Простатата е жлездено-мускулен орган придодаден на семените патишта кој го опфаќа почетниот дел на уретрата и чиј секрет влегува во состав на семената течност. Простатата се наоѓа во потперитонеалниот дел на карличната дупка, поставена под дното на мочниот меур, зад препонската симфиза, а пред ректумот, преку кој е пристапна палпација на истата. Мазните мускули и еластичните влакна градат мрежеста творба - строма, во чии меѓупростори е сместено жлездестото ткиво на простатата.
Главната состојка на секретот на простатата е вода, во која се наоѓаат другите состојки, и тоа повеќе натриум, калиум, калциум, а во помали количини хлориди, бикарбонати и фосфати отколку во плазмата. Алкалната реакција на секретот на простатата е важна за фертилната способност на сперматозоидите.
Во епителните клетки на простатата се создаваат и протеини ПСА (Prostate specific antigen), ПАП (Prostatic acid phosphatase).
Хиперплазија е зголемување на волуменот на некое ткиво или орган предизвикано со создавање нови келии.
Хиперплазија може да настане:
а) како компензаторна реакција поради губење на ткивото.
6) како зголемено функционално барање нормална количина на одредено ткиво кое не може да ги задоволи.
в) како последица на нарушена хормонска регулација на ткивото.
БПХ спаѓа во најчестите бенигни заболувања кај мажите. Преваленцата на БПХ прогресивно расте од четвртата деценија на животот (8%), а веќе во осмата деценија изнесува 82%. Патогенезата на БПХ е недоволно позната иако е очигледно дека мултипли, комплементарните системи (имуни, неуроендокрини) и локалните фактори се одговорни за развојот на БПХ.
На простатата се разликуваат: латерални лобуси, супцервикален, суптригонален лобус и многу ретко лобус на предната комисура. Хиперпластичното ткиво на простатата настанува со хиперплазија на периуретралните жлезди кои жлездите на надворешната периферна зона ги потиснуваат кон периферијата на простатата.
Помеѓу хиперпластичното ткиво и компримираното ткиво на периферната зона се развива фиброзен слој познат како хируршка капсула на простатата. БПХ предизвикува секундарни промени на уринарниот тракт. Промени на простатичната уретра, која се издолжува и се стеснува во зависност од големината на простатата и се намалува протокот на урината. Интрасфинктерниот, интрауретралниот и интравезикалниот раст го отежнуваат празнењето на мочниот меур, се зголемува интравезикалниот притисок, а со тоа и хипертрофија на мочниот мускул - детрузорот. Компензаторната фаза на детрузорот е ограничена, а потоа настанува фаза на декомпензација на детрузорот, која може да биде акутна или постепена со задршка на урината (рест урина).
Симптоматологија на БПХ - во почетокот често и отежнато мокрење, прво ноќно мокрење 1-2 пати, потоа и повеќе пати, изненаден итен нагон за мокрење, а отежнатото мокрење е особено изразено ноќе и наутро. Оштетувањето на бубрезите се манифестира со полиурија, хипостенурија, хиперазотемија. Процесот продолжува со хронична комплетна ретенција на урината, односно мокрење со прелевање.
Процена на симптомите на простатизам
- се делат на опструктивни и иритативни симптоми.
Опструктивни симптоми - чекање на млазот на урината, напнување при мокрењето, слаб млаз на урината, ретенција на урината и Ishuria paradoxa.
Иритативни симптоми - дневна полакиурија, ноктурија, ургентно мокрење, ургентна инконтиненција, мокрење со мала количина урина.
Испитувања при БПХ - анамнеза, физикален преглед на абдоменот, дигиторектален преглед на простата, ехотомографија на УГТ, ТРУС на мочен меур, простата. Преглед на урина, уринокултура, спермокултура, секрет на простата, крв, тотален ПСА, слободен ПСА, КТ урографија.
Лекување на БПХ - постојат апсолутни индикации за лекување на БПХ, а ако болниот не сака оперативно лекување, а индикациите се релативни, се применува медикаментозно лекување.
Експектативен став - во случај на мала простата со благи симптоми (S1-10) или отсутни симптоми. Медикаментозното лекување се применува и поради старост на болниот, општата состојба и кога не е можно оперативно лекување се користат екстракти од билки: Caps. Prostamol uno, Prostamax и др. Примената на овие лекови не дава нуспојави, но има минимални ефекти.
Комбинирана примена на алфа-блокатори и инхибитори на 5-алфа редуктаза - при големи простати, кога нема индикација за оперативно лекување или кога пациентот не се согласува да подлегне на операција. При хематурија при БПХ се пласира трижилен балон катетер и се применува континуирано миење со Ispirol (во болнички услови) и потоа следува одлука за тоа дали ќе се примени оперативно лекување.
Оперативно лекување - отворена операција (супрапубична, трансвезикална простатектомија со отстранување на простатичното хиперпластично ткиво со одлични функционални резултати, но со најмногу компликации). Ретко се користи.
Денес се фаворизираат методи на лечење во дневни болници, кратка хоспитализација, брзо закрепнување на болниот, сè во интерес на болниот и социјално-здравствената заштита, намален ризик од интрахоспитални инфекции со мултирезистентни слоеви на бактерии.