Фармацевти
Контакт

<< Назад

Здравјето на пензионерите и мерки надвор од пензискиот систем се наш приоритет! Ексклузивно интервју со Станка Трајкова

август 1, 2023



Betty: Почитувана претседателке Трајкова, Вие сте прва жена претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија речиси по цели осум децении опстојување на Сојузот. Кажете ни каква организација е овој Сојуз.
Станка: Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија е невладина непартиска мултиетничка асоцијација во која членуваат околу 290 илјади пензионери членови на 53 здруженија. Во секое здружение има ограноци во кои всушност се одвива организираниот пензионерски живот во нивните клубови, кои ги има над 450.

Сојузот секоја година носи своја програма и финансиски план врз база на програмите на здруженијата, односно ограноците. Сојузот ги организира активностите преку своите комисии за културно-забавен живот, спорт, хуманитарна помош, за пензионерски домови и стандард, за здравје и информирање. Во пензионерското организирање постои Одбор на Регистрираната организација за посмртна помош и членарина формиран на доброволна база и солидарност - карактеристика за луѓето од третата доба.

Во овој Одбор членуваат сите четири сојузи на пензионери кои постојат во нашата држава, со членство од над 330 000 пензионери.
Приоритети на Сојузот се: редовна исплата на пензиите, нивно усогласување со тековните економски состојби во државата, заштита на правата на пензионерите и грижата за нивното психофизичко здравје.

Betty: Кои активности ги организира Сојузот?
Станка: Има многу активности. Би ги поделила на традиционални и активности кои ги носи времето, односно состојбите поврзани со оваа популација. Традиционални се: постојана грижа за усогласување на пензиите, спортските натпревари, хуманитарните активности со цел подобрување на стандардот на пензионерите со ниски пензии, фолклорните ревии на песни, музика и игри, бесплатниот весник „Пензионер плус“ финансиска поддршка на пензионери творци, организирани посети на знаменитости во земјата и надвор од неа и голем број дружења по повод разни важни датуми од секаков вид.

Овие активности се одржуваат секоја година, со години наназад. Втората група активности се поврзани со проекти кои Сојузот ги поведува на барање на здруженијата, па дури и на поединци бидејќи во Сојузот членуваат луѓе со искуство и високи интелектуални карактеристики, некогашни лекари, судии, инженери, обвинители, професори и друго. Такви проекти има секоја година, а некои траат и по неколку години. Сите активности се значајни и во интерес на пензионерите, но јас би им дала предност на проектите поврзани со пензионерскиот стандард и здравјето, на пензионерите како приоритети најважни за оваа популација.

Betty: Кои проекти би ги издвоиле?
Станка: Како што нагласив ги има многу, главно ќе ги посочам проектите кои се надвор од пензискиот систем: Социјална карта за добивање информација за податоци за секој пензионер, инклузијата на луѓето од трета доба во општеството, антикризните мерки за време на пандемијата од Ковид-19, проектот „Рурален пензионер“ за кој преку Црвениот крст на Македонија добивме средства од ЕУ, а кои беа поделени во вид на пакети со прехранбени и производи за хигиена на пензионери со ниски пензии во рурални средини и други.

Секако треба да го споменам проектот „Ало пензионерски прашања“, телефонски број на кој пензионери поставуваат прашања, емисијата „Трета доба“ на МТВ, враќање на пензионерските домови на здруженијата, отворање теренски аптеки и посета на лекар во руралните средини, проширување на геријатриски капацитети и друго.
Посебно сакам да ги истакнам и проектите и барањата за подобрување на здравјето на пензионерите. За таа цел потпишавме два меморандума, и тоа Меморандум со Стоматолошкиот факултет Скопје, за бесплатни стоматолошки услуги, и Меморандум со Клиниката „Жан Митрев“ за бесплатни кардиолошки прегледи во градови во внатрешноста каде што нема кардиолози и друго.

Во овој контекст се и акциите и барањата за донесување нова позитивна листа на лекови, бесплатно мерење крвен притисок, шеќер во крвта и друго, предавања за исхрана, превентива од болести во третата доба и друго.

Betty: Какви се вашите лични и идни планови на Сојузот?
Станка: Моите лични планови во врска со оваа најмногубројна популација во земјата, во која е акумулирано многу знаење, искуство и мудрост, е да стане асоцијација подготвена за во ЕУ бидејќи ние по своите карактеристики и активности и личиме на европска асоцијација.

