Betty: Кои се некои од Вашите квалификации како доктор на хемиски науки и нутриционист и како се издвоивте во Вашата област?
Драгица: Одговорот на Вашето прашање е континуирана едукација, работа, истражување, истрајност и упорност. По завршување на докторатот на Природно-математичкиот факултет во Скопје, веќе бев вработена на Медицинскиот факултет и со прилично доста искуство во научноистражувачката област за што како доказ може да послужат многубројните трудови објавени во реномирани светски часописи.
Но, секако, за еден млад човек усовршувањето никогаш не престанува, па така почнав со истражувања и едукација во областа на интегративната медицина надвор од државата, со најголем акцент на нутриција, нутригеномија и додатоци во исхраната.
Тука следуваат многубројните соработки со компании од оваа област и соработка со многу странски здруженија.
Од едукација никогаш доста, па покрај професионалните обуки од областа на клиничката пракса, продолжив со напредната едукација за нутриција во професионалниот спорт во Барселона.
Морам да напоменам дека истражувањата во оваа област се многу важни за професионален напредок, па, така, дури и за време на пандемијата заедно со моите колешки од Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија при Медицинскиот факултет, а во соработка со други институти и клиники од Универзитетскиот клинички центар, продолжив да истражувам во полето на оксидативниот стрес, неговата поврзаност со разни хронични заболувања и улогата на антиоксидансите во неговиот третман и превенција.
Овој напор и труд во изминатиот период е вреднуван и сега нашите истражувања се видливи и може да се најдат на голем број научноистражувачки бази, а за тоа говорат и голем број покани за предавања на разни конференции од оваа област.
Betty: Кои се некои од најефикасните методи со кои сте се сретнале кога станува збор за помагање на клиентите да ги направат неопходните промени во животниот стил?
Драгица: Најважен е индивидуалниот пристап. Постојат многу методи што би можеле да се применат, но најважни се процената на клиентот, неговата здравствена состојба, неговите потреби и желби и очекуваниот резултат. Препораката треба да се персонализира и периодизира за да имате добар резултат и да биде проследена со соодветна ергогена помош.
Betty: Ви доаѓа клиент кој се жали дека се чувствувa уморен и надуен. Кои прашања му ги поставувате и какви промени во исхраната му препорачувате?
Драгица: Најпрвин треба добро да го запознаете клиентот во однос на неговиот дневен ритам и внесувањето храна, професијата и животниот стил, што има во моментот. Секако, треба да ја побарате причината за заморот и надуеноста. По потреба да се направат дополнителни тестови врз основа на кои ќе му креирате некаква препорака. Не е сеедно дали пред вас имате клиент што е здрав и млад или клиент во поодминати години и присуство на некое заболување, па ви треба информација и за терапијата што му е препишана од лекар, со цел да се избегнат можните интеракции на лековите со некои додатоци во исхраната или со храната.
Понекогаш можеби е доволно само елиминациска диета проследена со пробиотици и пребиотици, а понекогаш и многу посериозен пристап ако се работи за болести на гастроинтестиналниот тракт, па треба добро да ја пресме- тате количината внесени влакна во текот на денот или да се додадат некои ензими што ќе помогнат во варењето на храната.
Betty: Дали некогаш сте морале да му помогнете на клиентот да се здебели? Кои беа клучните компоненти што ги вклучивте во нивниот план за оброци за да им помогнете да напредуваат?
Драгица: Најголем процент од клиентите што доаѓаат кај нас се за намалување на телесната тежина. Но, секако, има и клиенти што бараат помош за зголемување на телесната тежина. Секако, по направените биометриски мерења и определување на составот на телото, ќе утврдите кој тип на храна треба да се потенцира во исхраната.
Генерално, се зголемува енер- гетската густина на храната и се вклучува поголема количи- на масти и шеќери. Всушност, се обидувам да им дадам концентрирана храна со голем број калории во помала количина и што почеста употреба во текот на денот. Во многу случаи се додава биолошки активна храна збогатена со некоја мултивитаминска формула и определни чаеви, кои ќе го поттикнат апетитот.
Betty: Каков план на исхрана би направиле за вегетаријанците? Можете ли да го објасните Вашето размислување за секој избор на храна?
Драгица: Овде се работи за личен избор, меѓутоа не смее да се заборави која е целта што сакаме да ја постигнеме, без разлика дали сте вегетаријанец или не. Она со што можеме да си играме, секако, се протеините, мастите и јагленохидратите, но од разни извори.
Вегетаријанската исхрана е прилично богата со шеќери, па треба да се обрне внимание на тоа кои од производите содржат сложени шеќери, да направите добра комбинација на протеини бидејќи постои опасност од недоволно внесување есенцијални аминокиселини и да немаме внесување полни протеини. Секако, треба да се направи калкулација за внесувањето храна со која ќе се поддржи добар процент на железо.
