Фармацевти
Контакт

<< Назад

Желбите за новата 2021

декември 1, 2020



ТРИО ЏЕНТЛМЕН

2020 ќе ја паметиме по тоа што во оваа година интернационалната кариера и популарноста на Триото требаше забрзано да се одвива. На тоа работевме интензивно изминатите години, но, за жал, светската пандемија со вирусот Ковид-19 си го зеде својот дел и нè спречи да ги оствариме нашите закажани гостувања во најголемите светски културни центри како Њујорк, Москва... 2020 ќе ја паметиме и по многу други одложени настапи, како целовечерни концерти, разни приватни забави, евенти на кои требаше да настапиме и во нашата земја. Секако дека и нашата желба, како и на голем дел од луѓето на планетата е, да не се повтори 2020 година.

Ќе се обидеме да стекнеме уште поздрави навики да му помогнеме на нашиот организам уште полесно да се справи со секојдневните предизвици, како на приватно така и на професионално поле.

БОРКО РИСТОВСКИ

Верувам дека сите сакаме да заборавиме на оваа 2020 година која конечно си заминува. Годината кога сите зборуваме за пандемијата со коронавирусот и задоволствата од кои нè раздели. Сметам дека генерално имав успешна година, како во професионалниот така и во приватниот живот. Бидејќи сум човек кој малите и „обични“ работи ги става на прво место, посакувам идната година да ни донесе здравје, среќа и успех. Можеби е клише, меѓутоа навистина се водам по овие размислувања и затоа секогаш велам дека „она што може да се купи со пари, нема вредност“. Иако на прв поглед изгледаат како многу едноставни желби, сепак, во моментов ова е највредното нешто што  може да го посакате од новата година.

Како огромен љубител на оброците во доцните часови, ќе се потрудам во новата година да се одвикнам од ова мало „слатко задоволство“.

ЕДИНА МУСА

Изминатава година, секако, ќе ја паметам по пандемијата која ни наметна нови услови и еден сосема нов начин на живот. Ќе ја паметам како година во која  сите се потсетивме на тоа колку е важно семејството и вистинските пријателства. Дека со искрена љубов и поддршка, полесно се надминуваат тешките мигови. Единствената желба која ќе ја посакам оваа нова година е; конечно да заврши целата ситуација со коронавирусот и да почнеме повторно да функционираме нормално.

Што се однесува до навиките, не би променила ништо. Едноставно би продолжила со здрава исхрана и секојдневна физичка активност.

ЕННУР ТОТРЕ

Како и цел свет, така и јас, оваа година ќе ја паметам по последиците предизвикани од пандемијата и промените наметнати од неа. Желбата е повеќе од позната; да се надмине пандемијата и животот да се врати во нормала на глобално ниво.

Како личност која строго се придржува на навиките што се дел од здравиот начин на живот, не би променил ништо. Напротив, би сакал да ги инспирирам и луѓето околу мене да вметнат некои од овие навики во своето секојдневие.

МАТЕЈ НАСТЕВСКИ

Изминатата 2020 година ќе ја паметам по бројни убави настани и мигови кои  се случија во необични услови предизвикани од коронавирусот. Најубавото нешто по што ќе ја паметам  дефинитивно е емитувањето на првата сезона од серијата „Зоки Поки“, каде го глумам главниот лик. Ќе ги паметам бројните средби со фановите и љубителите на серијата кои ме препознаваа секаде. Уште еден момент за паметење ќе ми остане мигот кога се видов на билборд во Охрид – каде што бев ликот од рекламата на одредена компанија. Моите желби за новата 2021 година би биле; да продолжиме нормално да комуницираме и да се дружиме, да продолжам со физичката дружба и активности како во, така и надвор од училиштето и, секако, да сме здрави и среќни. Најмногу од сè, посакувам да продолжиме со снимањето на втората сезона на серијата „Зоки Поки“.

Секако дека во новата година сакам да променам дел од моите навики, во името на здравиот начин на живот. Би сакал повеќе да водам грижа за здравата исхрана и да бидам повеќе физички активен.

САШКО КОЦЕВ

Па мислам, секако, како и целиот свет, ќе ја паметам по оваа пандемија која нè затвори во своите домови, но и во своите грижи, своите мисли и своите размислувања. Од размислувањата би можел да издвојам дека човек кој живее интензивен професионален живот, застана, размисли до каде е и што сработил, на каде би сакал да ја придвижи или да ја смени својата професионална линија, но и до каде е и колку малку време поминувал со своите најблиски и колку е тоа битно за неговата духовна исполнетост и натамошна инспирација. Во новата 2021 година би посакал здрава средина, во која нема да се оддалечуваме ниту физички, а ниту социјално. Продолжување на зацртаниот пат по кој тргнавме, без разлика на професијата. Вести во кои ќе слушаме за успех на нашите актери, уметници, спортисти, музичари, а не  вести за неуспех на едно општество да се справи со пандемијата поради својата неодговорност и несовесност.

