Интервју – Искра Канзурова: ВО ЖИВОТОТ БИДЕТЕ АНАНАС
февруари 1, 2020
|
Позитивноста на луѓето извира од нивниот поглед, начинот на зборување, размислување и зрачи со енергија за која недостасуваат зборови кои би можеле да ја опишат. Токму таква е Искра. Спонтана, искрена и без комплекси. Пред екраните ја гледаме во издание кое што не се разликува од она што вистински е таа и кога ќе се исклучат камерите.
Дека среќата во друштво на ваквите луѓе е заразна, се виде и за време на интервјуто со оригиналната Искра Канзурова, која беше во друштво на своите деца. Уживавме, се забавувавме и се смеевме. Исто како што прават гледачите на ‘Добар ден, секој ден’ секој работен ден од 15.00 до 17.30 часот.
Вашиот нов телевизиски ангажман кој трае речиси три часа во денот има оригинален концепт и го следи вашиот динамичен и забавен карактер. Дали сите работи што ги гледаме на малите екрани се детално испланирани или пак се случуваат спонтано?
Секогаш мислев дека среќа е кога своето хоби ќе го претворите во професија и за прв пат во мојот живот навистина го правам она во кое што уживам. Емисијата ја подготвува цел тим на Алфа Тв. Заедно го смислуваме целиот концепт и игрите кои што се дел од истиот. Мотото на ‘Добар ден, секој ден’ е; малку мубает, многу забава. Обично за емисиите кои што се емитуваат секој ден се вели дека стануваат здодевни со гости кои што постојано се повторуваат и ние сакавме да докажеме дека и со тие гости, може да се постигне нешто различно и многу забавно. Додека ги планираме активностите со тимот, се претвораме во вистински деца. Или пак можеби и никогаш не сме пораснале (се смее). Заедно ги смислуваме, заедно ги пробуваме и заедно се смееме. За нас, колку се пооткачени игрите, толку подобро. Слободно можам да кажам дека во тимот владее креативна, творечка и слободна атмосфера, без некакви ограничувања. Секако, секоја емисија се издвојува со неиспланирани работи што всушност ја прават емисијата уште позабавна.
Колкав дел од вашиот ден може да го посветите на себеси?
Нашиот? Обично не сакам да ме персираат бидејки тоа создава дистанцирање со соговорникот (се смее). Во денот имам неколку минути, дури секунди само за себе. Нула кома нула процент би рекла... Шега на страна, искрено единствениот дел од денот кога останувам сама со моите мисли е времето кога возам до работа и кога се враќам назад. За среќа имам долг пат и тогаш можам да размислувам, да зборувам и да се карам сама со себе.
Што значи да се биде мајка на две мали деца?
Велат дека децата се богатство. Искрено, јас би ја преформулирала реченицата дека децата чинат богатство. Се шегувам, но навистина е така. Животот не би можела да го замислам без Матеа и Меглен.
Кој дел од домашните обврски постојано го избегнувате?
Не пеглам. Немам ни даска за пеглање. Сметам дека тоа е тотално непотребно. И гледачите знаат дека рерната не ми работи. И славевме годишнина пред некој ден и мора да признаам дека не ми недостасува. Се храниме здраво, не готвиме. Претежно јадеме свежа храна. Кога сме веќе кај храната, би додала дека во последно време, ќерка ми Матеа почна да ни забранува газирани пијалоци, пржена храна...Кога одиме во маркет таа секогаш ги чита описите на производите и ни кажува колку шеќер и колку калории има во нив. Бидејки на училиште имаат предавања за теми како здрава исхрана, гледам дека тоа многу позитивно почна да влијае, така што ако до сега ние ги учевме децата како треба да се храниме, дојде време кога они почнуваат да ги учат родителите.
Колку им робувате на постојаните совети за убавина? Дали верувате дека со повеќе нега ќе го подобрите вашиот изглед или пак вашето здравје?
