Фармацевти
Контакт

<< Назад

Ексклузивно интервју со Нерхим Туфекчиоски

ноември 1, 2023



Ексклузивно интервју со Нерхим Туфекчиоски - Специјализиран Уролог
Интервјуто е изработено од страна на: Калина Сливовска-Андонова

„ЗДРАВЈЕТО Е НАЈГОЛЕМОТО БОГАТСТВО!“

Betty: Најнапред претставете им се нашите читатели, Ве молам.
Нерхим: Се викам Нерхим Туфекчиоски, имам 47 години, оженет сум, татко на ќерка и син тинејџери. Работам во ГОБ 8-ми Септември на одделот за урологија како специјалист уролог. Зошто ја одбрав оваа хумана професија?

Уште како ученик во средно училиште имав интерес кон медицина, бидејќи сметав дека тоа е хумана професија и дека после образованието е најбитна за луѓето. Веројатно моите размислувања биле резултат и на моите родители и околината за која од памтивек учителот и лекарот биле најважни личности!

По завршување на средното училиште се запишав на студии по медицина на Медицински Универзитет во Софија, каде како странец можам да речам, многу брзо се адаптирав на новата средина и колегите. Дипломирав во рок, на 25 години во 2001 година заедно со уште неколку колеги сонародници, ова го кажувам како порака до помладите генерации, можеби идни мои колеги, од мое искуство.

Иако да студирам медицина беше моја определба и сон, како совет за помладите генерации кои ќе се определат за оваа хумана професија морам да кажам дека да се студира медицина бара многу труд, посветеност и време поминато во учење не само додека се студира туку и понатаму по дипломирањето, но секако кога нешто се сака ништо не е тешко и ако добро се планира, останува и слободно време за други активности и за дружење.

Betty: Зошто избравте баш урологија?

Нерхим: Урологијата како хируршка гранка ја избрав бидејќи во последните децении многу се разви и освен отворена хирургија нуди и ендоскопска и минимално инвазивна хирургија.

Ендоскопската и минимално инвазивната урологија некако највеќе ме привлекува, а и повеќето операции кои ние ги вршиме се такви. Таквите интервенции покрај што се помалку инвазивни, тие нудат и пократок престој во болница, како и некои други бенефита за пациентот.

Betty: Ноември месец е месец посветен на машкото здравје дури и се нарекува М(Н)ОЕМВРИ. Почитуван докторе Туфекчиоски, постојат повеќе болести и проблеми кај нас, но и во светот, кои се присутни кај машката популација. Најчесто проблемите се поврзани со простатата и ги има речиси секој втор маж над 60 години. На што се должи тоа и кои симптоми укажуваат на проблеми со простатата ?
Нерхим: Состојбите и болестите на простатата во последниве години се се’ повеќе актуелни кај машката популација. Зголемување на бројот на болестите кај машката популација се должи на: лошиот начин на живот, не движење, лоша исхрана, стресот...
Откривањето на болеста пак е благодарение на подигање на свеста за машкото здравје. Морам да признаам дека ова се должи и на се’ поголемата афирмација од страна на медиумите (пишани или електронски) и нивната достапност помеѓу населението. Ете имаме дури и месец за подигање на свеста за машкото здравје.
Преку движењето „Movember” (movember.com) со агресивна кампања успева да се допре до сите мажи без разлика на возраста. Истражувањата покажуваат дека проблемите поврзани со простатата се’ повеќе се појавуваат кај помладата популација, па затоа Европската уролошка асоцијација препорачува прва посета на уролог да се направи уште на 45 години, а не како што беше пракса до сега после 50-тата година и тоа да биде еднаш годишно. Значи, не треба да се чека да се појават симптоми, па да се оди на лекар. Превентивните прегледи се најефикасниот начин да се менаџира состојбата со секоја болест вклучувајќи ги и болестите со простатата.
Кои симптоми најчесто укажуваат дека нешто не е во ред со оваа многу важна жлезда за машкото здравје? Најчестите тегоби кои алармираат за состојбата на простатата се:
• зачестено уринирање,
• ноќно уринирање,
• итен нагон за уринирање,
• печење и болка при уринирање,
• ослабен млаз на урина,
• чувство на недоволна измокреност и сл.

