Фармацевти
Контакт

<< Назад

ИНТЕРВЈУ: Едина Муса: НЕГУВАЈТЕ ГО СПОРТСКИОТ ДУХ

март 1, 2020

|

 



BETTY: Во последно време се истакнавте како персонален тренер. Како ги мотивирате оние што се обидуваат да го трансформираат своето тело и колку време е потребно за да се постигне посакуваната цел?

Едина: Мотивацијата е различна кај секоја индивидуа, и јас како тренер треба да го пронајдам правилниот начин на кој би можела да дејствувам. Го сакам тоа што го работам и максимално се вложувам за напредокот на моите клиенти. Најосновната цел кон која јас лично најмногу  се фокусирам е тоа да наметнам еден здрав животен стил и начин на живеење кој ќе трае. Секоја личност си има одредена цел, како и одредено време кое може да го посвети на вежбање. Не можам да дадам конкретен одговор на тоа колку временски е потребно за да се достигне посакуваната цел, поради тоа што тука има многу фактори кои влијаат. Пред сè, најважно е колку клиентот сака да ја постигне таа цел, и на што сè е  подготвен за тоа да го реализира. Доколку максимално има желба да се посвети и оваа цел ја приоритизира, тогаш можеме ние тренерите многу побрзо и поефикасно да дојдеме до посакуваните резултати. Како тренер, со моите клиенти имам изградено посебна врска и тимски дух, и им давам до знаење дека и јас сум дел од нивниот процес, и дека заедно можеме да постигнеме сè што е замислено.

BETTY: Имавте можност да бидете дел од македонската кошаркарска репрезентација. Со оглед на повредата што ја имавте на коленото, дали тоа Ве спречи да продолжите или, сепак, ќе се вратите на кошаркарските терени?

Едина: Кошарка играм од моја 6-годишна возраст, што значи дека повеќе од половина од мојот живот се занимавам со овој спорт. Не само што бев дел од Македонската кошаркарска репрезентација цели 12 години, туку имав и можност да играм и да се натпреварувам во најдобрата Американска универзитетска лига (NCAA). Точно е дека поради многу напорни тренинзи се соочив со 5 операции на колената кои секој пат ме спречуваа да продолжам понатаму, но никогаш не сум ставила конечен крај на мојата кошаркарска кариера. Пред точно една година ги оперирав двете колена и оттогаш не сум се вратила на кошаркарските терени, но тоа не значи дека тоа нема да се случи за скоро време. Кошарката е љубов без која тешко се навикнувам, и токму тоа е причината за секое мое враќање на терените после секоја повреда/препрека.



BETTY: Трендовите наметнаа зголемен интерес во градските теретани кои обично се полни особено пред летниот период. Во кои случаи е важно да се соработува со персонален тренер?

Едина: Вежбањето може да претставува доста голем предизвик. Многу е нормално да имате цели, а притоа да не бидете сигурни како да ги постигнете. Персоналниот тренер е тука да ве едуцира додека вежбате, што е и неопходно со цел да се зголеми ефикасноста и да се намали ризикот од повреда.  Тој, исто така, е задолжен  да ви помогне да изградите една совршена рутина преку која ќе ги постигнете посакуваните резултати. Многу често се случува да имате и недостиг на мотивација која ќе дејствува на вашата конзистентност во вежбањето.

Без оглед на причината, понекогаш е тешко да се најде мотивација за да се вежба. Редовните сесии со личен тренер може да ви ja дадат поткрепата што ви е потребна, како и  и да имате некој што ќе ве поттикне и  ќе ве охрабри тогаш  кога тоа ви е најпотребно.

Многу е важно да му ја кажете вашата цел на тренерот со кој сте одлучиле да соработувате, така што тој/таа ќе може да постави реални цели врз основа на вашите способности. Честопати се случува да се досадувате со вашата рутина за фитнес, а воедно и не ги постигнувате резултатите што ги посакувате. Личниот тренер ќе ве предизвика и ќе ве однесе на следното ниво. Ќе имплементира  нови вежби со цел да развие рутина со многу разновидност и преку мали цели ќе ви помогне да  стигнете до вашата посакувана цел.

BETTY: Што значи психичка подготвеност и што сè треба да се жртвува за да се постигне успех на спортски план?

Едина: Психичката подготвеност е и тоа како  важна за  кој било аспект од животот, без разлика дали се работи за спорт или за сосема друга професија. За да се постигне успех, на  кое било поле е потребна  целосна посветеност и откажување од многу работи. На спортски план, од мое лично искуство можам да кажам дека премногу сум била посветена на кошарката и сето тоа што сум го постигнала било резултат на долгогодишен напор, труд и работа, секој ден во текот на цела година. Олеснителна околност, како и најголема вина за сета моја љубов кон овој спорт е мојот татко, кој од најрана возраст ме вовлече во светот на кошарката.  Токму поради тоа го засакав тоа што го правев, па целиот тој труд никогаш не ми претставувал проблем или потешкотија, туку бил моменти на задоволство и желба за напредок.



