|
Имавме особено задоволство да разговараме со Андреј Стојановски, момче кое на својот врат го донесе кај нас сребрениот медал од Светското првенство во пливање за лица со оштетен слух. Андреј ни даде одговори на сите прашања што му ги поставивме, скромно и во свој стил. 13-годишниот тренинг во пливање го оформиле во млада личност со став, интегритет и голема храброст за постигнување успеси во животот.
- За младо момче кое живее за да биде во вода, да плива, а со тоа да носи и големи успеси, како го помина периодот на пандемијата од Ковид-19 кога движењата беа ограничени?
Оваа календарска година ми започна со доста збиена агенда. Уште на втори јануари заминав со мојот клуб на настап на два меѓународни пливачки митинзи во Монтебелуна, Италија и во Крањ, Словенија, а по враќањето отидовме на висински подготовки во Боровец, Бугарија. Во тие моменти формата ми беше во нагорна линија, а резултатите беа сè подобри и подобри. Бидејќи во тоа време бев кандидат за настап на Европското првенство во пливање кое требаше да се одржи во мај во Будимпешта, со мојот тренер решивме да преземеме покрупни чекори и во претстојниот период да организираме квалитетни подготовки. Kога беа воведени рестриктивните мерки јас, мојот клупски другар Стефан Цветковски и нашиот тренер Методија Ангелески бевме на подготовки во еден од најпрестижните светски тренинг-центри во близина на Преторија во Јужноафриканската Република. Таму требаше да престојуваме еден месец, но по шест дена преку ноќ ни беа укинати визите и ни беше наложено во најкраток рок да заминеме. Тоа за нас беше голем шок, а во последен момент успеавме да се вратиме пред да се затвори нашиот аеродром. Потоа бидејќи кај нас сè беше затворено, како базените и теретаните, морав да импровизирам со суви тренинзи на отворен простор.
- Андреј ти си добитник на сребрен медал на Светското првенство во пливање за лица со оштетен слух и си голема гордост за целата држава. Што е потребно за да се постигне таков голем успех?
За да се постигне врвен резултат е потребно многу работи да дојдат на свое место. Покрај напорна работа и посебен режим на исхрана, потребни се и многу жртви и откажување од многу задоволства. Секако, тука е моето семејството кое ми дава најголема поддршка.
- Дали е потребен голем баланс на умот и телото за да се дојде до одлична подготвеност за каква било победа и успех?
Секако. Покрај физичка подготовка, психолошкиот момент може да биде пресуден. Јас имав прилика уште од мои 15 години, такаречи дете да учествувам на големи натпревари, па тие психолошки падови ги доживеав во тој период што покрај големите трауми (во две прилики во последните метри останав без медал) можеби за мене беше и олеснителна околност.
- Што е тоа што најмногу ти дава сила во животот?
Зацртаните цели, амбициите и знаете кога станувате дел од спортската елита не можете да не се однесувате одговорно, а исто и те поттикнува да се стремиш кон самиот врв. Исто така, и можноста преку спортот да го прошеташ скоро целиот свет. Јас досега имам настапено на три светски првенства во пливање за глуви и тоа во Коимбра 2011, Португалија, Сан Антонио 2015, САД (сребрен медал – моето најголемо достигнување) и Сао Пауло 2019, Бразил, три Европски првенства за глуви во Дортмунд 2010, Германија, Саранск 2014, Русија и Лублин 2018, Полска, три Олимписки игри за глуви во Тајпеј 2009, Тајван, Софија 2013, Бугарија и Самсун 2017, Турција. Покрај тоа што се натпреварувам со глуви лица јас сум и репрезентативец на Пливачката федерација на Македонија, па досега имам настапи на две Јуниорски балканијади, едно Европско јуниорско првенство во Белград, Србија, едно Европско сениорско првенство во Лондон 2016, Англија и едно Светско првенство во Хангжоу 2018, Кина.
- Како го храниш своето тело? Постои ли рецепт за успех преку храната?
Правилната исхрана е битен фактор. Тука целосно зад мене стојат моите родители кои се целосно посветени во тој дел од мојот спортски живот. Режимот на исхрана мора целосно да биде во функција на тренинзите и натпреварите. Па така кога сум во фаза на базични подготовки и напорни тренинзи исхраната и додатоците на исхраната се соодветни на тој период, додека во периодот кога сум на некој врвен натпревар исхраната е сосема поинаква.
- Како изгледа еден твој ден во кој ти се подготвуваш за натпревар во пливање?
Тренинзите во базен ми започнуваат утринскиот од 7:00 до 9:00 часот, а попладневниот од 16:00 до 18:00 часот. Сувите тренинзи во теретана трипати неделно се од 20:00 до 21:00. Двапати неделно одам на спортска масажа. Што значи дека во периодот помеѓу двата тренинга мора да се одмори телото за да биде во функција, а, исто така, и навечер мора навреме да се легне.
- Кои се предизвиците во пливањето?
Во пливањето како и во секој индивидуален спорт покрај конкуренцијата која е немилосрдна, најголем предизвик е да ги надминуваш своите лимити. Додека пливаш ти на самиот себе си најголем противник, се бориш со самиот себе за да ги подобриш своите резултати.
- На кој друг спорт би му бил посветен доколку не пливаше толку добро?
Фудбал, а можеби кошарка.
- Што е тоа што би сакал да знаат луѓето кои се плашат да пливаат?
Треба да знаат дека пливањето е еден од базичните спортови со кои може да се започне од најрана возраст. Пливањето е и спорт со кој може да се занимаваат луѓето од сите возрасни групи без да се плашат од повреди. Со помош на стручни лица секој може да научи да плива, па така би ги охрабрил барем да се обидат.
- Која е твојата порака за читателите на BETTY магазин?
Би сакал да упатам апел до сите читатели да се посветат на кој било спорт без разлика на возраст и здравствена состојба. Јас и покрај мојот хендикеп преку спортот успеав да урнам многу бариери во животот. Покрај тоа што од државата сум прогласен за спортист од светска категорија највисок во полето на спортот, јас сум апсолвент на ФИНКИ, а се надевам во скоро време и дипломиран инженер по информатика.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2020).