Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју – Остварените соништа на Елена Ристеска

декември 1, 2020

|

Шминка и фризура: Даниел Николовски

|



  1. Крајот на секоја година го доживуваме како момент во кој имаме можност да ги разгледаме сите успеси и неуспеси од изминатата и да си замислиме желби за новата година. Кои се миговите што ќе ти останат во сеќавање од оваа година?


Секоја година има своја содржина и нешта кои сме ги оствариле во неа, но единствено за 2020 вчудоневидена „кревам раменици“. Иако би сакала поголем дел од неа да го заборавам, сепак, ќе ја паметам по две нешта. Едната работа што ќе ми асоцира на 2020 е тоа дека е година во која буквално застана светот. А втората работа што ќе направи да ја запаметам 2020 засекогаш е лансирањето на мојот прв парфем и основањето на мојот прв бренд кој го нареков „ЕРА козметика“. Иако имав планови и веќе договорени штандови во трговски центри во Македонија и во неколку балкански држави, сè се сведе на онлајн продажба преку официјалната страница поради актуелната ситуација со корона вирусот.

Сè на сè, 2020 ќе ја паметам како година во која остварив еден од моите најголеми и долгогодишни сонови на професионален план, а тоа е основање на брендот „Ера козметика“.



  1. Што е она кое те мотивира и што те враќа во живот секој пат кога се чувствуваш помалку енергично?


Покрај тоа што мојот двигател во животот се моите најблиски, мајка ми, сестра ми и мојата внука Делфина и, секако, во најблиски спаѓаат и моите пријатели кои ми се голема мотивација и поддршка, сепак, постојат и други нешта кои ме инспирираат и ме прават среќна. Музиката е една од нив, која ме движи напред и како нејзин создател и како нејзин љубител.

Работата е таа која е дел од мене и без која се случува да западнам во депресија. Од мои 16 години работам и заработувам сама, тоа се скоро 18 години создавање зависност од работа, или некој тоа го нарекува создавање воркохолик. Кога работам се чувствувам жива. И, секако, кога најблиските ми се здрави, живи и среќни, тогаш и јас сум среќна.

  1. Често те гледаме во спортско издание на твоите социјални мрежи. Колку и на кој начин си физички активна?


За жал, во периодов не сум многу физички активна, иако тоа не е својствено за мене. Поради ситуацијата во која се наоѓаме фитнес центрите свесно ги избегнувам, ретки ми се долгите тренинзи во домашна атмосфера поради недоволно мотивација, а пешачење или трчање не се опција за мене во услови на вакво загадување во нашиот град. Единствено правам по некоја јога вежба додека сум дома. Така што останува да почекам подобри денови за сите нас, па да се вратам на мојата рутина а тоа е редовно вежбање: фитнес, јога, планинарење и понекогаш тенис.



  1. Особено во ваков период на вируси и настинки, на кој начин се заштитуваш и како водиш грижа за својот имунитет?


Грижата за имунитетот ја водам преку користење разни додатоци во исхраната, како што е руската чага, потоа користење хомеопатски лекови, разни витамини, а најмногу од сè балансирана исхрана богата со зеленчук и овошје. И, секако, во исхраната додавам џвакање на едно мало парче свеж ѓумбир дневно.

  1. Физичкото здравје директно влијае и на менталното здравје. Според тебе, кои се клучните работи што мора да ги негуваме за да го постигнеме посакуваниот баланс измеѓу овие два поима?


Клучна работа за одржување во форма на физичкото здравје е важноста да се сфати вежбањето како дел од секојдневните навики, како да речеме миење заби навечер и наутро, јадење, вршење  физиолошки потреби итн. Тоа се нешта без кои  не можеме да функционираме, така и кога станува збор за вежбањето треба да заборавиме на сите изговори дека не можеме да го применуваме. Автоматски вежбањето влијае и на менталното здравје. Сето тоа поткрепено со здрава и правилна исхрана креира еден совршен баланс за подобар живот. Секој од нас има свои навики, свои омилени спортови за поголема физичка активност, свои начини на ментална гимнастика. Но, според мене клучен е и балансот помеѓу работата и одморот. Без тој баланс ниту физичкото ниту менталното здравје ќе биде во совршена форма. Според познатиот писател Ошо, работата е важен дел од нас, но тој вели: секогаш одвојте макар еден ден во неделата посветен на одмор и на Бога. Ментална гимнастика за мојот ум е читањето книги и учењето јазици. Затоа балансот во сè е потребен.



  1. Која е најубавата здрава навика што би сакала да им ја препорачаш на читателите на BETTY магазин?


Една од најубавите здрави навики за мене е пешачењето. Па секогаш кога немам можност за поголема физичка активност, го користам секој момент за пешачење. Неважно е дали пешачам кога патувам во други земји или кога сум во Македонија, обожавам да пешачам над 10000 чекори дневно. Паметам кога бев во Њујорк пред две години, враќајќи се од студиото на Дуке Бојаџиев накај станот на мојата другарка пешачев сама скоро 60 блока, односно околу 4 саати, секако за да го разгледам Њујорк, но и за да го размрдам телото после долгиот авионски лет. Тоа ми е едно од најубавите искуства и едно од подолгите пешачења без престан.

Здрава навика ми е секое утро откако ќе испијам две чаши вода и кафе за будење, секогаш правам смуди кое содржи здрави состојки. Целиот тој утрински ритуал е за здраво работење на цревата. Интересно е тоа што сум секогаш „мултитаскинг“, па така додека пијам вода и кафе истовремено подготвувам распоред со обврски, па откако ќе се истуширам пијам смуди и во исто време се шминкам.