Не многу ретко се случува првиот симптом и посета на уролог да биде комплетна ретенција на урина односно неможност за спонтано уринирање кое е причина за катетеризација на мочниот меур односно поставување на катетар кој овозможува празнење на мочниот меур. Катетарот не е многу популарен, но со правилно поставување и внимавање на хигиената врши голема работа и му помага на пациентот иако како и секое страно тело може да предизвика и непријатности и инфекција.

Betty: Покрај појавата на одредени симптоми, постојат тестирања кои ја покажуваат состојбата на простатата, но и на уринарниот тракт. Набројте ги најважните тестирања кои Вие им ги препорачувате и ги применувате кај вашите пациенти.
Нерхим: Како што напоменав најдобро е посетата на уролог да биде планирана, како превентивен преглед т.н “ Check-up” каде урологот ќе земе детална анамнеза и ќе направи уролошки преглед, ултразвук на уринарен тракт и простата и ќе назначи лабораториски анализи на крв и урина. Тука посебно мора да се назначи одредувањето на т.н. ПСА (простатичен специфичен антиген) со анализа на крв.
Кога сме кај овој показател нормалната вредност треба да биде помала од 4,5 иако ова е показател кој се надополнува со други прегледи и тестови бидејќи постојат случаи да биде зголемен и од други причини освен од болест на простатата. Други дополнителни анализи се: инструментални иследувања на уринарните органи како цистоскопија, урофлоуметрија, биопсија и слично, како и компјутеризирана томографија, магнетна резонанса, скен на уринарни органи со радиоизотопи и др.

Betty: Кои најчесто болести се детектираат во овaa област и како се лекуваат? Зависили лекувањето и од возраста на пациентот?
Нерхим: Кај повозрастната популација најчесто се детектираат заболувања на простатата како Бенигна простатна хиперплазија ( BPH), воспалителни заболувања на простата (простатити, простатоцистити) и на мочен меур (инфекции на уринарните органи како и малигни заболувања на простата (карцином на простата) и друго.
Пациентите со немалигни заболувања на простата како што е BPH и циститите најчесто ги лекуваме конзервативно со медикаменти за простата, со антибиотици, NSAIL ( нестероидни антиинфламаторни медикаменти, лекови за болка и друго), но ако не помогне сето тоа, правиме и хируршки зафати (операции) на простатата. Типот на операција најчесто го одредува дијагнозата, возраста, општата здравствена состојба на пациентот и друго.

Постојат повеќе типови на оперативни зафати:
Ендоскопските операции најчесто се прават при BPH. Преку природните отвори се доаѓа до простатата и истата се ресецира со помош на електрокоагулација, ласер или ултразвук иако постојат и други методи. Кај ендоскопските операции, постоперативните грижи обично траат околу една недела, пациетот носи уринарен катетер и престојува во болница. Урологот прави процена, после која се вади уринарниот катетер и започнува т.н адаптивен период од околу три месеци за да може пациентот да се навикне најчесто антибиотик, лек за болка и друго.

