Тања Саздовска
Контент креатор, љубител и
познавач на кафето
|
На многумина од нас кафето е нешто што нè буди секое утро и ни го продолжува доброто расположение во текот на денот, барем за уште час-два. Без разлика каде и кога се пие, кафето е значаен дел од нашата култура и секојдневни навики.
Веќе добро се знае за полезноста на кафето врз здравјето на човекот ако се пие умерено. Кафето содржи кофеин кој значително ја подобрува енергијата и го забрзува метаболизмот, а со тоа и физичката способност. Освен антиоксиданти, кафето содржи и витамини, од кои најмногу Б2 или рибофлавин, а, исто така, и Б5, Б3, потоа минерали магнезиум и калиум. Многу научни истражувања покажале дека кафето значително го намалува ризикот за развивање на дијабетес, како и Алцхајмерова и Паркинсонова болест и повеќе видови на рак.
Но, сите овие карактеристики на кафето се губат со самото додавање на дури и пола лажичка шеќер, вештачки засладувач или засладувач во вид на благ сируп.
Во денешно време на менито во кафе-баровите забележуваме сè повеќе и повеќе нови видови на „кафиња“ кои содржат повеќе шеќер и млечни производи во нив отколку кафе. Ванила лате, лате со зачин од тиква, и слични популарни кафе напитоци содржат малку кафе, а многу шеќер, што создава еден вид на зависност и брзаме да се вратиме пак по истото.
За среќа, никогаш не е доцна да се откажеме од лошите навики. А за среќата да биде уште поголема, има начин да го засладите вашето кафе на здрав и природен начин, и тоа со состојки што најверојатно ги имате во кујната. На тој начин ќе можете да уживате во вкусно кафе и во сите негови полезности.
Кафе со лимон
Лимоните се природен извор на витамин Ц и антиоксиданти. Неколку капки лимон во кафето не само што ја зголемуваат нутрициската вредност на кафето, во исто време му даваат вкус на кафето на здрав и природен начин. Заедно, овие две состојки се многу моќни во зацврстувањето на имунитетот и штитат од повеќе хронични заболувања.
Кафе со мед
Иако и медот содржи шеќер, сепак, е поздрав од преработениот бел шеќер поради тоа што содржи голем број на витамини и минерали кои се важни за одржување на здрав животен стил, помага за зајакнување на имунитетот, а со самото тоа штити од настинки и други бактериски заболувања. Една лажичка бел шеќер во кафето може да се замени со само половина или четвртина лажичка мед и со тоа кафето нема да ја изгуби нутрициската вредност, туку ќе биде побогато и во исто време благо.
Кафе со куркума
Куркумата е зачин кој е богат со антиоксиданти и штити од воспаленија и бактериски заболувања. Еден прстофат од овој зачин во кафето е доволен за да му даде прекрасен вкус, а за подобро апсорбирање на куркумата може да се додаде и малку црн бибер и цимет. Прекрасен топол и здрав напиток за оваа есен.
Кафе со цимет
Циметот е прекрасен егзотичен зачин кој совршено одговара со кафе. Секојдневното консумирање цимет, најмногу до една мала лажичка на ден, има голема улога во превентивата на дијабетес, како и намалување на високото ниво на шеќер и холестерол во крвта, ја подобрува циркулацијата, ја зголемува енергијата и ја стимулира работата на мозокот.
Комбинацијата од кафе и цимет буквално ги дуплира нутрициските вредности на кафето и циметот посебно, но и го заблажува кафето и му дава вкус кој ќе ви ги разбуди сите сетила. Лесно е да се додаде на секој вид приготвено кафе, во вид на прав или стапче цимет кое ќе го користите за промешување на топлото кафе.
Кафе со какао
Какаото, исто така, е полезно по здравјето и богато со антиоксиданти и има голема улога во намалувањето на ризикот од срцеви заболувања. За подобрување на вкусот на кафето потребно е многу малку какао, и веќе имате здрав топол напиток – комбинација од црно чоколадо и кафе и нула додаден шеќер.
Уште нешто за крај
Овие идеи се само дел од можните начини да го подобрите кафето и неговата нутрициска вредност, а сè друго зависи од вашиот животен стил и начин на исхрана.
Најважно е кафето да се консумира умерено, да се намали користењето шеќер и засладувачи во кафето, а сè со цел да се почувствуваат сите полезности што кафето ги нуди.
Не се препорачува да се пие кафе доцна попладне и навечер, затоа што може да ја намали потребата за спиење и квалитетот на спиењето.
Уживајте во кафето!
За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2022).