Фармацевти
Контакт

<< Назад

Зошто се јавува дијареја при употребата на антибиотици и како пробиотикот тоа може да го превенира?

јули 1, 2021

Д-р Зорица Мартиноска Андонова
Специјалист по семејна медицина
ПЗУ Цитус Штип

|



Пробиотиците претставуваат живи „добри“ микроорганизми кои природно ги има во нашиот гастроинтестинален тракт и не предизвикуваат никаква штета, туку напротив помагаат во процесот на дигестија (со лачење  ензими), може да продуцираат некои витамини (витамини од Б-групата и витамин К), и да ја регулираат функцијата на цревата. Пробиотиците се специјално култивирани добри бактерии кои го одржуваат здравјето и животната способност на човечкиот организам.

Општата здравствена состојба на човечкиот организам во голема мера зависи од состојбата на добрите бактерии во стомачно-цревниот систем и нивната можност да ги контролираат лошите бактерии и да го помагаат искористувањето на хранливите материи од храната.

Како дејствуваат прoбиотиците?

Пробиотиците по пат на компетенција го инхибираат создавањето  токсични супстанции и раст на несаканите видови  микроорганизми, натпреварувајќи се за простор и храна. Така, од една страна, на патогените бактерии им ги одземаат хранливите материи, а, од друга страна, го заземаат местото во цревата кое инаку би го населиле патогени бактерии. Покрај тоа, пробиотските бактерии на некој начин дејствуваат и бактерицидно, со тоа што излачуваат молекули кои дејствуваат антимикробно против штетните бактерии и ја нарушуваат сигнализацијата помеѓу патогените бактерии кои како резултат на тоа не можат да функционираат толку хармонично. Пробиотиците, исто така, го стимулираат и имунолошкиот систем  кој поефикасно дејствува врз разните причинители на болести.

Досегашните истражувања укажуваат на тоа дека пробиотиците не можат да ја заменат уништената природна флора, меѓутоа можат како привремени колонии да помогнат вршејќи иста функција како природната флора во дигестивниот тракт, со тоа што ѝ даваат време на природната флора самата да се обнови.

Видови на пробиотици:

Најчесто користени пробиотици се различни видови од родот на

- Bifidobacterium (нормално ги има во дебелото црево, изолирани се 30 видови),

- Lactobacillus (нормално го има во цревата и вагината, изолирани се 56 видови).

Во групата на пробиотици, исто така, спаѓаат и бактериите од родот Lactoccocus, Saccharomyces (пробиотички квасец) и Enterococcus.

Каде се употребуваат пробиотиците?

Пробиотиците најчесто се употребуваат при следниве состојби:

Зошто се јавува дијареја при употребата на антибиотици и како пробиотикот тоа може да го превенира?

Антибиотиците ја нарушуваат нормалната микрофлора на колонот и како резултат на тоа го менуваат метаболизмот на јаглехидрати и антимикробната активност во дебелото црево, што потенцијално може да доведе до осмотска дијареја или дијареја предизвикана од патогени бактерии.

  1. Антибиотиците го намалуваат метаболизмот на ферментирачките јаглехидрати – намалениот метаболизам на ферментирачки јаглехидрати доведува до намалување на  масните киселини со краток синџир кои претставуваат извор на енергија за бактериите и зголемување на  неабсорбирачки јаглехидрати во луменот на цревата. Зголемениот осмотски притисок ја намалува апсорпцијата на вода од цревата.

  2. Антибиотиците ја нарушуваат заштитната бариера обезбедена од нормалната интестинална микрофлора – ова води до намалување на способноста на цревата да се спротивстават на колонизацијата од патогени. Како резултат на тоа настанува опортунистички раст на патогени, на пример, C. difficile, Salmonella, Staphyloccus aureus или Clostridium perfringens и нивните токсини  предизвикуваат оштетување и инфламација на мукозата, што доведува до дијареја.


Повозрасните пациенти се изложени на поголем ризик да развијат дијареја и ова може да биде поради тоа што стареењето е поврзано со промени во микробиотот на цревата  што го прави стариот човек поранлив на ефектите на антибиотиците.

Главните промени кои се јавуваат при честото користење  антибиотици се:

- намалување на вкупниот број и разновидноста на Bacteroides и Bifidobacteria што резултира со намалена амилолитичка активност,

- зголемување на факултативните анаероби како што се Fusobacteria, Clostridia и Eubacteria,

- намалена продукција на масни киселини со краток синџир и зголемена протеолитичка активност.

Пробиотиците може да ја спречат дијарејата преку следниве механизми, а тие се:

  1. прекинување на кој било од претходно споменатите механизми;

  2. одржување на флората на дигестивниот тракт и постојана ферментација на јаглехидрати;

  3. и/или преку конкурентно спречување на растот на патогените.


На што треба да се внимава при изборот и употребата на пробиотици?

Само квалитетни пробиотици може да обезбедат корисен ефект на организмот и затоа кога се купува пробиотик мораме да внимаваме на повеќе фактори. Најважно е да се направи правилен избор на пробиотик, при што е многу важно да избереме соодветен бактериски сој. Бактериите во рамките на истите видови се класифицирани во различни подгрупи, таканаречени бактериски соеви, кои обично со означени со комбинација на букви и броеви. Нивоата на корисни пробиотски бактерии се разликуваат меѓу бактериските соеви.

Пробиотиците се живи микроорганизми и затоа нивната ефикасност е временски ограничена, бидејќи со тек на време тие изумираат. Затоа е многу важно да се купуваат пробиотици од докажан производител, чии производи се фармацевтски проверени и кои гарантираат дека доволен број на пробиотски бактерии ќе преживеат до крајот на рокот на употреба. Исто така, пробиотиците треба да ги чуваме како што е пропишано во упатството од производителот и да го почитуваме рокот на употреба што е наведен на пакувањето.

За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>