По овој период најголем дел од пациентите не примаат терапија, но треба да продолжат со прегледи на уролог за понатамошно следење на состојбата и одредување на ПСА (простатичен специфичен антиген) со анализа на крв. Кај радикалните операции на простата, најчесто заради малигна болест, состојбите се различни бидејќи кај нив се прават поагресивни операциони зафати кои изискуваат подолг постоперативен период и грижи. После овие операции уринарниот катетер се вади после 9-11 ден, односно после добро закрепнување на пациентот, извадени оперативни дренови, уредни лабораториски и биохемиски анализи и друго. Кај овие пациенти периодот на адаптација после оперативното лекување е подолг, враќањето на контролата на уринирање може да трае до една година постоперативно.
Имаме случаи каде нема целосна контрола врз уринирањето бидејќи ова е еден вид несакан ефект од самата операција. После излегување на патохистолошкиот наод некои од пациентите добиваат онколошка медикаментозна или радиотерапија, додека кај други не е потребно. Многу е важно тие да продлжат со редовни контролни и превентивни прегледи каде би се следела состојбата заради појава на рецидивна болест и навремено вклучување на онколошка терапија. Исходот зависи од стадиумот на болеста, видот на туморот, возраста, општата состојба и коморбидитети, умешноста на оперативниот тим, постоперативните грижи и др. Во болницата „8 септември“ како и во другите болници во државата се работат и двата типа на операции со голем број успешно завршени оперативни третмани кај пациенти.

Betty: Како се лекува ракот на простатата?
Нерхим: Се разбира дека ракот на простатата е најсериозната болест на простатата бидејќи исходот е неповолен, ако е во напредна фаза, како и кај другите органи, но за среќа успешноста е се подобра благодарение на развојот на медицината вклучително и во урологијата. И повторно ќе повторам навременото лекување и стопирање на болеста е најдобриот пат кон добри резултати, а во прилог на оваа констатација е појавата на се понови методи и апаратури. Во лекувањето и негата на оваа болест најдобро е да бидат вклучени повеќе различни здравствени стручни лица. Одлуката како најдобро да се лекува ракот на простатата зависи од возраста, општата здравствена состојба и степенот и стадиумот на болеста. Иако скоро сите лекувања имаат несакани последици, повеќето од нив може ефикасно да се контролираат, а со тоа и да се продолжи животот. Активното следење на болеста понекогаш е логична опција и вашиот доктор „ќе гледа и ќе чека“. Некои видови на рак на простатата бавно се развиваат и се јавуваат кај постари мажи, што значи дека тие не се опасни по живот.

Можните несакани последици од лекувањето, на пример, од операцијата, може повеќе да влијаат на квалитетот на вашиот живот отколку на самата болест. Пациентот ќе треба редовно да прави проверки на простатата, бидејќи може да се јават рецидиви. Контролите вклучуваат повторни тестирања за да се осигура дека состојбата не се изменила, се разбира ако се избере методот на „внимателно чекање“.
Ако докторот сепак се одлучи за операција, при операцијата се отстранува простатата и тоа се нарекува простатектомија. Покрај простатата понекогаш може да се отстрани и околното ткиво.
За операција потребно е да се престојува во болница во просек три до шест дена, после што следува заздравување во период од шест недели. Операција се препорачува ако ракот на простатата е локализиран (ракот не се проширил надвор од простатната жлезда) и ако пациентот е во добра физичка состојба и може да ја издржи операцијата. Ако ракот се прошири надвор од простатната жлезда, обично не се препорачува операција, меѓутоа постојат други видови на лекување.
При терапијата со зрачење се користат рендгенски зраци со кои се отстрануваат канцерогените клетки. Терапија со зрачење може да се препорача за лекување на локализиран рак на простатата. Таа може да се користи наместо операција или во комбинација со операција. Таа исто така може да се користи за да се намали големината на ракот и да се ублажат болките, чувството на непријатност или други симптоми.

Постои хормонската терапија со која се намалува машкиот хормон, тестостерон, за да се помогне да се забави растот на ракот. Таа се изведува со користење на лекови кои го спречуваат ослободувањето на хормоните кои предизвикуваат тестисите да произведуваат тестостерон. Оваа терапија се препорачува кога ракот се проширил или ако друг вид на терапија со операција или зрачење не се соодветни. Хормонската терапија не може да го излечи локализираниот рак на простатата, меѓутоа таа обично ќе го спречи растот на ракот на простатата. Ова повлекување на болеста може да трае неколку години. Хемотерапијата не мора рутински да се користи кога првпат ќе се дијагностицира рак на простатата, меѓутоа, таа може да се препорача ако ракот се проширил и ако другите видови на лекување не се ефикасни.

