Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју – Младиот фудбалер Еннур Тотре

јули 2, 2020

|



1. Кој е Еннур Тотре надвор од фудбалските терени?

Надвор од фудбалските терени се обидувам да бидат скромен како и сите други, бидејќи сакам повеќе да бидам посветен на семејството и пријателите. Секако дека водам дисциплиниран живот како и сите професионални спортисти, со тоа што своето слободно време практикувам да го искористам за одморање.

2. Како го поднесе карантинот со оглед на тоа дека спортистите важат за многу физички активни луѓе?

За жал, на глобално ниво минуваме еден навистина несекојдневен период од нашите животи. Пандемијата со Ковид 19 нè принуди да направиме одредени промени во нашите животи, нашите секојдневни навики и да се адаптираме и приспособиме кон новонастанатите услови за живот. Најтешко беше на професионално поле, бидејќи тоа што го работевме од дома, никако не може да ја надомести колективната работа која е неопходна за тимските спортови. Сепак, моравме да ги почитуваме условите кои налагаа огромно внимание на нашето здравје и физичката подготвеност. Покрај сите тешкотии, сметам дека од целиот овој период најубавото нешто беше тоа што имавме можност повеќе време да посветиме на своето семејство.



3. Колку е менталната дисциплина важна во фудбалот, но и во животот воопшто?

Менталната дисциплина е премногу важна за секој професионален спортист. Ментално стабилната и силната личност секогаш може да даде повеќе од себе за својата професија. Како и останатите спортови, така и фудбалот бара стабилна ментална состојба, во и надвор од терените.

4. Која е твојата тајна за одржување на кондицијата?

Неуморното работење, дисциплина за време на тренинзите и по нив, спортскиот начин на живот, здравата исхрана и соодветниот начин на одмор се основните фактори кои  влијаат на мојата кондиција. Ова се компонентите кои кога се спојуваат даваат позитивни резултати.

5. Дали имаш посебен начин на исхрана?

Искрено, сметам дека сите професионални спортисти внимаваат на својата исхрана – така и јас се трудам да се хранам со енергетски богата и здрава храна која ми помага во одржување на идеална телесна тежина.



6. Дали следиш нечиј режим за здрав живот од оние на светските фудбалски ѕвезди?

Секако дека следам одредени режими за здрав живот по примерите на светските фудбалски ѕвезди. Во ова време на технологија и лесната достапност до информации кои ни се потребни и нè интересираат, преку Интернет и социјалните мрежи ги следам сите актуелни случувања и спортисти. Искрено сметам дека следењето на најдобрите светски примери е од голема корист за секого.

7. Што е тоа што ти пречи во светот на фудбалот?

Најмногу ми пречи присуството на голем број неискрени луѓе кои се дел од светот на фудбалот. За жал, сведочиме на многу случаи кога одредени личности успеваат да стигнат до фудбалерите и да ги злоупотребат. Сепак, тоа се појави и на светско ниво, така што наше е да останеме професионални и будни, да дадеме сè од себе за време на натпреварите и да ги освоиме срцата на навивачите.

8. Која е посебната моќ на „Шкендија“ како фудбалски клуб?

Тимската поддршка и меѓусебната хемија меѓу фудбалерите е она што го прави тимот силен и успешен. Ние како тим се трудиме да ја задржиме позитивната енергија меѓу нас. Со огромна почит кон играчите кои доаѓаат од најразлични места, во „Шкендија“ секогаш владее хармонија и разбирање.

9. Од кој фудбалски клуб од светски ранг би сакал да си дел во иднина?

Верувам дека секој фудбалер има свој сон и желба да се испроба во некоја посилна лига. Секако дека до врвот се стигнува со многу труд и упорна работа, затоа убавите резултати не се постигнуваат преку ноќ. Потребен е добар план и постепено поминување на одредени нивоа во својата кариера. Би кажал дека и мојот сон е да бидам дел од некоја од првите топ 5 европски лиги и натпреварувања – што се сметаат за кремот на фудбалот.



10. Имаш ли совет за нашите читатели како да си го подобрат здравјето и да останат во добра физичка кондиција?

Здравјето е најважното нешто за кое секогаш треба да водиме грижа. Правилниот начин на живот, добрата исхрана, спортските активности – без разлика дали на професионално или, пак, на рекреативно ниво се дел од работите кои придонесуваат за здрав начин на живот. Потребно е да знаеме дека нашето тело бара физичка активност  за наше добро, затоа секогаш треба да одвоиме време за неа. Покрај тоа, не треба да заборавиме дека квалитетот на сонот, исто така, е исклучително важен. Во кратки црти, за подобрување на здравствената состојба и за добра физичка кондиција, правилната исхрана, физичката активност и соодветниот одмор имаат огромна улога.

Еден од клучните играчи на ФК „Шкендија“, Еннур Тотре, кога станува збор за здравиот начин на живот со големо внимание ги следи примерите на светските фудбалски ѕвезди. Верува дека својата енергичност и добра кондиција ги должи на квалитетниот сон, секојдневните спортски активности, како и дисциплината и љубовта кон фудбалот.

Младиот надежен и талентиран Тотре сонува за уште поголеми успеси и верува дека неуморната работа секогаш носи позитивни резултати.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>