Фармацевти
Контакт

<< Назад

Забен камен – настанување, причини, лекување и превенција

јуни 1, 2021

Д-р Искра Аврамоска
Доктор по стоматологија
ПЗУ ИН Дент, Скопје

|



Во нашата стоматолошка ординација пациентите кои во текот на годината прават редовен систематски преглед поврзан со  оралното здравје, многу често практикуваат и отстранување  на забниот  камен, односно отстранување на насобраните минерализирани наслаги на забите. Со наталожување на денталниот плак на површината на забот (дентален плак е проѕирна, безбојна, мека наслојка полна со бактерии која се таложи на сите површини во устата),  со текот на времето, под влијание на минералите од плунката, храната и водата, тој станува цврст и се таложи на површината на забот. Местата на кои најчесто се таложи забниот камен не се достапни за самочистење, или, пак, тоа се оние места кои многу често при миење на забите забораваме детално да ги исчеткаме. Тоа е просторот  помеѓу ротираните заби, задната површина на крајните катници, лингвалната страна на забот и линијата околу вратот на забот.

Постојат некои места во усната шуплина на кои забниот камен многу побрзо се таложи отколку на други места. Ова се местата каде се наоѓаат екскреторните канали на плунковните жлезди, односно јазичната (внатрешна) страна на долните секачи и букалната страна на горните катници. На овие места има сублингвални и паротидни плунковни жлезди, каде се лачи многу повеќе плунка, па под влијание на минерали меките наслаги се претвораат во цврсти.

Забниот камен може да биде супрагингивален, односно на површината на непцата  и субгингивален, односно под површината на непцата. Субгингивалниот не е видлив со голо око, тој е поопасен за здравјето на пародонтот, бидејќи делот под површината на забот, веднаш под гингивата, е идеално место за акумулација на забни наслаги. Затоа е многу важна редовна орална  хигиена, употреба на мека четка  која ќе ги отстрани наслагите  под нивото на непцата и со тоа ќе се спречи  таложење на бактерии кои подоцна се претвораат во цврсти наслаги под забното ткиво. Забниот камен многу често се обојува како последица на  боите кои се користат во прехранбената индустрија и индустријата за производство на  пијалаци, но, секако, најизразена промена на бојата на забите, односно кај насобраните наслаги забележуваме кај пушачите.

КАКО ЗАБНИОТ КАМЕН ВЛИЈАЕ НА ОРАЛНОТО ЗДРАВЈЕ? 

Доколку на време не се отстрани забниот камен, тој ги потиснува меките ткива околу забите. Тој се таложи  околу вратот на забот и доведува до воспаление на непцата – гингивата, а многу често се  јавува и воспаление, односно  гингивитис. Гингивитис е прва фаза на хронично заболување на потпорниот апарат на забот  наречено пародонтопатија. Гингивитисот е реверзибилен, односно може да се излекува, а ткивото околу забот може да се врати во првобитната здрава состојба. Сепак, пародонтопатијата е од неповратна природа, што значи дека откако ќе се појави, состојбата повеќе не може да се врати на нормалните конзервативни методи и одржување редовна  хигиена, туку може да се одржува или да се санира само преку  хируршки процедури. Од ова може да заклучиме  дека превенцијата и редовната посета на стоматолог  е клучот за успехот во превенцијата од пародонтопатија  и со  спречување на гингивитис како прва фаза на болеста, потпорното забно ткиво може да спречи прогресија на болеста.

ОТСТРАНУВАЊЕ ЗАБЕН КАМЕН

Забниот камен  може да се отстрани само со професионални методи кај стоматолог. Денес, најефикасен и најмодерен метод е ултразвучно дескалирање со посебен уред кој работи врз основа на ултразвук и микровибрација со додавање вода за отстранување цврсти наслаги од забите. Покрај машината за ултразвук, постојат и инструменти за рачно отстранување. Денес, ултразвучното отстранување  е модернизирано  до тој степен што рачните инструменти во голема мера се  исфрлени од употреба, бидејќи додатоците со различна големина на апаратот за ултразвук можат многу ефикасно да ги отстранат сите цврсти наслаги и супрагингивално  и субгингивално.

Кога има многу забен камен во устата, сигурно е дека  има и големо воспаление на забното ткиво. Тогаш крвавењето од непцата за време на отстранување на каменот е  обилно, но, исто така, и нормално во тој случај. Ако има голема количина наталожен забен камен, отстранувањето може да се направи во две сесии. На овој начин се  овозможува  забното ткиво, кое тогаш е безбедно во воспалителна состојба, да заздрави барем малку, а, исто така, на  пациентот  му даваме време за одмор помеѓу сесиите. При отстранување  забен камен, по проценка на стоматологот,  може да се користат абразивни ленти кои минуваат помеѓу забите, и дополнително ги  отстрануваат остатоците од  забниот камен. Оваа постапка  обично  се практикува кај  пациенти кои имаат големи наслаги од забен камен. По негово отстранување, потребно е детално да се полираат забите. Стоматологот го прави ова со професионална четка и паста. Полирањето ги измазнува површините на емајлот и ги отстранува сите неподвижни меки наслаги.

ПЕСКАРЕЊЕ (Air Flow)

Покрај горенаведените  третмани, многу често се прави и пескарење  на забите, популарно наречено  Air Flow или проток на воздух. Пескарењето  се прави со посебен уред, кој е поставен на инструментот за импланти, а со помош на абразивен песок и вода наслагите  се отстрануваат од забите. Air Flow  е модерен метод кој многу ефикасно ги чисти наслагите и пигментацијата од површината на забот и просторот помеѓу забите. Пескарење може да се примени заедно со ласерско отстранување забен камен.

ШТО ПОСЛЕ ОТСТРАНУВАЊЕ НА ЗАБНИОТ КАМЕН?

Кога забниот камен е отстранет од површината на забот, а особено кога пациентот никогаш или долго време не ја направил оваа интервенција, кај него се јавува чувството  како да има празни места помеѓу забите кои претходно ги немало. Ова е навистина така, бидејќи забниот камен што го исполнувал тој простор е отстранет. Ова чувство исчезнува по неколку дена, бидејќи гингивата го исполнува празниот простор, односно се враќа во својата природна состојба пред да биде потисната од наслагите. Исто така, пациентот може да забележи крвавење на непцата за време на четкањето во текот на првите неколку дена, но сето ова е последица на чувствителноста и фактот дека непцата сега се ослободени од тврди наслаги и им треба време да се вратат во нивната нормална положба. Со соодветна и нежна хигиена, овој симптом се повлекува.

ПОЈАВА НА ЗАБЕН КАМЕН КАЈ ДЕЦА

Воспалението на непцата  и појавата на забен камен не ги поштедува ниту најмладите, доколку не се одржува редовна орална хигиена. Она што понекогаш може да се појави е црна дамка, на која не треба да се гледа како на забен камен, туку тоа се  пигментации кои не им штетат на забите, но  предизвикуваат естетски проблем. Тие се отстрануваат со  пескарење или на ист начин како што се отстранува забниот  камен.

Од голема важност за оралното здравје е редовна посета на стоматолог. Правилното четкање и здравата исхрана може да спречат појава на забен камен, бидејќи редовната  хигиена ги отстранува меките наслаги, кои се претходници на тврдите наслаги.

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2021).

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>