  1. Колку внимаваш на твојата исхрана и што мислиш за диетите?


Колку што ми дозволува брзото темпо на живот толку и внимавам на редовната исхрана.  А здраво се хранам уште од мали нозе, покрај убавата домашна храна подготвена од мајка ми, секогаш имав чувство кои здрави комбинации во исхраната да ги правам. Но, последниве години научив да не се оптоварувам со броење калории и режими на исхрана. Сепак,  добро е да се сфати дека исхраната е индивидуална работа. Па, така, начинот на исхрана треба да е во сооднос со интолеранција на одредени намирници, во сооднос со здравствената состојба и физичката активност на секој поединечно. Јас имам една навика која кај мене функционира и не значи дека ќе функционира кај некој друг, а тоа е дека после 19 часот не внесувам во организмот храна, туку само течности. Знам и често како голем љубител на благо да ги прекршам сите здрави навики. Но, генерално внимавам на комбинирање на состојките во исхраната, бидејќи комбинациите се она што е важно, не толку количината на храна. Водата е, исто така, забрзувач на метаболизмот.

  1. Колку имаш можност да одвоиш време за себе и како најчесто го користиш?


Кога сум со многу обврски во текот на денот станувам во 8 часот и завршувам со работа во 22 часот, понекогаш кога имам состаноци со луѓе во Канада и Америка се случува да работам и до 2-3 часот по полноќ поради разлика во временските зони. Но, секогаш времето за себе го оставам навечер. После топол туш и откако ќе ја извадам шминката, најчесто пред спиење си варам чај и читам книга, бидејќи за мене книгите се релаксација. Се случува многу често да немам време за себе во работни денови, освен во викендите. Бидејќи после тежок работен ден веднаш си легнувам,  а во такви денови немам време ни наутро кафе да испијам. Но, секогаш настојувам да имам баланс, па после такви интензивни работни периоди најчесто имам периоди на одморање.

Време за себе ми е и кога ќе отидам на фризер кај мојот стилист Даниел Николовски или кога правам нокти кај Лидија. Тоа се релаксирачки моменти, исто така.

Да бидам искрена, кога сум во полн ек на работата и кога сум возбудена поради нов проект во музиката или козметиката, се случува да заборавам на тоа време за себе.

  1. Кој ритуал го сметаш за задолжителен, кога станува збор за негувано женско тело и лице?


Погоре напоменав дел од моите дневни ритуали, но сите тие не би биле доволни доколку не создадеме ритуал кој ќе ни генерира внатрешен мир. Иако според мојата вера медитацијата не е прифатена, сепак, имам свој начин на кажување  молитва кој е еден вид смирување на душата и сталожување на телото, кој личи на медитација, но, сепак, е молитва. Молитвите за сè што ни е потребно и заблагодарувањето кон Бога за сè што имаме се навистина еден од најнеопходните ритуали за да зрачиме со внатрешна убавина, воедно и за да го лечиме духот. Надворешната убавина треба да се одржува, на телото му е потребна нега и грижа како што на лицето му е потребна вистинска  козметика и начин на негување. И кај мажите и кај жените е еднакво потребна грижата без разлика на генетските предиспозиции. Сепак, кај жените важно е и темелно чистење на лицето и задолжително вадење  шминка пред спиење, понекогаш и по некој третман. Но, сето тоа без негување на внатрешната убавина која прва се забележува на нашите лица е верувајте ми залудно. Се случувало да користам совршена нега за лицето и да се нашминкам одлично, а, сепак,  тага да ми извира од лицето, и сосема спротивна ситуација во која сум немала ни грам шминка на лицето, а сите ме забележале дека зрачам. Секако, резултатот на тоа е мојата внатрешна среќа и мир, кои магично се познаваат на лицето.

  1. Што за тебе значи „здрав начин на живот“?


За здравите навики зборував во претходните одговори повеќе, но ќе се надоврзам со нешто што е многу важно последниве години без разлика на ситуацијата со вирусот, бидејќи, секако, еден ден оваа пандемија ќе спласне. Па еден од здравите начини на живот е да се има време посветено на фамилијата, но и на пријателите. А не е добро затворањето во себе и со денови да не се напушти домот, не е продуктивно да се гледаат серии по неколку саати на ден освен со цел да се научи подобро некој странски јазик. Не е во ред што сме повеќе загледани во нашите телефони и повеќе живееме на социјалните медиуми отколку во реалноста. Најлошо од сè е да го трошиме времето кое ни останува на планетава Земја за ширење  омраза и негативна енергија.

Затоа што сето ова погоре набројано води кон болести кои се доста присутни меѓу луѓето како анксиозност и депресија. Без разлика на стравот кој го имаме од заразување од вирусот, поминувајте време во природа, во прошетки, во лечење на психата преку разни хобија и активности. Најубавата здрава навика од сите е да учите секој ден како да ја наоѓате среќата во себеси, а не да зависи вашата среќа од надворешни фактори.



  1. Кои се твоите желби за Новата 2021 година?


Моја желба е светот повторно да живее нормално, повторно да можеме да патуваме, да работиме и да живееме во нормални услови...  Да слушам само среќни приказни и убави нешта. Да излеземе од овој „брод што тоне“ како попаметни, подисциплинирани, посовесни, посреќни и поздрави. Човекот како единствено суштество кое има разум, свест и чувство за одговорност нема да дозволи овој брод да потоне.

Посакувам нова ЕРА за човештвото.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>