Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Билјана Дебарлиева – „Безвременска убавина“

март 1, 2022


  1. Речиси три децении гледачите пред малите екрани Ве доживуваат како дел од нивното семејство. Што е она што секојдневно ја храни Вашата мотивација за креирање нови содржини?


Навистина речиси три децении, следната година се одбележуваат точно триесет години од моето прво појавување на ТВ.  Како бројка звучи многу, ама мене чувството ми е како сè да поминало во еден миг. Многу емисии, многу проекти, а преку нив присутна во домовите на многу семејства, пред сè, редовни гледачи. Нивната почит секогаш ми дава мотив плус да го задржам истиот квалитет, дури да бидам и подобра, зашто како велат, годините си го носат искуството, ама уште поголема е одговорноста со секој изминат ден, месец, година. Човек учи додека е жив и исто толку треба да вложува во себе и во својата професија. Инаку, креативноста ја црпам од секојдневието, потребите и желбите на гледачите. Поинтересно е кога работите на разновидни содржини, тогаш не ви здосадува ниту вам, ниту на публиката пред малите екрани.



  1. Вашата совршена дикција и внимателно одбраниот фонд на зборови отсекогаш будел восхит кај гледачите. Дали сметате дека помладите генерации го имаат истиот интерес за негување и правилно користење на македонскиот јазик?


Се менуваат времињата, се менуваат генерациите, ама, за жал, морам да кажам, не на подобро, барем кога станува збор за негувањето на македонскиот литературен јазик, посебно од страна на јавните личности. Ние, лицата од медиумите сме тие од кои младите генерации треба да го земат примерот за убаво и правилно говорење. Треба многу да се работи, многу да се чита, да се практикува литературниот  говор  во секојдневието.  Имав среќа во четирите години од моето средно образование да имам професорка по македонски јазик која толку многу ми ја влеа љубовта кон македонскиот литературен  јазик, што беше одлична основа за она што потоа беше моја професионална определба, а ја работам до денес. Многу е важно прво да сакаш, а потоа и да го зборуваш и да го негуваш литературниот јазик, нешто што, за жал, помладите генерации сè помалку го практикуваат.

  1. Дали се сеќавате на Вашето прво појавување пред камерите? Кога би се навратиле во тоа време, има ли нешто што Ви недостасува денес?


Како не, го памтам како вчера да беше, збунета, исплашена, несигурна во себе, дали ќе прочитам како што треба. Се сеќавам дека 100 пати го прочитав текстот претходно и фокусирана само на зборовите и речениците, сум ставила маскара на трепките само на едното око, додека читав во живо еден прамен од косата ми паѓаше на лицето, ама јас не се помрднав, зашто најважно ми беше да прочитам точно, без да згрешам. Со текот на времето сè  станува рутина, па некои такви ситни работи не се ни битни, знаеш како да се справиш со нив во моментот. Во секој случај, остануваат убавите спомени од едни убави времиња за кои секогаш со задоволство зборувам!

  1. Имате професија која со себе носи секојдневни обврски поврзани со Вашиот физички изглед. Која е најважната навика која ја стекнавте за да се подготвувате брзо, а, сепак, тоа да изгледа беспрекорно?




Обврска која со леснотија ја прифатив како дел од мојата професија, моето секојдневие. Не е лесна и едноставна, зашто кај мене е рана утринска обврска да станеш кога ти е најубаво спиењето, да се нашминкаш, да се дотераш и да изгледаш одморено,  свежо, насмеано. Ама кога ќе го навикнеш биоритамот на организмот така да функционира, веројатно и полесно се извршуваат тие рутински обврски. Јас секогаш од дома излегувам комплетно средена и кога веќе ќе влезам во ТВ, со насмевка го упатувам првото добро утро до гледачите. Сакам да изгледам убаво и за мене и за гледачите кои некогаш случајно ќе ме сретнат и на улица.  Брзината на подготовка ја стекнав и со годините, верувајте дека буквално за 20 минути сум подготвена да се појавам пред камерите.

  1. Како би го опишале здравиот начин на живот и дали практикувате здрави навики?


Во последно време да, бидејќи сите сме веќе свесни колку е важно да внимаваме на здравата исхрана, физичката активност, добриот сон, помалку стрес и најважното, доволно вода во текот на денот, зашто буквално е потребна за секое делче од организмот добро да функционира. Јадам многу малку леб, ако има месо,  тогаш во комбинација со салата, сакам благо, ама веќе поредуцирано. Секако дека има исклучоци поради убави поводи да прекршам некое правило, ама гледам тоа да не биде често.

  1. На кој начин водите грижа за вашето лице? Дали имате некаква „тајна рутина“?


Немам некои посебни ритуали, освен редовно и темелно отстранување на шминката од лицето по работниот ден, нанесување крема, најчесто само ноќна оти така бара моето лице и типот на кожата, редовни козметички третмани за чистење и хидратација на лицето.  Последниве години дополнително внесувам и додатоци на исхраната  кои помагаат и придонесуваат за обнова на колагенот во кожата, за убав, негуван и здрав изглед. Мојата тајна, всушност, е насмевката, а насмевката кај секого комплетно го разубавува ликот.

  1. Сега веќе како родител на две возрасни деца, кое е најинтересното нешто што го научивте од нив?


Родителите треба да ги научат децата на основните вредности на животот и како велат, да ги изведат на вистинскиот пат. Денешново време е многу сурово, непредвидливо, со многу опасности, пороци, и родителот секогаш стравува за своето дете.  Но, и родителите треба да учат од децата, јас од моите согледав и научив дека во животот треба да ја користиш секоја можност и прилика што ти е дадена и никогаш да не се откажуваш од целта што треба и сакаш да ја постигнеш. Да покажеш храброст и одлучност во секоја ситуација, да држиш до својот став, да ја користиш секоја можност и секој миг. Зашто ако во моментот ти се даде шанса, а не ја искористиш, не знаеш дали повторно ќе ја имаш.



  1. Кажете ни нешто што публиката не го знае за Вас?


Мислам дека јавноста отприлика знае доволно за секој од нас, јавните личности, зашто колку и да ја криеш приватноста и да ја чуваш само за себе, не можеш секогаш да се скриеш од будното око на публиката. Многу сум емотивна, знам да пуштам солза и кога сум среќна и кога сум тажна. Не дозволувам некој да ми го расипе расположението со негативни коментари. Јас во суштина сум личност која постојано има насмевка на лицето, оптимист сум по природа и во најлошото гледам светла точка, и кога имам некаков проблем си велам: Чекај, застани, не се разочарувај, ќе се најде решение и за ова!



  1. Во месец кога најголем акцент е ставен на женските права, која порака би сакале да ја упатите до сите жени на кои им недостасува мотивација и храброст за остварување на нивните соништа?


Им порачувам да бидат свои, храбри, одлучни, да се сакаат и почитуваат себеси, за да бидат сакани и почитувани и од околината, пред сè, од најблиските, а потоа и од сите останати во нивното опкружување! Да не се откажуваат од ништо, да го живеат секој миг од животот со  широко отворени раце, да се негуваат, да балансираат во секоја ситуација носејќи мудри одлуки, да уживаат во сите убавини што се пред нив и да бидат вистински столб на семејството!

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>