Диететската терапија, или здрава исхрана која вклучува разновидна храна, ќе осигура да ги примате потребните материи за вашиот организам за тој да може да се справи со лекувањето и заздравувањето. Осигурете се да разговарате со вашиот диететичар и доктор. Постојат видови на храна кои помагаат во превенција и во лекување на простатата како што е калинката, доматот, брокулата, трнинката и други, но и видови на храна кои ја влошуваат состојбата. Тука не треба да се заборви и земањето на суплементи кои ги има доста на нашиот фармацевстки пазар и голем број од нив се на природна растителна база, како и земањето витамини и минерали. Да не ги заборавиме и чаевите како што се чајот од врбовица, коњско опавче, коприва, магдонос и други. Физичката терапија може да го подобри заздравувањето од болеста. Истражувањата покажуваат дека редовната физичка активност е корисна и дека таа може да ги намали несаканите последици.
Се разбира тоа се лесни вежби. Зборувајте за тоа со вашиот физиотерпевт. Физичка активност е добра за се’.

Betty: Ова се болести кои се јавуваат кај повозрасните, а кај помладите?
Нерхим: Границата за болести на простатата се померува за жал кон помладата возраст. Дури и кај нас има пациент на 43 години. Но се разбира има и други болести. Би ја издвоил Калкулозата ( камчиња) во уринарниот тракт иако таа се јавува кај сите возрасти, но поретка е во детска и адолесцентна возраст. Постојат повеќе модалитети за лекување и следење на пациентите. Тука неминовно мораат да се истакнат циститите кои можат да имаат различа етимологија. Тие можат да бидат бактериски и вирусни и нив обично ги решава матичниот лекар, а ги има и кај двата пола во речиси сите возрасти. Доволен внес на течности и хигиено-диететски режим е најлесното нешто кое секој треба да го практикува како превенција од овие болести, но сепак кога ќе се појават секако дека има потреба од антибиотска и симптоматска терапија, а во некои случаеви и оперативно лекување.

Betty: На крајот што ќе им препорачате на нашите читатели од машкиот пол?
Нерхим: Неколку збора би сакал да посветам за оние пациенти кои имаат контраиндикација за операција, па истата не може да се изврши, Кога станува збор за БПХ и неможност за спонтано уринирање ние пласираме уринарен катетер преку кој се празни урината од мочниот меур. Пациентите доаѓаат секој месец за промена на катетарот во амбулантите за урологија. Неспорно е дека квалитетот на живот кај нив е променет, но со време повеќето се навикнуваат особено ако се следат советите на уролог и редовно и навремено се врши промена на катетерот. Пиењето течности минимум 1,5 L на ден е еден од најважните совети до кој треба да се придржува секој пациент кој носи уринарен катетер. Урологот во зависност од состојбата на пациентот одредува и употреба на антибиотик, но исто така и дополнителни анализи како ултразвук, микробиолошки анализи на урина, одредување ПСА и сл.

Доколку има потреба се назначуваат и други иследувања. Пациентите со малигна болест кај кои не може да се изврши оперативно лекување, се упатуваат да продолжат со онколошка терапија и редовни контролни прегледи. Уринарните инфекции се многу честа причина за посета на уролог. Тие се најчесто бактериски, но може да бидат и вирусни, габични или од паразити. Постојат и небактериски воспаленија, најчесто на простата и мочниот меур, кои бараат посебен третман. Употребата на антибиотици е неминовна, трае подолго од вообичаената употреба за други инфекции и се комбинира со останатите медикаменти за симптоми од долни уринарни патишта.
Во денешно време посетата на уролог за да се соопштат тегобите и симптомите не е табу, а на радост на сите нас мажите оваа декада е посветена на подигање свеста за машкото здравје. Голема благодарност до сите кои земаат учество да се промовира навремената посета на уролог бидејќи само на тој начин може навремно да се открие дадено заболување и да се превземат соодветни чекори за негово лекување. Редовната посета на уролог најмалку еднаш годишно ни дава можност за рано откривање на заболувањето, оперативно лекување и излекување.

