значително губење течности од организмот, па со пиењето вода и други течности можеме значително да го надополниме загубеното, односно да си помогнеме.
Според Светската здравствена организација, дури 90% од полесните случаи на дијареа можат ефективно да се третираат само со доволното пиење вода, односно со оралната рехидратација.

Заедно со водата, се губат и минералите, па најдобро би било да се пие вода од чешма со одредена минерална содржина или да се пијат електролитни пијалаци (како на пример некои спортски пијалаци).
Одредени истражувања покажуваат дека кај децата корисна може да биде и суплементацијата со цинк. Секако, пред каква било суплементација, консултирајте се со лекар.

2. Исхрана
Следните совети околу исхраната при дијареа можат да бидат корисни

• Споменатите течности не пијте ги во текот на оброците, туку помеѓу нив.
• Јадете храна богата со калиум, како компири (без лушпата), банани, но и овошни сокови без додаден шеќер.
• Јадете повеќе супи и посолувајте ја храната малку повеќе од обично.
• Јадете повеќе продукти богати со растворливи растителни влакна, како банани, овес, интегрален ориз итн. Тие ќе помогнат за згуснување на столицата.
• Двопек

Избегнувајте или воопшто не јадете/пијте:
• препроцесирана храна (чипсови, смоки, сладолед, колачиња итн)
• какви било газирани пијалаци
• пржена храна
• каков било вид млечни производи
• гуми за џвакање, бонбони
• суво овошје
• кофеински пијалаци
• премногу зашеќерени пијалаци од каков било вид
• храна или пијалаци богати со магнезиум
• каква било храна со вештачки засладувачи или лута храна
• полнозрнеста храна богата со нерастворливи растителни влакна

3. Пробиотска храна и суплементација
Постојат различни тврдења околу тоа колку може да помогне ваквата храна и суплементи при дијареа, но познато е дека може значително да помогне во превенцијата особено од дијареа поврзана со патување.
Околку пробиотската храна, повеќе прочитајте тука.
Превенција од дијареа
Иако може да биде резултат на низа причинители, постојат одредени постапки со кои можеме значително да ја намалиме веројатноста од појавување на дијареа, од каков било тип. Постапки кои можат да помогнат:
• Правилно миење на рацете (со топла вода и сапун, најмалку 20 секунди), на храната која се подготвува и местата на кои готвите.
• Сервирање на храната веднаш по подготовката е уште еден начин да се спречи контаминацијата на храната.
• Правилно чување на храната во фрижидер.
• Здрава исхрана богата со растителни влакна и пробиотска храна.
Според истражувањата, дури 1/3 од случаите на дијареа можат да се превенираат само со следењето на првата спомената добра навика – правилно миење на рацете.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-22 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Август 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>