Фармацевти
Контакт

<< Назад

Зошто е важно да се тестираме за ХИВ?

декември 1, 2023



Светски Ден на ХИВ Сида - 1ви Декември
Пишува: Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА


Се проценува дека во нашата земја секое трето лице е позитивно на ХИВ, но не е свесно за својот ХИВ-позитивен статус.

А зошто е важно навреме да го (до)знаеме позитивниот ХИВ-статус?
Едноставно кажано, затоа што навремената информација значи навремен пристап до услуги за поддршка и до терапија која е достапна и бесплатна во нашата земја. Со навремено земање на терапијата луѓето кои се ХИВ-позитивни може да го сочуваат својот имунитет во добра состојба, со што ќе можат и понатаму да живеат квалитетно и да имаат ист животен век како и луѓето кои немаат ХИВ.
Што всушност претставува ХИВ?
ХИВ е вирус кој го напаѓа одбранбениот систем на човекот и на тој начин го ослабува имунитетот и заштитата од инфекции.

Како се пренесува ХИВ?
Постојат три начини на пренос:
1. Преку незаштитен сексуален однос (сексуален однос при кој не се користи кондом), без разлика дали односот е вагинален, анален или орален;
2. По крвен пат, и тоа најчесто при споделување прибор за инјектирање дрога со други лица (игли, шприцеви, кукер);
3. Од бремена жена/родилка на фетусот/новороденчето во текот на бременоста, при породувањето или доењето.
ХИВ се пренесува преку 5 телесни течности: крв, претсемена течност, семена течност (сперма), вагинален секрет и мајчино млеко. До инфекција може да дојде само доколку извесно количество од овие течности дојде во контакт со крвотокот, што може да се случи при погоренаведените начини на пренос.

Инаку, вирусот се содржи и во другите телесни течности, како солзи, плунка, урина и пот, но не во доволна количина за да може да се пренесе.

Сексуалниот начин е најраспространетиот начин на пренос на ХИВ.
За секој од начините постојат мерки со кои може да се запре преносот на ХИВ. Токму затоа треба да практикуваме заштитени сексуални односи и редовно да се тестираме за ХИВ.

ХИВ не се пренесува ако се користи кондом, и тоа најдобро во комбинација со лубрикант, затоа што лубрикантот го намалува триењето, а со тоа и шансите за кинење на кондомот. ХИВ не се пренесува ниту ако имаме ХИВ-позитивен партнер или партнерка кој/-а редовно прима терапија за ХИВ: во тој случај, вирусот е под контрола и е недетектабилен, што значи дека е непренослив.
ХИВ не се пренесува ниту од бремена жена/родилка со ХИВ на фетусот/новороденчето доколку жената од раната бременост прима терапија за ХИВ и примени други мерки (пр. не го дои новороденчето).

Како да се заштитам од ХИВ?
ХИВ е само една од сексуално преносливите инфекции (СПИ). Како и за другите СПИ, така и за ХИВ, кондомот сѐ уште е најдобрата заштита!

Важно е да се знае дека ризикот од сексуално пренослива инфекција не зависи од бројот на сексуални партнер(к)и, туку од тоа дали се практикува безбеден сексуален однос.
Повеќе за кондомот можете да дознаете на https://kontracepcija.mk/mashki-kondom/

Каде да се тестирам за ХИВ? Каде може да добијам повеќе информации за СПИ?
Подолго од деценија граѓанската организација ХЕРА се грижи за сексуалното и репродуктивното здравје на граѓаните, а особено за тие кои се на маргините, преку своите младински центри „Сакам да знам“ кои се наоѓаат во Скопје - на Водно и во Шуто Оризари.

За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Декември 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>