|
психолог, Маријана Гугоски
Анксиозноста, позната во психологијата како вознемиреност, е сигнал што му кажува на телото дека треба да биде подготвено за да се соочи со одреден предизвик во опасни ситуации. Кога почнува да се појавува чувството на неизбежна вознемиреност, со цел мускулите да се снабдат со повеќе кислород, почнува да се забрзува дишењето, како и да се забрзува срцевото отчукување. Тоа е начин со кој телото се подготвува за тие „опасни ситуации“ и се обидува да се заштити од несакани и непредвидливи лоши појави. Ова се смета за знак или, пак, импулс кој го сигнализира појавувањето на очекуваниот проблем.
Благодарение на оваа природна и позитивна појава на анксиозност, повеќето од нас можеме веднаш да интервенираме зад воланот, додека се соочуваме со ризична ситуација во сообраќајот, водиме грижа за да имаме што подобри резултати на испитот за кој сме се подготвувале или, пак, се справуваме со секојдневни проблеми во животот донесувајќи брзи и решителни одлуки. Стравуваме за своето здравје и поради тоа водиме повеќе грижа за него. Сакаме да бидеме добар родител и се обвинуваме дека можеме да споделиме уште повеќе време со своето дете. Затоа може да се каже дека природната анксиозност е неопходна за нормалното човечко функционирање и најчесто влијае позитивно при справување со одредени ситуации.
Нарушената анксиозност е онаа која се манифестира и при неприсутна опасност и трае непотребно долго, со што лицето кое страда од неа ја чувствува многу посилно од обичната загриженост. Тоа е еден од случаите каде што е потребна стручна помош, бидејќи со тек на време тоа нарушување ќе се засили и ќе се претвори во високо нарушување на анксиозност.
Луѓето што страдаат од ваков тип нарушување не функционираат нормално во секојдневниот живот. Стравот од неоснованата грижа ги следи како сенка и тоа влијае на сите работи што ги прават во текот на денот. Растројството дејствува негативно на рутинските навики, психофизичките промени, апетитот, сонот, како и на социјалниот живот на лицето. Свесни за своите интензивни чувства, луѓето со анксиозност чувствуваат зголемен степен на загриженост што не можат да ја контролираат и да ја смират – што е уште еден знак за потребата од стручна помош.
Кои се симптомите за анксиозност?
- Чувство на безвредност и отсуство за самодоверба
- Тешкотии при остварување комуникација со другите
- Избегнување говор или, пак, јадење пред многу луѓе
- Појава на чувство на нервоза, револт и неисполнетост
- Насочување премногу внимание на туѓите зборови и мисли
- Потреба за бегство од околината
- Болка во мускулите
- Забрзано дишење
- Треперење
- Чувство за безнадежност
- Постојана потреба од плачење
- Тешкотии при концентрирање и фокусирање на вниманието
- Проблеми со спиењето, како несоница
- Привремено губење на меморијата, тешкотии при паметење обични работи
- Насочување кон тажни мигови и ситуации
Внимавајте на детството
Трауматските настани кои се дел од детството предизвикуваат преголема чувствителност, по што механизмот на мозокот го обработува стравот како резултат на стресните ситуации. Постојат истражувања кои докажуваат дека во некои случаи ваквите нарушувања се основаат и на генетските фактори. Покрај генетските фактори, постојат и други околности кои може да се сметаат за причинители на ваквата појава, и тоа: преживување тажни и болни разделби; предиспозиции за зависност од гнев и пороци; физичка или, пак, сексуална злоупотреба во раното детство/пубертет; живеење во стресни места или околности и др.
Видови анксиозни нарушувања
Опсесивно-компулсивно нарушување: Се состои од однесувања кои често се повторуваат и од кои личноста станува зависна. Луѓето со вакво нарушување се во постојан страв и живеат со помислата дека секој миг може да им се случи нешто лошо. Тие најчесто континуирано ги прават истите работи за кои сметаат дека ќе им помогнат, како често миење раце, непотребно проверување заклучена врата, исклучена печка или, пак, постојано спиење кое го сметаат како заштита. Иако во општеството ова се смета за „опсесија“, сепак, станува збор за психичко нарушување. Доколку лицата не ги вршат овие рутински контроли, станува збор за зголемена загриженост, се појавуваат тешкотии при фокусирање на останатите секојдневни обврски и вознемиреноста станува исцрпувачка.
Паничен напад: Иако не станува збор за фатално нарушување на здравјето, сепак, овој вид нарушување се манифестира на силен и загрижувачки начин. Луѓето кои се соочуваат со паничен напад имаат чувство дека ги очекува мозочен или, пак, срцев удар. Тие чувствуваат дека им снемува воздух за дишење, со што се појавува гушење. Поради силниот страв, се блокираат мозочните функции и луѓето со паничен напад во тие мигови се чувствуваат беспомошни. Се забрзува срцевата акција, се покачува крвниот притисок и телото се обидува да се заштити од замислената голема штета која е сигнализирана од страна на мозокот.
Најчесто се мисли дека анксиозноста и паничниот напад се исто, сепак, станува збор за две различни психолошки нарушувања. Додека кај анксиозните луѓе постои постојан страв и загриженост со кој потсвесно личноста постојано се бори, кај паничните напади луѓето се чувствуваат како да се нападнати од одредена опасност и очекуваат да изгубат свест. Ваквата состојба може да трае од неколку минути до неколку часа.
Посттрауматски стрес: Ваквиот тип анксиозност се појавува после преживување одредена трауматична ситуација. Лицата кои страдаат од ваков вид нарушување, постојано се навраќаат на моментот кога е настаната траумата и неколку пати го преживуваат истото чувство. Како резултат на посттрауматскиот стрес, се појавува несоница или, пак, физички болки во одредени делови од телото.
Општо растројство: Овие луѓе бараат причини за грижа буквално во сè. Тие постојано мислат на лоши ситуации и можните последици, на пример: влегување на крадец во домот, опасност од временска непогода или, пак, земјотрес, болест или, пак, загуба на најблиските... Ваквите теми ги сметаат како ситуации во кои лицето не може да се снајде, не е во можност да ги контролира и поради истите може да страдаат со денови.
Зошто се јавува анксиозноста?
Како и за повеќето психички растројства, и за анксиозноста не е докажана причината која доведува до неа. Кај некои луѓе анксиозноста е резултат од одреден причинител, додека кај некои таа нема прецизна причина и се појавува постепено. Најчестиот вид на анксиозност се дефинира како резултат на нерамномерна распределба на одредени хемикалии кои по природа се наоѓаат во мозокот. Станува збор за невротрансмитери, како што се серотонин и норадреналин. Сепак, постојат и многу други биолошки појави, фактори од опкружувањето на личноста, како и генетските предиспозиции.
Лицата кои страдаат од ваков вид нарушувања е потребно да посетат стручно лице, кое според потребите на пациентот ќе понуди психотерапија со или без лекарства. Свесноста за нарушувањето е клучната алатка за надминување на анксиозноста.
Бонус BETTY совет:
Доколку имате некој од симптомите кои водат до анксиозност како вид на психичко пореметување, покрај тоа што треба да размислите за стручна помош, пробајте ги и вежбите со правилно дишење. Дишењето е исклучително важно за смирување на организмот. Фокусирајте се на сопствениот здив, држете ритам и дишете длабоко додека не забележите дека се чувствувате подобро.
За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2020).