Од друга страна, пак, производите од животинско потекло содржат прилично заситени масти, особено црвените меса, па треба да се ограничи нивното внесување.
Овде, секако, може да имаме и друг проблем ако се земат предвид третманот и квалитетот на храната. Зеленчукот и овошјето се доста третирани со пестициди, хербициди итн., кои влијаат како ксенобиотици.
Животните, пак, се третирани со антибиотици и хормони, кои имаат биолошка активност слична на нашите хормони, па затоа во последно време сѐ почесто се зборува да се купува органска храна. Најважно е на секој клиент посебно да му ја пресметате количината протеини што треба да се внесе во текот на еден ден, да ја знаете неговата активност за да пресметате количина шеќери и масти. Затоа, каква било препорака да се даде, мора да се пресметаат макрои микронутриентите за да не дојде до малнутриција или недоволно внесување определни нутриенти, кои на долги временски периоди може да направат штета врз здравјето на клиентот.
Моето размислување е во насока на тоа дека треба да бидеме умерени во сѐ. Ние живееме во поднебје каде што имаме четири годишни времиња и разни потреби за разновидна храна во секое годишно време.
Нормално е ако живеете во постудени краеви, почесто да се јаде храна богата со масти, а во потопли, да не речам тропски области, да се јаде храна богата со шеќери.
Затоа, најчесто препорачувам антиинфламаторната исхрана, со поголем акцент на медитеранската исхрана.
Betty: Каков е Вашиот појадок во деновите кога знаете дека ќе Ви треба многу енергија? Каква храна им препорачувате на Вашите клиенти кои се жалат дека појадокот не ги заситува?
Драгица: Ако ви треба малку повеќе енергија, тогаш правилен избор би била храна богата со сложени шеќери, а ако сакате да бидете сити, тогаш изборот би паднал на повеќе протеин. Покрај храната што може да ве засити, многу е важно и движењето.
Правилото е следно: колку повеќе лептин во телото (протеин што се лачи од масното ткиво), толку помалку сме гладни. А за да го поттикнеме неговото лачење, потребна ни е малку физичка активност.
За мене не важи правилото дека појадокот е најважниот оброк во текот на денот. Најважни се дневниот ритам на клиентот и неговите навики.
Кога имам напорен ден проследен со многу активности до доцна вечерта, тогаш се обидувам да имам појадок и ручек и неколку ужини во текот на денот. Мојот избор може да биде јајца или киноа со овошје или овесна каша или смути со семиња, јаткасти плодови или само чај и доста течности.
Betty: Можете ли да ни кажете за случај на клиент со кој навистина се гордеете? Каква беше неговата ситуација и како му помогнавте да ги постигне своите нутриционистички цели?
Драгица: Не би сакала да звучи нескромно, но имам голем број задоволни клиенти во мојата 17-годишна пракса. Има случаи каде што намалиле дури и до 40 килограми од својата почетна тежина, имаме случаи каде што за кус временски период сме постигнале добра регулација на шеќерот, крвниот притисок. Доста клиенти добиваат препораки по некоја завршена хируршка интервенција или, пак, припрема пред интервенција.
За жал, во последно време имаме сѐ повеќе клиенти кои се борат со некое канцерогено заболување, па сум повеќе од среќна кога ќе слушнам дека добро ја поминале хемотерапијата или радиозрачењето без значителни нуспојави. Со нив се слушаме многу почесто поради природата на заболувањето бидејќи тие добиваат програми што траат многу подолго и знам често да ги менувам.
Имаме клиенти што долго време се на исхрана на секундарно ниво, каде што им е предложен животен стил што го следат со години.
Овде би ги споменала клиентите со автоимуни заболувања, каде што се бара малку поинаков пристап, почести следења и примена на разни протоколи. Дечињата што се борат со вишок килограми, заедно со нив навистина се гордеам на секој намален килограм.
Жените што се борат со своите хормони и ги следат препораките особено кога се спремаат за вештачко оплодување. Клиентите што се борат со постковид-синдромот и многу други. Навистина, сите резултати ми се драги и не би сакала да ги селектирам.
Резултатот од работата се гледа кога ќе ве побара некој нов клиент за термин, но по препорака на некој задоволен или кога ќе слушнете: ми рекоа барајте ја Зенделовска. Ете тука лежи среќата и вака се вреднува напорот што си го вложил.
Betty: Препорачајте им на нашите читатели како треба да се одржува здрав начин на живеење!
Драгица: Мојата порака е следна: универзална диета не постои како што не постои ниту универзална причина за дебелина или за кое било друго заболување.
Треба да бидеме умерени во сѐ вклучувајќи ја и исхраната бидејќи, како што рекол Хипократ, секоја прекумереност ѝ се спротивставува на природата. Направете промени во вашиот животен стил, хранете се поздраво затоа што, како што милуваат шаманите да кажат, болеста го напушта својот домаќин тогаш кога не може да го препознае.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Август 2022).