Фармацевти
Контакт

<< Назад

Железодефицитна анемија – причини, симптоми, дијагноза, третман и превенција

февруари 1, 2024



Пишува: Д-р Емилија Стојковска

Анемија или слабокрвност е состојба што настанува кога во крвта ќе се јави намален број на црвени крвни зрнца (еритроцити) или намалена концентрација на хемоглобин. Хемоглобинот претставува главен составен дел на црвените крвни зрнца, чија улога е да го носат кислородот до кретките. Затоа, доколку има намален број на црвени крвни зрнца или намалени вредности на хемоглобинот, клетките во телото нема да бидат во можност да добиваат доволно кислород.

Постојат разни типови на анемија, но една од најчестите е железодефицитна анемија или сидеропенична анемија. Како што и самото име укажува, железодефицитната анемија се јавува поради недостиг на железо во организмот. Како резултат на тој недостиг се нарушува создавањето на хемоглобинот. Постојат разни причини за појавување на железодефицитната анемија.

Најчестите се:
Губиток на крв - со секое губење крв од организмот се губи и одредена количина железо. Чест пример за тоа се обилните менструални крвавења кај жените, како и миоми на матката.

Постои и бавна, хронична крвозагуба, најчесто од нелекуван пептичен улкус, хијатална хернија, полип на дебелото црево, карцином на дебелото црево, хемороиди.

Земањето одредена терапија, како антикоагулатни или нестероидни антиинфламаторни лекови, го зголемува ризикот од гастроинтестинално крвавење и губиток на крв преку столицата.

Намалено внесување железо преку исхраната - одредена храна, како месо, јајца, зелјести растенија, јаткасти плодови, се богати со железо, па намаленото внесување поради разни причини, како диети или модифицирана исхрана, доведува до намалено внесување железо во организмот.

Намалена апсорпција на железото во дигестивниот тракт - одредени состојби, како целијакија или хируршки ресекции и премостување на дел од тенкото црево, може да доведат до намалена апсорпција.

Бременост - железодефицитната анемија кај бремените жени се јавува најчесто во случај на несоодветно примање додатоци на железо во исхраната. Зголемената потреба за продукција на хемоглобин на жената доведува до трошење на резервите на железо.

При одредени паразитски цревни болести - во ваков случај паразитите што се развиваат во интерстиналниот систем го користат внесеното железо преку исхраната.

Првично железодефицитната анемија може да биде во блага форма и да не предизвикува тегоби и симптоми. Но, како се намалува концентрацијата на железото и анемијата се влошува, така се јавуваат и поизразени симптоми.

Во најчести симптоми спаѓаат: голем замор, слабост, омалаксаност, бледило на кожата и на слузницата, главоболки, вртоглавици, градни болки, забрзано срцебиење, глад за воздух, ладни стапала и раце, кршливи нокти, воспаление со оток на јазикот, отсуство на апетит, синдром на немирни нозе итн.
Битно е да се напомене дека одредени групи од популацијата се особено склони кон развивање железодефицитна анемија. Жените се со зголемен ризик поради губитокот на крв во менструалните циклуси. Децата, особено предвремено родените, или децата што не примаат доволно железо преку мајчиното млеко или млечните формули се исто така со зголемен ризик од развој на железодефицитната анемија. Тука спаѓаат и вегетаријанците и веганите поради намалено внесување храна богата со железо. Луѓе со болести на дигестивниот систем - кај оваа група апсорпцијата на железото е побавна и поради тоа тие тешко ги примаат препорачаните дневни потреби за железо.

Поставувањето дијагноза секогаш треба да биде од страна на доктор. Постојат неколку критериуми врз кои се дијагностицира железодефицитната анемија. Потребно е да се направат лабораториски анализи, во кои се битни следните параметри:

Големината на еритроцитите и нивната боја (кај железодефицитната анемија еритроцитите се помали и побледи во бојата), хемоглобин, хематокрит, ниво на серумско железо, феритин (кај сите вредностите се намалени). Освен горенаведените, постојат и други лабораториски параметри, кои се значајни во дијагностицирањето на железодефицитната анемија. Во случај на сомневање на друго заболување што ја предизвикува железодефицитната анемија, може да бидат наложени и други дијагностички испитувања, како гастроскопија - за да се исклучи крвавење од горнодигестивниот тракт, потоа колоноскопија - да се исклучат промени на слузницата на дебелото црево, како и употреба на ултразвук, особено при сомневање на гинеколошка причина за железодефицитната анемија.

Од кога ќе се исклучат одредени болести што доведуваат до железодефицитната анемија, потребно е да се почне со нејзин третман. Во случај на постоење првично заболување, најчесто од гинеколошка и гастроинтестинална природа, потребно е да се лекува основното заболување за соодветно да се поправи и излекува и железодефицитната анемија.
Од страна на вашиот доктор може да бидат препорачани препарати што се на основа на железо, кои имаат цел да го намалат недостигот и да го пополнат депото на железо во организмот. На пазарот постојат разни препарати, но потребно е да се внимава на концентрацијата на железо во дозата на препаратот за да се постигнат соодветни резултати.

Затоа, при дијагностицирана железодефицитна анемија потребно е да се следат препораките и дадениот третман од доктор бидејќи самоординирањето на препаратите од страна на пациентите може да биде неефективно во третманот или штетно доколку се примаат поголеми дози железо од што е потребно.

Најчестите совети се: да се земат препишаните таблети на гладно, со таблетите треба да се зема и витамин Ц бидејќи ја подобрува апсорпцијата на железото, да не се пијат млеко и млечни производи веднаш по таблетата бидејќи имаат својство да го врзат железото и како такво да го исфрлат преку столицата.

Земањето на препаратите со железо може да доведат до отежнато празнење, како и црна столица. Траењето на третманот мора да биде определено од доктор. Генерално, терапијата треба да се прима подолг временски период за да се пополнат резервите на железо во организмот. Треба да се следат советите на лекарот за навремени и редовни лабораторски контроли со цел следење на ефектот од третманот. Железодефицитната анемија лесно може да биде избегната ако земате доволно храна богата со железо, како свински црн дроб, говедски бубрези, црвено месо, риба, брашно, јаткасти плодови, грав и жолчка од јајце.

Богати со железо се и спанаќот, леќата, јагодите, кивите, карфиолот, брокулите, компирите, доматите.

Кога земате храна богата со железо, избегнувајте чај, кафе, млеко и соја затоа што тие го спречуваат апсорбирањето на железото. Калциумот исто така ја спречува апсорпцијата. Затоа, ако примате дополнително минерали надвор од исхраната, избегнувајте ја кобинацијата железо - калциум.

Секогаш кога земате храна богата со железо, за да ја подобрите апсорпцијата, јадете и храна богата со витамин Ц, како сокови од цитрусни плодови (портокал, грејпфрут), овошје (јагоди, кајсии, киви) или зеленчуци (брокули, домати).

За детално читање на овој текст, погледнете на 04-06 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Февруари 2024).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>