Што претставува еректилната дисфункција
Еректилната дисфункција (ЕД) или импотентност е нарушување на сексуалната функција кое се карактеризира со неможност да се постигне или одржи ерекција на пенисот за време на сексуална активност за постигање задоволителен сексуален акт.
Застапеноста на еректилната дисфункција по возраст е следната :
20-30 години 5-10%
40-50 години 20-40 %
над 50 години 50-70%
Како причини за импотентност може да се наведат постара возраст, висок крвен притисок, дијабет, пушење, атеросклероза со високи нивои на масти во крвта, депресија, невролошки нарушувања, хормонален дисбаланс, несакани ефекти на медикаменти, злоупотреба со алкохол и наркотични средства, ниски нивои на тестостерон во крвта и сл.
Причини за еректилна дисфункција
За да се постигне и одржи ерекцијата потребно е:
Здрав нервен систем кој ќе спроведе нервни импулси во мозокот, ‘рбетниот мозок и пенисот
Здрави артерии во или во близина на кавернозните тела
Здрави мазни мускули и фиброзно ткиво во кавернозните тела
Адекватни нивои на азотен оксид (NO) во пенисот
Еректилна дисфункција може да се појави ако не се исполнети едно или повеќе од овие услови. Важно е да се утврди точната причина за еректилна дисфункција и лекување на заболувања кои може да доведат до неа.
Причините за еректилна дисфункција може да бидат:
3.1 Органски причини
Постојат четири основни типа здравствени состојби кои може да доведат до физички проблеми кои доведуваат до еректилна дисфункција.
Тоа се:
Состојби поврзани со приток на крв кон и во пенисот т.н. васкулогени состојби
Состојби поврзани со нервниот систем, неврогени
Состојби поврзани со нивото на хормоните, хормонални
Состојби поврзани со физичката структура на пенисот, анатомски
Повреди и хируршки интервенции
Повреди на пенисот и хируршки интервенции многу често може да бидат причина за еректилна дисфункција. Исто така кај тешки повреди на главата кај 15-25% од мажите се јавува еректилна дисфункција.
Васкулогени состојби
Состојби со крвните садови кои може да бидат причина за еректилна дисфункција се:
Атеросклероза со заболувања на срцето и крвните садови
Висок крвен притисок
Дијабет, болест при која има нарушување како на крвните садови така и на нервите во и околу пенисот
Неврогени состојби
Примери на неврогени состојби како причина за еректилна дисфункција може да бидат:
Мултипла склероза, болест која води до трајни оштетувања на периферниот и централниот нервен систем
Паркинсонова болест
Повреди и заболувања на ‘рбетниот столб и ‘рбетниот мозок
Мозочен инсулт
Хормонални состојби
Хормоналниот баланс е исклучително потребен за нормално функционирање на физиолошките процеси во организмот. Некои нарушувања влијаат и на ерекцијата и тоа:
Хипогонадизам, состојба која се карактеризира со ниски нивои на полови хормони и нивни прекурсори
Хипертиреоидизам, зголемено лачење тиреоидни хормони
Хипотиреоидизам, намалено лачење тиреоидни хормони
Зголемено лачење на хормонот кортизол или внес на лекови кортикостероиди долгорочно кое доведува до т.н. синдром на Кушинг.
Анатомски состојби
Болест на Пејрони, состојба која доведува до создавање фиброзни плаки на обвивката на кавернозните тела, tunıca albugınea (бела обвивка) која може да доведе до еректилна дисфункција.
3.2 Медикаменти
Одредени медикаменти може да доведат до појава на импотентност, и тоа:
Диуретици, лекарства кои се користат за срцева слабост, висок крвен притисок и бубрежни заболувања
Антихипертензивни лекови од групата на бета-блокери, се користат за намалување на крвен притисок и некои аритмии.
Фибрати, се употребуваат за намалување на нивото на холестерол
Антипсихотици, за лекување психички заболувања, на пример шизофренија.
Антидепресивни лекови, се применуваат во лекување на анксиозно-депресивни состојби и некои видови болка.
Кортикостероиди
H2 антагонисти, се користат за лекување на гастроинтестинални тегоби
Антиконвулзивни медикаменти, за лекување на епилепсија и неврогени конвулзии
Антихистаминици, за лекување на алергиски состојби
Анти-андрогени лекови за блокирање на тестостерон
Цитостатици, медикаменти за употреба при малигни, автоимуни болести и ревматолошки заболувања
3.3 Психолошки причини
Психолошки причини кои може да доведат до еректилна дисфункција се:
Депресија – чувство на тага и потиснатост кое може да трае подолго време
Анксиозност – состојба на немир, тревога или страв
Исто така, истовремено може да има органска и психолошка причина за еректилна дисфункција. На пример пациент со дијабет тешко постига ерекција, кое, пак, доведува до чувство на немир поради ситуацијата. Комбинацијата од дијабет и тревожност може биде причина за епизода на еректилна дисфункција,
Одредени емоционални состојби влијаат на возможноста да се добие и одржи ерекцијата. Состојби како :
Проблеми во врската
Недостиг на сексуално образование
Сексуални проблеми во минатото
Сексуално насилство во минатото може да се причина за еректилна дисфункција.
3.4 Други причини
Во оваа група причини спаѓаат следните:
Прекумерна употреба на алкохол
Хроничен замор
Пушење
Употреба на наркотици како канабис, хероин или кокаин
Поодмината возраст
Лекување на еректилна дисфункција
Лекувањето на еректилната дисфункција ги вклучува:
Избор на медикаменти за хронични заболувања кои не предизвикуваат еректилна дисфункција
Подобрување на начинот на живот
Ординирање медикаменти за лекување на еректилна дисфункција или примена на локални медикаменти
Употреба на помагала како вакуум-пумпи и др.
Хируршко лекување (пенилни протези)
Психотерапиja
Пишува
Др. Спец. Нерхим Туфекчиоски
ГОБ 8ми Септември