|
Ова не е само обична плетка
Запознајте ја терапијата со плетење
Само плетење или пак терапија со плетење – наречете го како сакате, но истражувањата открија дека оваа активност има многу корисни ефекти врз вас и вашето емотивно здравје. Без разлика дали ќе плетете обичен шал, џемпер, детска капа или пак мало ќебе, придобивките од ова хоби се далеку поголеми од она што мислите.
Комбинирајќи го личното искуство и истражувајќи ги начините на психолошката терапија преку рачните изработки, писателката Кетин Верчило (Kathyn Vercillo) во својата книга ‘Плетката што го спаси мојот живот’ се посвети на позитивното ефект на плетењето, како и неготово влијание на нашите емоции и целокупата психичка состојба. Таа не е единствената која ја искуси ракотворбата како начин на терапија бидејќи преку ваквите изработки, докажано е дека се создава рамнотежа помеѓу телото и умот.
Во светот повеќето психијатри препорачуваат плетење, како начин за обезбедување духовно олеснување, фокусирање на емоциите и релаксација. Но како се случува тоа? Која е поврзаноста на плетењето и вашите емоции?
Можеби вас ви изгледа дека е спротивно, мислите дека немате доволно трпение и дека ќе предизвика вознемиреност, но напротив. Докажано е дека оваа навика, како и повеќето рачни изработки го намалуваат стресот.
Плетењето бара концентрација
Кога се фокусирате на она што го правите, вие станувате потполно присутни во сегашниот миг и сите останати проблеми се префрлаат во втор план. Вие на овој начин ги контролирате своите мисли или негативни емоции како што се лутината, вознемиреноста и чувството на несреќа.
Плетењето ви го активира мозокот
Ова е многу едноставна придобивка за објаснување. Самата координација помеѓу раката и мозокот е корисна. Истражувањата покажаа дека плетењето е хоби коешто актитивирајќи ги мозочните функции го одложува стареењето. Иако се смета за идеално пополнување на времето кај повозрасните лица, треба да знаеме дека мозочните функции треба да се негуваат во секој период од животот и различни активности имаат различно влијание врз него. Плетењето често се препорачува и на деца кои имаат потешкотии во развојот на моториката, како и на повозрасните кои имаат артритис – дегенеративна болест на зглобовите.
Корисен за социјалните активности
Можеби ќе се запрашате како подобрувајќи ги моторните вештини, може да имате придобивки во вашиот социјален живот, но верувајте дека оваа навика се препорачува дури и на најмладите, децата. Без разлика дали е дома или пак во училница, плетењето нуди слобода на споделување мисли и емоции во најчиста форма. Сигурно сте сретнале неколку повозрасни жени како седат заедно и разговараат додека нивните раце се активни. Во светот има училишта кои воведоа час наречен ‘рачни изработки’ каде децата се запознаваат со плетењето како вид на игра и начин на социјализирање.
Ја намалува депресијата
Плетењето е исто така одлично за луѓе кои се во депресија. Кога плетете, вашето тело лачи серотонин, природен антидепресив. Една од студиите поврзани со терапијата преку рачните изработки докажала дека 81% од учесниците покажале значително подобрување на нивото на серотонин по плетењето.
Ќе спиете многу подобро
Проблемите со спиењето се резултат на многу стрес, вознемиреност и напнатост. Еден од методите за релаксација е фокусирање на активност која ќе ја повторувате и ќе ви стане секојдневна рутина. При активирање на малата моторика, го ослободувате умот и удобноста во која се наоѓате ги ослободува сите негативни мисли кои резултираат од причинителите на несоницата.
Влијае позитивно на вашата самодоверба
Друга одлична работа за плетењето е дека покрај придобивките за вашето ментално здравје, вие создавате нешто со сопствени раце и финалниот продукт е всушност нешто корисно. Чувствувајте се горди со вештините на своите раце и размислете на можноста за подарување на нешто со кое ќе ги израдувате вашите најблиски. Со самото тоа дека правите нешто за другите, чувството на благодарност ќе влијае на вашата самодоверба. Не заборавајте дека кога плетете, всушност вие се изразувате.
Слобода е да го правите она што го сакате. Уживањето во она што го правите е среќа
Франк Тајгер
За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2020).