Фармацевти
Контакт

<< Назад

Естетска стоматологија – што, всушност, значи тоа?

мај 9, 2022



Д-р Ивица Луканоски


Што претставува естетската стоматологија?

Стоматологијата веќе не е само случај на пополнување и вадење заби. Денес, многу луѓе своето внимание го насочуваат кон естетската стоматологија како начин за подобрување на својот изглед. Со естетските третмани забите може да се исправат, преобликуваат или поправаат.

Естетските третмани вклучуваат изработка на ламинати, коронки, мостови, естетски пломби, импланти и белење на забите.

Што се тоа ламинати?

Ламинатите се тенки лушпи што се ставаат на предната страна на забите и се цементираат трајно. Тие се изработуваат од висококвалитетен порцелан, кој ја рефлектира светлината и сјае како природната глеѓ на забот.

Кога може да ставам ламинати?

Ламинатите се идеален начин за третман на пребоени заби, затворање на празнините меѓу предните заби, ситни, криви или деструктивни заби.

Дали постојат пломби?

Повеќе од 150 години стандардните пломби се изработени од сребрено-сив материјал наречен амалгам. Овој материјал се смета за еден од најсилните и најдолготрајни материјали за пломби. Сепак, многу луѓе сметаат дека е непривлечна бојата на амалгамот, а некои се загрижени за можните здравствени ризици.

Белите пломби сега се популарна алтернатива на амалгамските пломби. Новите стоматолошки материјали овозможуваат многу полесно да се обезбеди добро рабно затворање помеѓу пломбата и забот, а со тоа во повеќето случаи сосема е невозможно да се види дека забот има полнење. Понекогаш нанокомпозитните (бели) пломби може да се користат за прекривање и на недостатоците на забите на сличен начин како и ламинатите.

Мојот заб е лошо скршен - што можам да направам?

Кога забот е лошо скршен, најчесто треба да се изработи порцеланска коронка, со што ќе се задржи забот во усната празнина и ќе има и функција и естетика.

Како се изработуваат коронки?

За поставување коронка, забот треба да се обработи со употреба на локална анестезија, потоа се зема отпечаток од усната празнина со помош на силиконска маса. На тој начин се овозможува идеално пресликување на состојбата од устата на пациентот на гипсен модел. Тој се изработува во заботехничка лабораторија и служи за понатамошните фази за изработка на коронката.

Што се случува со нашите заби додека се прави коронката?

Додека се прави вашата коронка, подготвениот заб може да биде заштитен со привремена коронка. Таа лесно се отстранува непосредно пред поставувањето на постојаната коронка.

Од што е направена коронката?

Коронките може да бидат направени од разни материјали - порцелан во комбинација со метал или само порцелан. Постојано се воведуваат нови материјали. Најдобро е да разговарате со вашиот стоматолог за тоа која коронка најдобро ќе ви одговара.

Што претставува мостот?

Мостовите се идеални за луѓе што не сакаат протези или имаат само мал број заби што им недостигаат. Онаму каде што недостига заб, се состружуваат двата соседни заба и се премостуваат со порцелански заби, со што се пополнува празниот простор.

Дали може да се користат импланти за замена на изгубените заби?

Имплантите се алтернатива на протези и мостови, но тие се поскапи. Тие се изработени од титаниум, хируршки се ставаат во коската на местото каде што треба да се надомести изгубениот заб. Врз нив се изработуваат коронки и мостови, но исто така може да се стават и под протези за нивна подобра стабилност.

Може ли да ја осветлам бојата на забите?

Да. Белењето на забите може да биде многу ефикасен начин за осветлување на природната боја на вашите заби, без оштетување на емајлот на забот.

Што подразбира белењето на забите?

Тоа е многу популарна козметичка процедура, при што се менува бојата на забите кон посветла нијанса. Може да се изведе во домашни услови или во стоматолошка ординација, а притоа забите не се оштетуваат. Оваа естетска процедура доаѓа во обѕир кога непцата се сосема санирани, а пациентот има усвоено правилна и ефикасна техника на орална хигиена.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Мај 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>