BETTY: Денешницата пласира одредени критериуми за облините на женското тело. Ако во минатото тоа беа широките колкови, потоа тенката и слаба линија, сега се дава акцент на одредени делови од женската фигура. Според Вас, дали постои совршена форма на телото?

Едина: Совршена форма на тело е навистина работа на вкус. Не можам да кажам дека имам  направено некоја слика за совршено тело кај една жена, бидејќи доколку една жена знае да се носи со тоа како изгледа тоа ја прави самата жена поатрактивна. Познавам многу девојки кои имаат одлична форма на тело, но со својот став и несигурност го прават тој дел толку незабележителен, додека има девојки кои се покрупни и се задоволни од тоа како изгледаат, тие зрачат со привлечност и позитивна енергија. Исто така, не можам да кажам дека една девојка поседува совршен изглед ако до таа цел стигнала со гладување и неправилен начин на живот кој подоцна ѝ предизвикал здравствени проблеми. Здраво и функционално тело, според мене е еден тип на тело кое би требало една жена да го поседува. Како и да е, им се восхитувам на сите оние кои се здравствено свесни индивидуи и кои се осврнуваат кон живеење на здрав начин на живот, како од занимавање со физичка активност така и до внесување  здрава храна. Овој животен стил придонесува за поседување  идеална форма на тело.

BETTY: Начинот на исхрана е еден од клучните фактори за достигнување успех во спортските перформанси. Со оглед на тоа што сте дел од две сосема различни спортски сфери, кој начин на исхрана го практикувате?

Едина: Точно, кошарката и бодибилдингот се две тотално различни сфери кои имаат потреба од сосема различен начин на исхрана. Поради повредата со која се здобив минатата година која ми направи голем проблем на професионален план, моментално не се натпреварувам во ниеден спорт. Како и да е, и покрај сè физичката активност е сè уште дел од моето секојдневие. Моментално начинот на исхрана кој го практикувам е повеќе осврнат кон веганска храна, што значи свеж зелечук, овошје, готвени јадења од типот на леќа, грашок, снапаќ, грав итн. Тука се и полнозрнестите житни растенија, како и разните семиња и јаткасти плодови.

BETTY: Дали некогаш држите диета и дали целта на диетата е да намалите телесна тежина или да ја зголемите мускулната маса?

Едина: Само додека се подготвував за бодибилдинг натпревар, можам да кажам дека бев на многу строга диета која целеше кој изградба на мускулна маса и топење на телесни масти. Оттогаш, не  сум на толку строг режим на исхрана, но секогаш посветувам  внимание на дневниот калориски внес, како и изворите од кои ги внесувам тие калории. Се разбира дека понекогаш знам да внесам нешто што обично и не го јадам, но тоа не се случува баш често и во големи количини. Многу е важно да се пронајде соодветниот животен стил и храната која ѝ одговара на една личност, со цел таа личност да може да стане активна и да не се чувствува како да е на диета, туку едноставно тоа да прерасне во начин на живот.



BETTY: Изгледате дека сте доста темпераментна и енергична личност. Има ли денови кога едноставно ништо не сакате да правите или, пак, се трудите да најдете начин за мотивација?

Едина: Да, точно е дека сум доста хиперактивна личност, и дека денот ми е исполнет со активност од часот кога ќе се разбудам па сè додека дојде време за спиење. Имам доста енергија која гледам правилно да ја насочам. Како и да е, се разбира дека има и денови кога едноставно ми треба и одмор. Доколку временски ми е овозможено да направам пауза и да одморам, тоа и го правам, но има и денови кога едноставно мора да го издржам тој напор. Со оглед на тоа што во моментов секојдневно тренирам, работам, сум на магистерски студии, како и дел од еден голем проект, речиси секој ден ми е целосно исполнет со цел да го дадам максимумот во секое поле. Искрено не сум размислила што точно ми помага да ги издржам напорните денови, но мислам дека таа навика да издржам и кога ми е тешко и кога сум преморена е од кошарката. Едноставно како на кошаркарски натпревар или тренинг, кога мораш да го издржиш тренингот или натпреварот без разлика колку си уморен, мислите не ги насочуваш кон уморот туку кон целта и работата која треба  позитивно да ја завршиш. Тоа е една од многуте позитивни особини кои ни остануваат од занимавањето со спорт.