Betty: Пациентите кај кои ќе се дијагностициран рак на простата често го поставуваат ова прашање: „Што сега ?“ Кој е Вашиот одговор?
Нерхим: Откако ќе дознаете дека имате рак на простатата, може да бидете шокирани, вознемирени, загрижени или збунети. Овие реакции се нормални. Може да биде корисно ако зборувате за можностите за лекување со вашиот доктор, семејство и пријатели. Поставувајте прашања и побарајте онолку информации колку што чувствувате дека ви се потребни. Од вас зависи колку ќе сакате да бидете вклучени при донесувањето одлуки за Вашето лекување. Покрај ракот на белите дробови, ракот на простатата е најчест вид на рак што се јавува кај мажите. Ракот на простатата е невообичаен затоа што кај некои мажи тој бавно се развива и не преставува закана, додека кај други тој може да биде агресивен. Стапките на излекување на ракот на простатата се подобруваат, меѓутоа несаканите последици од лекувањето може негативно да влијаат на начинот на живеење, вклучувајќи ги сексуалното функционирање и способноста да се контролира мокрењето.

Начинот на живот, исхраната, физичката активност, доволен внес на течности, топлата облека во студените месеци многу влијае во менаџментот на пациентите со заболувања и симптоми од долни уринарни патишта (простатити, цистити, БПХ, хиперактивен мочен меур, уринарни инконтиненции и сл.).Сепак како што рекол Џонатан Сфивт „ „Најдобри доктори на светот се доктор Диета, доктор Мир и доктор Радост.“

Betty: Вие сте релативно млад човек кој максимално им е посветен на пациентите според нивните кажувања. Имате ли време и за други активности освен професионалните? Имате ли хоби? Како се релаксирате после професионалниот ангажман кој некогаш може да Ви одземе голема дел од Вашата енергија и време?

Нерхим: На моите пациенти им се посветувам максимално во граници на моите знаења и можности. Тоа го правам со голема почит и внимание, особено кај повозрасните пациенти. Се трудам да им го намалам барем стравот и вознемиреноста и гледам дека тоа им помага. Излекувањето на секој пациент ми носи задоволство. И не ми е жал што така трошам време кое би го посветил на некое друго задоволство. Слободното време го користам да бидам со семејството и на моите деца да им ги пренесам сите мои искуства и знаења за полесно да се справат со предизвиците на времево во кое живееме.

При тоа користам и нешта кои сум ги сочувал и во спомените од разговорите со моите родители. Со семејството редовно го посетуваме нашиот роден крај Кичево, каде се и моите родители, останати роднини и пријатели. Се трудам да најдам време и за дружење со моите пријатели. Со пријателите седнуваме на „кафе муабет “ и тоа ме релаксира. На тој начин правам ресет од стресот на работа. Немам некое хоби, освен ако во тоа не се смета што секогаш сакам нешто ново да дознаам, да прочитам, во врска со мојата професија. Можеби во иднина би требало. .. Сега се’ уште сум во фаза на учење и собирање на искуство и знаење.

Betty: Кои се Вашите идни планови на професионален и на личен план?
Нерхим: Започнувам Докторски студии и ќе треба да се посветам и на нив, се надевам нема да ги пробијам роковите за завршување. Со семејството да останеме во добро здравје и кондиција за да може да продолжиме во понатамошните предизвици на личен и професионален план.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Ноември 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>