Исто така, заедно со мојот тим и секое здружение, огранок и поединец, ќе се трудам на секој начин да се подобрува континуирано стандардот на членството, нивното здравје да биде подобро и нивното стареење да биде активно со уште повеќе проекти кои ќе содржат мерки надвор од пензискиот систем. Задоволна сум од работата и активностите, но секогаш може да биде подобро, но едно се желбите, а друго можностите.
Калина Сливовска-Андонова

Betty: Каква е Вашата исхрана?
Станка: Со годините се стекнуваат искуството и знаењето за многу работи и навики, па така и за исхраната.
Се трудам здраво да се хранам иако понекогаш знам да се почестам и со нешто што не е здраво, но вкусно, свесна дека „тоа што е здраво не е секогаш вкусно, а тоа што е вкусно не е секогаш здраво“. Зошто? Затоа што според голем број нутриционисти помал е стресот да се изеде и нешто што е помалку здраво, отколку да го гледате убавото парче чоколадна торта, а да не јадете. Сепак, можам да кажам дека се хранам здраво во граница на желбите и можностите. Од сè по малку!

Betty: Како внимавате на Вашето здравје?
Станка: Водам сметка за моето, но и за здравјето на моите најблиски. Правам одредени прегледи и контроли, онолку колку што ми дозволуваат моите обврски како сопруга, мајка и баба и колку ми дозволуваат моите општествени обврски. Во моите години здравјето мора да биде приоритет, иако сметам дека можеби нема да верувате дека повеќе водам грижа за здравјето на пензионерите во Сојузот бидејќи на тоа се обврзав во мојата изборна програма. Сметам дека секој мора да се грижи за своето здравје, но мора да ни помага и државата. За да се грижиш сам, приватно е прескапо!

Betty: Кажете ни нешто повеќе за одгледувањето на Вашата органска храна.
Станка: Имам мала градина во мојата викендичка. Таму одгледувам здрава храна, без хемија и пестициди, за моето семејство. Одгледувам брокула, морков, модар патлиџан, домати, грашок, целер, тиквички... Сето тоа е во мали количини, украсено со ред на лаванда и рузмарин. Ќе се прашате зошто лаванда? Многу го сакам цвеќето, во сите негови облици, како садница, во вазна, свежо и суво, дури и насликано... Го одгледувам и му се радувам на секој лист, на секој цвет.

Цвеќе има и во мојот дом и во мојата канцеларија. Неговите мириси и бои ме смируваат и ми даваат енергија да го поминам напорниот ден. Но цвеќето ми носи и носталгија и убави спомени. Оваа љубов кон цвеќето ја наследив од мојата мајка. И таа го сакаше цвеќето и го одгледуваше. Нашиот двор во домот каде што израснав беше полн со цвеќе. Насекаде имаше цвеќе, на балконот, во дворот... Мислам дека нашиот двор беше најцветен во нашето сокаче.

И денес кога ќе видам љубичица, шебој, кандилка... на лицето ми се јавува насмевка. Покрај што сакам да одгледувам цвеќе, сакам да прочитам добра книга, да слушам убава музика, да шетам, да одам на кафе со мои пријателки и луѓе кои ми се блиски во размислувањата и да се дружам со моите шест внуци. Тие се моето најголемо богатство и радост. Уживам во дружењето со нив и се трудам сè што знам да им пренесам и како совет и како аманет.

Голема поддршка, толеранција и разбирање имам и од мојот сопруг. Без неговото разбирање и поддршка сè би било поиинакво и потешко. Мојот сопруг е и првиот рецензeнт на моите замисли и проекти, за што сум му особено благодарна.

Betty: Што сте по професија и што сте работеле пред да станете пензионер?
Станка: По професија сум дипломиран правник. Пред пензионирањето работев во Фондот за инвалидско осигурување како помошник на генералниот директор. Бидејќи работев во Сектор за остварување право на пензија, успех за мене беше да го решам секој предмет кој за „другите" беше нерешлив случај. За мене беша предизвик успешниот епилог.

Среќата што им ја носев на барателите на пензија, кои впрочем и имаа право на истата, ми носеше среќа и задоволство и мене. Мојот животен пат е поврзан со законот и правото. Сум била на одговорни функции, а на таква функција сум и денес како прва жена претседател по 77 години на најголемата асоцијација во нашата земја, која брои околу 300 илјади пензионери.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Август 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>