BETTY: Доколку велиме дека здравиот начин на исхрана треба да се претвори во начин на живот, како се стекнува таа навика? Постои ли некаква математика на калории или, пак, има одредени намирници кои треба да ни бидат дел од секојдневните навики?

Едина: За да се стекне некоја нова навика, потребна е една искрена и силна желба за тоа да се случи. Доколку не сте доволно решителни околу таа промена, може да прерасне во тежок чекор кој води кон неуспех и разочарување. Како и да е, сè додека искрено посакувате нешто и сте подготвени да го издржите и тешкиот период што  следува, тогаш нема навика која не би можеле да ја усвоите. Точно е дека за секоја промена да стане навика е потребно време и трпение, и да верувате во процесот. Според мене, тоа е моментот кога луѓето одлучуваат да се откажат или да продолжат понатаму. Постојат одредени формули за пресметување на потребниот калориски внес за една индивидуа од зависност од одредени параметри, како и од нивото на физичка активност, но има и други фактори кои влијаат врз композицијата на телото во зависност од тоа која цел сакате да ја постигнете. Тука станува збор за соодносот на нутритивните вредности (масти, јаглехидрати, протеини), како и обемот и тајмингот на оброците. Секоја личност е различна по себе, и тоа што можеби дава резултат кај една личност, не значи дека ќе одговара и за друга личност. Мој совет за сите оние кои сакаат да направат ваква промена во својот живот е најпрвин да се осврнат кон мали промени, како што е  постепена елиминација на шеќер или белиот шеќер да го заменат со свежо овошје, да елиминираат консумирање брашно и бели пецива со тоа што ќе ги заменат со житни растенија од цело зрно, како што се овес, хељда, киноа итн. Газираните и густите сокови да ги заменат со чаеви, природно цедени сокови и повеќе вода. Не сум поддржувач на сите оние диети кои кружат по интернет, кои носат краткотраен резултат кој се губи. Причината е поради тоа што сè што не се одржува и не е начин на живот понатаму се губи, во кој било аспект од животот. Поради тоа, јас моите клиенти ги охрабрувам да изградат здрави навики за вежбање и исхрана, кои ќе станат дел од нивните животи и ќе ги практикуваат и понатаму.

BETTY: Дали имате време кога се посветувате само на себе и како го користите? Што за Вас претставува квалитетно минато време надвор од терените или од теретаната?

Едина: Секако дека наоѓам време да посветам на самата себе. Иако вежбањето во теретана многумина го сметаат како моја работа или професија, сепак, тоа е нешто што го правам за самата себе. Тоа е моето слободно време за кое јас секојдневно одлучувам да одвојам барем еден час од денот, со цел да живеам еден здрав начин од кој и тоа  како имам корист. Јас сум доста активна личност, па затоа моето слободно време најчесто го поминувам со некоја активност, како, на пример, пешачење на Водно, играње тенис, прошетки во парк. Има и денови кога навистина сакам да се одморам, па тогаш најчесто знам да пуштам некој добар филм, да играм карти, или, пак, да одам со пријателите на пријатна вечера.

Како и да е, сите овие активности гледам да ги правам во друштво на најблиските. За мене е многу важно времето поминато со луѓето кои ги сакам, бидејќи тие ми се изворот од кој собирам позитивна енергија.

BETTY: Која е разликата помеѓу вежбање во теретана и вежбање во природа?

Едина: Физичката активност, без разлика дали е изведена во теретена или во надворешни услови, носи голема користти врз здравјето на човекот. Разлики помеѓу вежбањето во природа и во затворен простор секако дека постојат, но не значи дека едното е подобро од другото. Вежбањето во природа, посебно во добри временски услови и тоа како може да го подобри расположението на спортистот/рекреативецот со тоа што го намалува стресот, го зголемува чуството на ревитализација, како и нивото на енергија. Вежбањето на отворено има севкупен позитивен ефект врз виталноста, како и на вашето чувство на ентузијазам. Докажано е дека времето поминато надвор придонесува за превенција на зголемување на телесната тежина кај децата.

Како и да е, доколку одлучите да вежбате во природа, треба да обрнете внимание на временските услови. Екстремната топлина или студ можат да предизвикаат многу проблеми. Како, на пример, доколку многу се потите во текот на летото, од голема важност е да ги познавате симптомите на дехидрираност. Додека, пак, во зимските периоди е потребно соодветно да се облечете со цел да останете загреани, како и да бидете запознаени со раните знаци на хипотермија. Голема улога игра и загаденоста на воздухот. Доколку живеете во предел каде што воздухот е загаден, подобро е да се префрлите во најблиската теретана со цел да ги избегнете респираторните проблеми, како астма и алергии, кои се предизвикани од страна на загадениот воздух.