Верувам дека повеќе нега никому нема да штети, но јас не сум од оние кои им робуваат на трендовите за мода или пак нега. Единственото нешто кое го практикувам цел живот е да ја избришам шминката пред да си легнам. Останатото е користење на бебешки креми и водење грижа за основната хигиена. Филери, колеган, коензим...јас едвај можам да ги изговорам, а не па да знам што значат.
Вечната борба на 14ти февруари; што прославувате? Денот на вљубените или пак на виното?
Кај нас дома за сега се слават само родендените на Меглен и Матеа, моите деца. 14 февруари е само уште еден обичен ден во кој што можеме да покажеме љубов и да се напиеме чаша вино, како и во сите останати денови. Со количината на љубовта не сме ограничени, но за виното, секако, умерено.
Што е она со кое ја негувате врската со вашиот животен сопатник?
Не би знаела како да го дефинирам негувањето но се додека секој партнер води грижа за другата страна и го почитува туѓото мислење, верувам дека ќе има фер и нормален однос во својата врска. Не верувам во формули и математики затоа што сите имаме различни карактери и затоа што никој од нас не е совршен. Клучните зборови во една врска за мене се компромис и баланс.
Ведар дух и оригинална смисла за хумор. Што мислите, како ве доживуваат луѓето околу вас?
Не би можела да кажам како ме доживуваат луѓето мене, но можам да кажам како ме доживуваат гледачите. Тие се толку искрени и отворени со мене и тоа навистина ме прави среќна. Кога сме кај најблиските, тие обично не ми се обраќаат до првото утринско кафе (се смее) и мора да признаам дека тоа одлично ни функционира.
Ако треба да ве опишеме со некој од следните овошки, кое овошје би било тоа и зошто? Портокал? Лимон? Ананас?
Дефинитивно ананас. Цврста од надвор, мекодушна од внатре и секогаш со круна на глава.
Како ги воспитувате вашите деца? Кој е најважниот совет кој им го давате со цел да им укажете на важноста на здравиот начин на живот?
Она кое што за мене е најважен дел во здравиот начин на живот е спортската активност. Матеа веќе долго време оди на балет, додека Меглен игра фудбал. Мислам дека се додека од мали нозе ја научат дисциплинираноста на спортот, ќе знаат дека активното тело е здраво тело.
Знаеме дека имавте можност да живеете во повеќе различни европски држави како Англија, Чешка, Германија...Дали сте гурман и која светска кујна ја сакате најмногу?
Кога ќе размислам, италијанската кујна е најблиску до мојот вкус. Не се сметам за гурман, не јадам месо но сепак не би сакала да се дефинирам како вегетаријанец. Би рекла дека балканската кујна ми е претешка. Не можам да јадам месо бидејки кога јадам не можам да заспијам. Едноставно мојот организам има потешкотии при варење на месото.
Доколку магично стапче кои 3 работи би сакале да ги направите?
Првото нешто што би го направила со магичното стапче, доколку не звучам како девојките што се појавуваат на изборите за убавина, е да им ставам повеќе насмевка на лицата на луѓето. Сметам дека тоа навистина ни недостасува. Второто нешто е да го запрам времето кое лета пребрзо. Или барем да го успорам...Трето, од интернет би нарачала уште 30 магични стапчиња.
Голем дел од Вашите колеги ги слушаме и на радио. Дали некогаш сте размислувале на радиото како медиум во Вашата кариера?
Со сета почит кон сите мои колеги, не знам дали би се пронашла во таа улога. Иако сметам дека радиото е медиум кој има далеку повеќе можност да опстане покрај телевизијата, мене не ме привлекува. Имав можност да гостувам во радио емисија и тоа ми даде чувство како да зборувам сама со себе. Слично на моментите кога се возам сама во автомобил.
Дали постои нешто за кое што се каете во Вашиот живот?
Уф да...Многу...Од каде ли да започнам? Се шегувам. Нема никакво фајде од каењето бидејки немаме можност да смениме нешто. Сепак во животот секогаш треба да гледаме напред и да не се навраќаме на минатото.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2020).
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци