Фармацевти
Контакт

<< Назад

Иван Наумовски – Среќата на една жена е во почитта! – Ексклузивно интервју

март 1, 2024



Betty: Како ви се роди љубовта кон класичната музика, раскажете ни повеќе за Вашите детски денови и љубовта кон операта?
Иван: Љубовта кон музиката генерално секогаш постоеше, но класичната музика уште кога бев дете знаеше да ми влезе под кожа и да ме натера да почувствувам емоции какви што популарната не можеше. Љубовта кон операта се појави подоцна во мојот живот, да речеме во моите доцни тинејџерски години. Сепак, за да се ужива и да се има интерес за една таква комплицирана музичка форма треба човек да има повеќе културолошко образование од областа на литературата, историјата и уметноста, и затоа можеби помалите деца не успеваат да ја видат магијата на оперската уметност.

Betty: Каде сè во светот се образувавте, раскажете ни искуства?
Иван: Пред сè, се образував на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Македонија, каде што и впрочем сега ги предавам предметите Соло пеење и Вокална техника. Потоа го продолжив моето образование на мастер студиите во областа на музичкиот театар на универзитетот во Грац, Австрија.

На крај успеав уште еден мастер да завршам на првиот музички универзитет во светот, универзитетот во Виена во областа на уметничката песна и Ораториумот. На овие три институции научив повеќе отколку што можев да замислам.

Како карактер сум мошне амбициозен и не дозволив оние моменти од кои треба и може да се научи да поминат незабележливо. Видов различни култури, споделував искуства и општев со луѓе од целиот свет, научив јазик и ги усовршив другите јазици. Република Австрија ми беше школо и искуство кое не се купува. Едноставно треба да се доживее.

Betty: Каде се образувавте и кои беа Ваши ментори?
Иван: Како што споменав, се образував во Македонија и Австрија, но имав среќа да учам од врвни уметници од целиот свет и да настапувам со некои од нив. Не е фер да избирам ментори поради тоа што сите ги сметам како дел од мојот живот и сите придонесоа повеќе или помалку за тоа што сум денес.

Мојот глас во текот на школувањето помина низ 5 професори за пеење, 8 вокални тренери и куп режисери. Да не ги заборавиме семинарите по пеење кај врвни пејачи, легенди и педагози како што се Криста Лудвих, Габриеле Лехнер, Карлхајнц Ханзер, Хелена Лазарска и други.

Betty: Дали имате некој оперски пејач кој бил модел за Вашиот успех?
Иван: Дефинитивно руската легенда Димитри Хворостовски, Британецот Сајмон Кинлисајд, францускиот баритон Лудовик Тезие, и најдобриот тенор во последните 20 години, Германецот Јонас Кауфман.

Нивната техника, фразирање, интерпретација, израз и енергија на сцена се нешто кое не може да се спореди со некого.

Betty: Бидејќи март е месец на жената, како треба да се чува една жена и како треба мажите да ја гледаат? Може споредба да ни направиш со Македонија и светот.
Иван: Дали е чувањето жена традиција на една култура или емоционална интелигенција?
Сами ги спомнавте културата и емоционалната интелигенција. На тоа би додал воспитание, искуство и животно школо. Јас како машко се однесував различно кон жените кога имав 25 и кога имав 30 години. Тоа е еден процес на кој треба да му се обрне внимание за да се научи. Тоа не е нешто дадено и треба, односно нормално е да правиме грешки за да се подобриме на тоа поле. Жена треба да се чува, но вистинската жена со која се држите за рака низ животот, се поддржувате и заедно растете.

Betty: По долго време се вративте во Скопје и настапувате тука, како се чувствате на настапите дома и надвор?
Иван: Јас секогаш давам сè од себе на сцената, без разлика каде настапувам. Сметам дека ако некој одвоил време и го испланирал денот за концерт, оперска претстава или рецитал, моја должност е да се дадам стопроцентно на бината и сите емоции од својот приватен живот да ги исфрлам на сцена и да му покажам некому како е да си заљубен, немоќен, моќен, исфрустриран, среќен, тажен и др. Но сепак голема одговорност е да се настапува дома од причина што се очекува од тебе, посебно од некој кој во странство има завиден успех.

Betty: Дали имате некој посебен принцип на исхрана и нега на Вашето лице? Како го одржувате убавиот младешки изглед?
Иван: Благодарам. Пијам течности, а најчесто лимунада и вода, но да не го изземеме фактот што моите родители имаат добра генетика и сè уште се младолики. И на крајот од денот покрај желбата и волјата да се направи нешто во тој поглед, најмногу работи зависат од гените.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Март 2024).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>