Вежбањето во теретана овозможува одлични услови за вежбање, како и можност за изведување различни вежби со помош на многуте справи и реквизити со кои самата теретана располага.  Исто така, во секоја теретана се достапни  и фитнес инструктори кои се тука за сите оние кои имаат потреба од дополнителна помош или асистенција.



BETTY: За да се постигне физичката подготвеност, важна е и психичката подготвеност. До сега имате настапувано на голем број кошаркарски натпревари, како и на натпревари од областа на фитнесот. Што е она што Ве прави стабилна, сконцентрирана и психички подготвена пред настап?

Едина: Тоа што мене ме прави стабилна, сконцентрирана и психички подготвена пред натпревар е  целиот тренажен процес поминат во подготовки за натпреварите што следуваат. Мојот татко, а воедно и мој тренер, отсекогаш ми велеше: Тренирај толку напорно што натпреварот ќе ти биде лесниот дел. Токму тоа и го практикував. Едноставно, знаев колку многу  вложував секој тренинг, најчесто и многу повеќе од останатите, и токму тоа ја изгради мојата самодоверба на терен. Едноставно натпреварот го сметав за време и место каде што можам да го покажам целиот мој труд и работа, тоа беше моето време да се докажувам и да победувам. Отсекогаш сум верувала дека тренигот си го прави своето и дека не можеш да очекуваш да бидеш најдобар а да вложуваш исто колку и останатите.

BETTY: Имавте можност да студирате кинезиологија во Америка. Ова е наука за движењето кое при следењето на мускулите се обидува да ја пронајде нерамнотежата во телото. Дали имате некакви планови за во иднина во ова поле?

Едина: Kинезиологијата е наука за движење на човечкото тело и таа се однесува на физиолошки, биомеханички и психолошки динамични принципи и механизми на движење.

Кинезитерапијата, пак, ги користи овие принципи на кинезиологијата за да им помогне на пациентите да ги исполнат своите цели или, пак, да заздраватод повреда. Иако кинезитерапијата и физикалната терапија имаат за цел да им помогнат на луѓето да ја подобрат својата целокупна благосостојба, користените техники често се разликуваат. Физикалната терапија вклучува вежби и употреба на ултразвуци, медицински алатки,  масажи итн., додека кинезитерапијата се осврнува кон употребата на принципи на вежбање со цел да им помогне на пациентите да ја подобрат својата подвижност, сила и издржливост. Познавањето на кинезиологијата ми е од голема значајност во тоа што денес го работам. Додека пак кинезитерапијата отсекогаш ми била од голем интерес со оглед на тоа што многупати сум ја практикувала во процесите на заздравување  од повреда. Би сакала да посветам повеќе внимание и дополнително да се едуцирам во овој домен, со цел да можам да помогнам на оние кои поминуваат низ процес кој и јас самата сум поминала.



BETTY: Со оглед на тоа што играте кошарка од Вашите шест години како ученик на Вашиот татко, како би ја опишале важноста на спортот во развојот на децата?

Едина: Занимавањето со спорт е од голема важност за растот и развојот на едно дете. Физичката активност од најрана возраст поттикнува правилен раст и развој на телото, ги зајакнува коските и мусклулите, ги подобрува моторичките способности (агилност, баланс, координација, сила и брзина), концентрацијата и работата на мозокот.

За жал, во денешно време гледаме сè повеќе деца кои имаат голем недостиг од овие способности кои подоцна во животот најчесто резултираат во посериозни здравствени проблеми. Здравствените проблеми стекнати во повозрасна возраст како резултат од неактивност се многу покомплицирани и многу потешко може да се влијае на самиот проблем. Поради тоа, ги советувам а воедно и ги охрабрувам сите родители да ги насочат своите дечиња кон спорт со цел да можат правилно да растат и да се развиваат. Покрај здравствените придобивкиод  спортот, кои на многумина од нас ни се многу добро познати, има и многу други кои,  исто така, се  од големо значење. Јас растев со кошарката, со неа патував по светот, запознавав нови луѓе, се едуцирав во Америка, научив секогаш да се борам за тоа што го сакам, и кога е најтешко да не се откажувам, и кога ќе паднам да знам како да се исправам, да соберам сили и повторно да продолжам. Ме научи како да се грижам за луѓето со кои работам, секогаш да можам да најдам начин да комуницирам,  како и да се приспособам во дадена средина со одредени луѓе.  Спортот ме има научено на сè што сум денес, како на професионално поле така и во приватниот живот. Најблагодарна сум на мојот татко што спортот го направи дел од мојот живот, и што од најрана возраст ме научи на здрав начин на живеење.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>