Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Давид Мукка – „Ако го следиш актуелното, тогаш доцниш“

ноември 1, 2021


  1. Доколку треба накратко да те опишеме, слободно можеме да кажеме дека си мултикреативна личност со повеќе таленти. Покрај твоите музички дела, те гледаме и како актер, сценарист, модел... Што ти претставува поголем предизвик и во што уживаш повеќе? Актерството или  музиката?


Не ги делам двете одамна. Од истото место црпам кога се изразувам преку музиката, глумата или пишувањето. Разликата е во тоа што музиката знае да се случува веднаш и во живо, а на филмот му треба време. Ама да одговорам на прашањето конкретно: на концерти во живо, на бина – ете таму се чувствувам најмногу на свој терен.



  1. Со што најмногу би сакал да бидеш препознатлив? Како сакаш луѓето да го доживуваат Давид?


Можат да ме доживуваат како сакаат. Јас се доживувам себеси преку музика, филмови, приказни и понекогаш глупости. Преку луѓето со кои и за кои творам. Сите преубави лица што доаѓаат на мои концерти или, пак, во кино или пред малите екрани. Нè има сѐ повеќе, различни сме и свои. Затоа сме овде, за да бидеме такви какви што сме и да покажеме дека тоа не е страшно, напротив, треба да се празнува. Се борам да бидам јасен дека е крајно време да работиме повеќе и да трачариме помалку. Мора да се освестиме дека поентата е да нѐ има секакви.

  1. Ти си човек кој верува дека концепти како минато и иднина не постојат и дека треба да се сконцентрираме на сега и тука. Што е она што нè прави сега и тука да се чувствуваме среќни?


Мора да си дозволиме да бидеме среќни, потоа да тргнеме каде било. Луѓето  си мислат дека прво треба да одат некаде или да направат нешто, па целта е да се стигне до среќа. Не, среќа е фактот дека се наоѓаме сега и овде. Среќа е некогаш дури и „ајде кога веќе мора океј, ќе станам од кревет“ само што на тие луѓе кои секој ден бираат така да ја манифестираат, ним им е потребна помош или нешто повеќе. Чиста среќа се и крофни, реално.

  1. Кои се твоите „здрави рутини“ без кои не можеш да го замислиш твојот ден?


Свирење, читање, фитнес и потрага по секакви авантури. Вистинити, како и измислени.



  1. Твојот брз темперамент се отсликува и на твоите проекти. Што е она што те релаксира кога „нe работиш“?


Кога си заљубен во работата те одмора и тоа што го работиш. Немам многу потреба од одмор. Уживам понекогаш и во истражувања неповрзани со уметност. Како, на пример,  мориња, спортови или наука. Гејмам, исто така, зашто често сум мегадетиште.

  1. Користиш различни алатки за да ја изразиш својата креативност и оригиналност. Од каде црпиш инспирација?


Кога барам инспирација – ја нема, кога сум поврзан со животот и имам што да кажам – сама ми доаѓа! Тоа е суперформула што досега ми функционира за да не создавам генерички песни или филмови.



  1. Особено во изминатата година беше присутен со многу различни проекти, кои ги кршат шаблоните. Еден од нив беше краткометражниот филм The Elephant. Како би го опишал искуството?


Незаборавно! Карактерите што ги глумев во тој филм ми зедоа премногу и ми дадоа уште повеќе. Тој филм е многу блиску до моето срце и пресреќен сум што беше толку интернационално препознаен. Оние што сè уште не сте го изгледале – погледнете го! Веќе  цел е прикачен на YouTube.

  1. Пред неколку месеци на Скопје му се случи премиера на трејлерот за акционата серија Black Ops, каде сведочевме гламур како во светските метрополи.


Едно од моите најзабавни доживувања. Луда приказна која сè уште не прекинува да се развива. Прилика да ја толкувам главната улога во серија исполнета со балкански манири, а глобални тематики. Рамо до рамо со прекрасната екипа и кастот. Џамбазов, Тамара, Били, Ана, Таско – мојот вечен непријател и сите други... едвај чекам да ја гледаме!

  1. Monsters е најактуелното последно нешто од тебе... 


Прв албум што го издавам како соло артист. Бескрајно сум среќен колку брзо го засакаа луѓе. Едвај чекам да го доживеат и во живо тие што не биле досега на концерти.



  1.  Сигурни сме дека пред себе имаш зацртано бројни нови предизвици во склоп на уште многу други возбудливи проекти. Дали можеш да ни откриеш за што се работи и какви трансформации и развој на креативните гледишта може да се очекуваат од Давид Мукка во блиска иднина?


Почнувам да свирам концерти за многу брзо време. Правам проби со Мартина Баракоска која секојдневно ме воодушевува како човек, артист и со нејзината способност да ѝ летаат палките од раце право во очи додека свириме. Веќе ѝ снимам нова музика што премногу ме возбудува. Очекувајте ги новите песни и спотови. Продолжувам со серијата Black Ops и уште еден филмски проект кој во моментов не смеам да го откријам.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>