Фармацевти
Контакт

<< Назад

Затнат нос, еден од најнепријатните проблеми кај децата

ноември 1, 2021

Снежана Палчевска Коцевска
педијатар

|



Носот е главниот штит на респираторниот систем. Слузницата со која е обложен носниот ходник со своите карактеристични клетки, овозможува загревање, навлажнување и прочистување на вдишениот воздух. Особено е важна неговата “прочистителна” функција со која успева да филтрира голем број на микроорганизми, алергени и штетни микрочестички, па вдишениот воздух кој патува понатаму во дишното стебло да е релативно чист. Нормална количина на секрет во нос е секогаш присутна и драгоцена бидејќи содржи антитела и ензими кои спречуваат продор на микроорганизми и штетни честички.

Затнас нос (назлна конгестија) или течење на носот е честа појава (симптом) кај доенчињата и децата.

Иако зголемена колична на секрет во нос е вообичаена појава кај доенчиња и деца, тоа често предизвикува загриженост кај родителите и непријатност кај децата. Од различни причини се зголемува секрецијата на слуз (лат. rhinorhea) во носот, најчесто е како резултат на воспалување на носната слузница (лат. rhinitis), која секогаш е пропратена и со затнат нос (лат. congestio). При иритација од микроорганизми или алергени се зголемува продукцијата на секрет, тој станува густ и менува боја. Една од заблудите е  дека жолта или зеленкаста боја на секретот секогаш укажува на бактериска инфекција, бидејќи при вирусни инфекции, иако секретот е воглавно бистар до бела боја, повремено може да ја промени бојата. Всушност имуниот систем како одговор на нападот на вирусите и бактериите праќа одбрамбени клетки, неутрофили кои лачат зеленкаст ензим со што се менува бојата на носниот секрет.

Најчесто воспалената носна слузница е резултат на инфективни агенси, односно вируси од фамилијата на риновируси, адено, инфлуенца, параинфлуенца и корона. Од бактериските причинители најчести се пневмокок, хемофилус и мораксела.

Затнатиот нос е најчесто проследен со дишење преку устата, отежнато дишење, назален говор, р’чење при спиење, но и вознемиреност. Кај малите бебиња е отежнато цицањето и хранењето и што е особено важно, доведува до пореметен сон. Пролонгирано присуство на зголемена количина на секрет во носот кај бебињата и малите деца доведува често до воспаление на средно уво, односно секреторно воспаление на уво, бидејќи Еустахиевата  туба кај нив е кратка и секретот брзо и лесно од носот преоѓа во ушните канали. Не ретко како компликации се јавуваат и синузитис и трахеобронхитис кои вообичаено се третираат со антибиотици.

Ваквите симптоми се јавуваат поради бројни причини или состојби, па затоа е тешко да се одреди што го предизвикува затнатиот или растечен нос, но најчести се настинките (вирусните инфекции) и алергиите.

Вообичаено децата на возраст од 2-5 години минуваат низ околу 6-10 вирусно респираторни инфекции или „настинки“ во текот на годината. Ваквите настинки се главните причинители на затнат нос кој преминува во растечен нос пред сосема да ги снема овие симптоми во текот на 10 или најдолго 15 дена. Родителите често се прашуваат зошто децата преку цела година имаат растечени носиња, а причината за тоа е дека постојат преку 100 соеви само на риновируси, како и многу различни серотипови на бактерии, па тоа не е една иста инфекција која трае, туку различни инфекции се надоврзуваат една по друга.

Втората најчеста причина за затнат или растечен нос кај децата се хроничните алергиски ринити кои се јавуваат кај 20-30% од децата, особено кај оние деца чии родители имаат исто така историја на „настинки“ во текот на нивното детство. Повеќето родители јасно согледуваат алергија на трева или полен кај децата, но малку од нив ги дефинираат перзистирачките ринити како алергиски реакции.

Затнат нос се јавува како последица на воспалително отекување на слузницата на носот, ширење на крвните садови во него и излачување на зголемени количества на мукус како одговор на причинетиот воспалителен (или алергиски) процес. Затоа и третманите за ослободување од симптомите на затнат нос се првенствено насочени кон намалување на воспалението односно стеснување на проширените крвни садови во носот.

Повеќето производи наменети за третман на затнат нос во себе содржат активна компонента ксилометазолин, одмана препознаен како ефикасен деконгестив. Ксилометазолинот е одобрен за употреба на адренергичните рецептори предизвикувајќи вазоконстрикција (стеснување) на отечените (проширени) крвни садови во носот. Прекумерно користење на ксилометазолин може да доведе до оштетување на самата слузница и до намалени ефекти при следната употреба на истиот лек.

Затоа се препорачува употреба на двокомпонентен спреј кој покрај ксилометазолин содржи и декспантенол кој помага во заштита на носната слузница од можни промени предизвикани од воспалителниот процес. Декспантенолот е аналогна алкохолна форма на Д – пантотенската киселина (витамин Б5) и има заштитна улога односно ја навлажнува и лекува носната слузница. Истовремено, преку неговото учество како прекурсор за синтеза на коензим А, кој пак е важен фактор во синтезата на ацетилхолините, го помага процесот на обновување и лекување на воспалената слузница.

За детално читање на овој текст, погледнете на 24 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>