Оваа година новогодишните забави несомнено ќе бидат многу поразлични од досегашните. На глобално ниво, прославите со бучава и пренатрупаните забави ќе се заменат со забава во кругот на семејството и најблиските. Убавината на топлиот дом може да ја надополните со разноразни игри кои ќе придонесат за весела атмосфера за време на новогодишната ноќ. Разгледајте ги опциите за семејни игри и дозволете „најлудата ноќ“ да се претвори во „најзабавната ноќ“.
Повеќето игри кои може да си ги организирате, не побаруваат големи подготовки или, пак, материјали. Создадете забавна атмосфера како за повозрасните, така и за најмладите.
2 вистини и 1 лага
Ова е игра за која не ви е потребна никаква претходна подготовка. Секој од учесниците треба да каже 3 факти што ќе бидат поврзани со неговиот живот, неговото секојдневие, неговите навики, животните ставови или, пак, стравови. Потребно е од сите три реченици само една реченица да е лага, додека останатите две да ја отсликуваат вистината. Секој од учесниците има право на само еден обид за да ја открие лагата. На крајот од играта победува оној кој ќе собере најмногу поени за откриени лаги. Доколку сакате да се уверите дека учесниците нема да ги преформулираат и да ги измешаат лажните со точните реченици, организирајте се да ги запишат на хартија пред да започне играта.
Памучни топчиња
Играта со памучни топчиња е омилена особено за најмладите. За да ја играте оваа игра, потребно е да направите неколку топчиња од памук, да имате доволен број на цевки – во согласност со бројот на учесници. Доколку имате долга трпезариска маса можете на маса, доколку немате, можете и на подот; извлечете две линии – едната за почетна, другата за завршна точка. Идејата е, со помош на дување преку цевката памучните топки да се тркалаат и да стасаат до завршната линија. Во зависност од просторот со кој располагате, може истовремено да се натпреваруваат двајца или, пак, тројца.
Нови песни
За оваа „музикална“ игра, потребно е сите учесници да напишат дел од нивната омилена песна. Соберете ги листовите со песните и сите хартии исечете ги на половина, по што ќе ги искомбинирате и измешате. Вклопувајќи различни делови од песни ќе создадете нови хитови кои учесниците треба да ги испеат во согласност со музиката на првиот текст. Доколку имате можности, може да ги пуштите инструменталните делови на песните и да направите оригинално караоке со песни кои имаат нови стихови.
Новогодишни желби
За оваа игра на желби, потребно е сите учесници на различни листови хартија да ги запишат желбите за луѓето околу нив. Што значи дека секој кој се наоѓа во просторијата ќе посака нешто за останатите. Групирајте ги желбите и обидете се да погодите кој и зошто ви посакал таква желба. Победува оној кој ќе има најмногу точни одговори, односно оној кој ќе погоди која желба кој му ја посакал. На овој начин ќе имате можност да споделите искрени желби и позитивна енергија за новогодишната ноќ.
Погоди го името
Потребна ви е мала подготовка за организирање на оваа игра. Најдете доволен број на очила (диоптерски или, пак, очила за сонце), во зависност од бројот на учесници и на секои од нив залепете хартија на која ќе пишува име на некоја позната личност. Кога ќе ги стават очилата учесниците нема да бидат во можност да го прочитаат името кое е напишано на нивните очила и со помош на другиот учесник ќе се обидат да го погодат. Многу е важно при поставување прашања поврзани со личноста што треба да ја откријат, учесникот од спротивната страна може да одговори само со „да“ или пак „не“. За оваа игра најдобро е учесниците да бидат поделени на парови и да се мери изминатото време додека се погоди името на познатата личност.
Погоди го вкусот
Децата ќе бидат најсреќните учесници на оваа игра. Во голем стаклен сад измешајте различни вкусови на чоколади или бонбони. Учесниците треба со затворени очи да изберат едно бонбонче и да го погодат неговиот вкус. Победник е оној кој ќе погоди најмногу вкусови на бонбоните. При избор на чоколади и бонбони, внимавајте на количината на шеќер што ја содржат.
Бонус BETTY совет
Доколку сакате да уживате во игрите кои ќе ги организирате во својот дом, а воедно сите да бидат максимално вклучени и сконцентрирани, пред почетокот на забавата поминете со кошничка и соберете ги сите мобилни уреди. На тој начин ќе се потсетите дека споделувањата од виртуелниот свет никогаш не може да бидат повредни од убавите мигови.
За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2020).