Што би променил? После доста време седнав да размислам и за овој сегмент од цивилизираното живеење. Брзиот модерен живот носи нездрави навики, што од исхрана, што од физичка активност.  Мислам дека со оваа, скоро деветмесечна изолација, доволно созреав  на тој план, сега  следно што  ми треба покрај толкуте домашни храни и смудија, дури мислам дека  е  токсикација. Кафеански муабети, со нездрава храна, долги разговори со истомислениците и неистомислениците под раскошно дрво и чашка ракија, со која се отвора еден форум на разни вкусови и мислења околу театарската и филмската уметност.

ЛАУРА КРЛИУ

Според мене, оваа година беше, всушност, многу просветлувачка година. Започна со многу патувања, танцувања во различни држави, запознавање нови култури и стекнување пријатели од различни места во светот. Секако, потоа се запознавме со пандемијата, со која сè уште се справуваме. Освен тоа што не успеав да реализирам голем дел од плановите што ги имав и да ги довршам обврските, конечно најдов време во кое  можам да се посветам на самата себеси. Имав повеќе време за читање, готвење разноразни јадења, на кои порано не сум ни помислила. Ако оваа година за сите нас е година во која  не можевме да патуваме и да посетуваме нови места, се надевам дека за сите тие желби ќе надоместиме во новата 2021 година. Ќе научиме да ги цениме сите мали мигови кои  претходно не претставувале посебно значење за нас. Посакувам во 2021 година да започнеме со поголем оптимизам и да бидеме подготвени за приспособување на промените во нашите животи. Да се фокусираме исклучиво на работите кои  можеме да ги контролираме и да ги насочиме да бидат корисни за наше добро.

Во името на здравиот начин на живот, секогаш можеме да направиме промена. Тие промени потребно е да го опфатат и нашето ментално здравје, како и квалитетниот сон. Кон крајот на секоја календарска година ги разгледувам своите навики и секогаш правам план за нивно подобрување. Годината ја испраќам со наздравување за сите убави нешта на кои ќе се сеќавам од изминатите дванаесет месеци.

ИГОР АНГЕЛОВ

Едвај чекам да заврши оваа 2020 година. Ќе ја паметам по тоа што не отидов на одмор, по целата ситуација со пандемијата, по премиерата на „Мојот маж“ – прекрасна претстава на Нела Витошевиќ, која, за жал, не ја играме, по филмот кој  го снимавме во Бугарија и по завршувањето на петтата сезона на „Преспав“, како и новата сезона на „Петко“. Во 2021 најмногу од сè посакувам да заврши пандемијата, да се отворат театрите – бидејќи публиката навистина многу ми недостига. Посакувам во новата година јас и моите најблиски да бидеме живи и здрави...

Кога сме кај навиките кои би сакал да ги променам во новата година...Ќе се потрудам помалку да јадам бел леб, да имам повеќе време во кое  ќе се посветам на себеси, време кога ќе можам почесто да излегувам надвор од градскиот метеж. Љубител сум на планинските прошетки и се трудам често да пешачам во природа, но дефинитивно сакам да одвојам повеќе време за тоа. Сакам повеќе да можам да одам на море и да јадам морска храна.

ИСКРА КАНЗУРОВА

Изминатата година не само јас, туку целиот свет ќе ја паметиме по пандемијата и секако адаптирањето на новите услови. На пример, иако долго време работам во телевизија, оваа година прв пат имав прилика да водам емисија со виртуелни гости, односно гостите се вклучуваа во програма од своите домови. Желбите од новата година се верувам за сите добро познати: враќање во нормалниот тек на работите и нормално многу здравје. Во однос на навиките, сметам дека секоја навика може да биде нездрава доколку не бидеме умерени во она кое што го правиме.

АНДРЕЈ СТОЈАНОВСКИ

2020 како и цел свет, ќе ја паметам по појавата на вирусот Ковид 19 и по последниците предизвикани од него. За жал, бев принуден да ги откажам сите активности кои што ми беа планирани бидејќи сите светски спортски манифестации беа во мирување и беше доведено во прашање нивното функционирање во иднина. Од новата година покрај тоа што најмногу сакам да заврши целата ситуација со пандемијата, огромна желба имам да настапам на Олимписките игри за глуви – кои што треба да се одржат во Бразил, кон крајот на годината и од кои што посакувам да се вратам со медал. Благодарение на спортот до сега имав многу здрави животни навики, но сепак поради пандемијата се надевам дека сите ќе бидеме уште подисциплинирани и одговорни.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>