Фармацевти
Контакт

<< Назад

Земјата во која симболот на љубовта е црниот дроб – МАРОКО

април 1, 2020

|



Мароко

Мароко,  портата на  Африка кон Европа, располага со разновидни пејзажи и богата историја. Тоа е фасцинантна земја каде  живеат пријателски расположени луѓе и гостопримливи домаќини кои  ќе  ве поканат на шолја чај од нане.

Климата во Мароко многу варира од сезона во сезона, така што најдобро време за посета  е во текот на пролетните/почетокот на летните месеци (април – јуни) или крајот на летото/почетокот на есенските месеци (крајот на август – ноември).

Земја со богата историја, различни бои и импресивна архитектура.



Егзотичната држава која е  само 13 километри  оддалечена од Европа, крие многу приказни во кои ќе бидете изненадени со доста интересни факти.

Традиционалната мароканска кујна е богата и разновидна. Она што е интересно е дека културата диктира јадење само со десна рака, бидејќи левата се смета за валкана. Најпознатото јадење во Мароко, кускус, обично се јаде само во петок и повеќето ресторани не го служат во друг ден. Меѓу другото, Мароканците јадат многу леб и поради огромната почит кон лебот тие никогаш не го фрлаат неизедениот леб. Мароканците ги собираат остатоците од леб и ги даваат на скитниците или на животните, бидејќи се водат според теоријата дека доколку храната е обилна, никој не смее да гладува.

Најстариот универзитет во светот е Универзитетот Каруеин,  основан во 859 година во градот Фес. Доколку го посетите, не пропуштајте ја можноста да ја видите и универзитетската библиотека која располага со најстарите светски колекции на книги.

Во Мароко живеат  околу 35 милиони луѓе, но има најмалку 44 милиони активни мобилни телефони во земјата.



Туризмот е движечката сила на мароканската економија, а повеќе од половина од БДП на земјата доаѓа од угостителскиот сектор. Покрај овие сектори, локалната економија се храни и од фосфатни минерали, земјоделството, како и извозот на риби и морски плодови.

Едно од најубавите места во Мароко е синиот град Шефшауен. Постојат повеќе тврдења во врска со причината поради која овој мал град е обоен во сино. Според првата теорија, локалните жители  сакале да ги измамат комарците поради сличноста на бојата со површината на водата. Втората, пак, теорија е онаа која тврди дека сината боја ја претставува бојата на рајот. Шетајќи низ старите улички и куќи ќе се соочите со многу интересни глетки кои  ќе ги паметите долго време.

Муслиманското население во Мароко   не пие алкохол, па најпопуларен  пијалак   е зелениот чај со нане, кој честопати се вика „мароканско виски“. Тоа е национален пијалак и насекаде може да сретнете Мароканец кој пие зелен чај.

Интересно е тоа што според мароканската култура симболот на љубовта не е срцето, туку црниот дроб. Се верува дека здравиот црн дроб помага во варењето на храната и најмногу придонесува за добрата благосостојба. За разлика од останатиот дел на светот, во Марокот љубовната изјава  гласи: „Ти го освои мојот црн дроб“.



Дали знаевте дека бојата на жалост во Мароко е белата? Токму затоа, вдовицата која жали по својот сопруг носи бело во првите 40 дена по неговата смрт.

Можете да скијате и во Африка. Да,  на 78 километри од Маракеш се наоѓа прекрасното ски-одморалиште Оукаимеден, каде од декември до март можете да направите снешко или, пак, да скијате.

Еден од зборовите кој се користи за пари е Wusakh d-dunya, во буквален превод значи валканиците на светот.

Доколку шетате во Маракеш, честопати нарекуван и „црвениот град“, без разлика на годишното време, потребно е да имате соодветна заштита од сонце.

Екстравагантноста на културата во Мароко се отсликува и на традиционалните марокански свадби и обичаи. Станува збор за тридневна прослава каде првиот ден се оди во хамам, вториот ден се приредува моминска вечер со ана и третата ноќ е свадбата. Она што е интересно е дека за време на свадбата невестата менува од четири до седум фустани, кои  претставуваат различни аспекти од локалната култура и седи на прекрасно украсена платформа  носена од мажи.

За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>